Куциот историчар

/, Литература, Блесок бр. 22/Куциот историчар

Куциот историчар

Во својата приземна куќичка, недалеку од тополите распоредени во два реда, со патрици под мишка, пристигна некаде приквечер, кога во градот се палеа првите светилки. Влезе во собата, со вперен поглед спроти вратата, што ја ползуваше и како кујна, и како спална. Веднаш ја доближи ноќната ламба во облик на круша, изгнасена од мувите, чија светлина за миг му го осветли целиот лик. Не му се покажаа веднаш двете веѓи, но доста беше да се воочи едната за да му се открие целата жолчка. Шеширот (лете и зиме го носеше последните десет години) го фрли немарно на каучот, додека очилата со дебели рамки, откако ги исчисти со парче тенок мешин обложен со мов, повторно си ги стави на очи. Со задоцнување седна во ќошето покриено со прав од каучот, кадешто седнуваше постојано – место помеѓу ноќната ламба со отворена портокалова боја и отворената фиока. Преоптоварен од безброј главоболки, кои постојано му нанесуваа грижа, потоа му го сврте грбот на пенџерето со инает. Воздивна гласно низ нос како да го искорнуваше гневот од градите, потоа со својата полуиспразнета рака извади од фиоката куп хартија: документи, ракописи и други дебели хартии, избледени од рацете на сонцето. Ги истури по килимот како што беше истурена светлината од ноќната ламба. Ни самиот не беше свесен кој ѓавол го натера да ги истури толку безмилосно токму хартиите над коишто имаше поминато добар дел од својот живот. По се изгледа, тоа го направи кога му згасна цигарата во усните. Можеби токму сега заедно му проработеа и срцето, и мозокот.
Одеднаш, неговите искривени прсти ги стави над истурените хартии со изрецкзни агли. Ги претури и ги испреврте како да го месеше тестото од својата памет, потоа моливчето го втисна во една од тие хартии со искривени бочни страни, чиј грб поодамна беше извалкан со кафе. Веднаш се присети дека кафето го истурил токму на оваа маса, кога неговата сопруга го собираше вешот по куќата за да се иссели неповратно кај своите родители. И покрај тоа, што со неа имаше поминато пет години во брак, никогаш не ја почувствува среќата. Се караа за ништо, молчеа за ништо, се закануваа за ништо. Во текот на караниците се забораваа зошто истураат толкав гнев кој превривал помеќу нив заедно со нивниот инает што им растеше како копитата од магарињата, зошто, зошто… На овој неприфатлив начин нивниот живот продолжи сè до онаа кобно попладне, кога професорот во сообраќајна незгода ја изгуби левата нога. Токму истиот ден, кога дозна за несреќата на сопругот, таа скрши главата еднаш за секогаш. Се премажи за друг човек, но се чини дека тој ѝ беше трет. Со секој од нив продолжи да се кара како со првиот и секому кој го наследуваше предходниот, му ги редеше карактерните вредности на оставениот.
Оваа дамка на кафето професорот го потсети на истиот оној ден, кога таа заедно со вешот најнапред ги исврли своите чевли на улица,потоа ид сопругот, додека нему и понатаму му крвареше ногата. Го потсетуваше на мигот кога таа зграбна едно бофче и, и треснувајќи ги вратите, исчезна како бура, по патот опколен со два реда тополи. Сега по четири години потполна самотија и непрекината умствена работа во мир, присакуваше да чепка по овие чкртања, онака како што кртицата ги буричка лупешките со шепите. Ова можеби само за да се заборават нештата, да се потсети на сеќавањата на бегалката. Му се причинуваше како да му се случува се токму денеска кога филџанот преполн со кафе, штотуку измелено го истури во тој миг, кога таа во знак на бес и омраза кон него, се реши да му ја изгори единствената кошула од бел диолен. Заедно со кошулата му ја стутка во печката и тетратката со ракопис од старата историја, на која што тој предано работеше три четири години. Во знак на осветољубие сред чело му го истури шишето со мастило и тоа со единствена намера да го ослепи. Ова се случи токму како денес пред истото огледало, во истата соба помеѓу мебел од ореово дрво.
Нему тогаш на раскрвавената нога и на предната страна на хартијата му се истури филџанот со неиспиено кафе. Кафето му се истури, а гневот му остана во срцето. Ги стегна вилиците од болка искорнувајќи едно влакно од мустаќите под носот. Само толку помнеше.
Професорот го сврте снопот светлина во насока на ракописот – прибелешки со две, дури и три бои, кон изгужваните документи, тука помеѓу двете корици од дебел картон, кои личеа на боја од исушена смоква, каде тој ги чуваше без некое изразено внимание нејзините писма, што му ги испраќаше од време-на време по разделбата со него. Ковертите ги чуваше неотворени, онака како што ги добиваше од поштарот. Една здодевна ноќ го прочита само последното писмо, што му го испратила препорачано. Го отвори некеко во гнев, кога ги доби двете рецензии од издавачката куќа, со коишто не се прифаќаа неговите ракописи, со напомена дека и фактите, и обработката не се точни. Ова писмо, помеѓу другите неотворени, го стави под глава, сосем изгужвано. Го положи на тој начин за да го потсетува на неговата бивша жена во однос на нејзината немарност и психичко растројство. Професорот во овој миг во полна осама се потсети на новиот ред, кој место да започне како вообичаено со Сакан или Омразен тој почнуваше со „Еј светски коњу, еј куц песу… како не ти се искрши и другата нога, море селско магаре!“
Отвореното писмо од бившата жена, писмо со доста невкусности, заканување и клевети поради срам го стави меѓу негативните рецензии на три страници со проред кога едновремено беше ожалостен и исмеан. Веднаш потоа стана со намера да ги истутка сите заедно: писмата, ракописите и документите. Ги опцу редум бившата сопруга, редакцијата, заедно со двајцата рецензенти и сите одеднаш ги фрли во огнот. Во долгиот јазик од овој огин заробен во печката изгоре и дневниот весник преполн со жални вести. Масакрирани деца во Виетнам и продажба на некои приватни вили на Јадранско приморје. Во собата свртена кон југ остана само прозорецот, и светлината од лампата и тага во очите.
Настана целосен молк. На ѕидната закачалка со испуштени ракави, искината јакна со две копчиња помалку, висеше неговиот капут: еден стар капут, што одвај му ги пикриваше колената. До капутот, исто така, во апсолутен спокој, стоеше налив перото „Пеликан“ над еден нов ракопис од старата историја. Бојата беше исушена сосема заедно со лебот од брашното тип 400 чинијата со грав, останат од пред три дена.
Токму во оваа приземна куќичка, во непосредна близина на двата реда од тополи, на пододминати години живееше професорот од ден на ден, бидејќи куќата беше предвидена да се урива до утре напладне, за да се на нејзино место изгради трафостаница за новата населба. Ден подоцна, рано в зори, пред да се појават титуларите во канцеларии, професорот се најде со двете раце во џебови, шеширот до ушите, и неизбричена брада пред канцеларијата за комунални работи.
– Јас дојдов! – прозборе кратко како во историјата.
Одговорниот подвлече една долга црвена линија, направи некои пресметки, ја заврши колоната од линијата и, од кога го погледна рачниот часовник, со цел да констатира дека уште не е време за работа со странки, ги прекрсти рацете. Но, поради настојувањето на професорот тој го прекрши редот, тврдејќи дека на овој начин ги крши правилата на званичните етички норми, триејќи ги брчките на чело се обрна кон професорот:
– Што барате? – праша лаконски.

АвторМурат Исаку
2018-08-21T17:21:54+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 22|