Кругот се отвора – надвор постои живот

/, Литература, Блесок бр. 16/Кругот се отвора – надвор постои живот

Кругот се отвора – надвор постои живот

Бесрамниот ôд на Времето ја нагазува Живата Творба. Ја влече уште побесрамно и посвирепо низ просторот во кој остава траги за себе, за минливоста која никнала длабоко во неговата суштина, а притоа и за вечноста на која завршува, ако воопшто може и да заврши, неговото чекорење.
И наеднаш, гигантски чекор во торжествената гозба на уништувањата – смртта. А наспроти неа – само мала творба на возбудливата случајност што се рони како стара спила од заплиснувањето на тегобните бранови, и без зрно надеж во чмај тоне во морската длабочина. Го наоѓа своето место далеку на дното, каде се стутулува бегајќи од гигантските димензии на севишноста олицетворени во загадочниот воден вилает, кој во истовреме е и живот и смрт, и постоење и апокалиптична пустош.
Човекот ги затегнува конците и од своите незнајни корени се нафаќа да плете лично јадро. Создава свој свет како единствено совршенство во несовршениот лик и облик на длабочината во која е фрлен. Се губи во очај и и потклекнува на својата проколната положба – да биде верен поданик на редот и постојаните законитости, заради свое а и сеопшто „добро“. Себе се вклештува во железен оклоп без трошка волја да ја спои секоја сопствена капка моќ и да се крене во поход против ништожноста, да тргне во витешка борба со зацртаната сурова шема. Ги покрива очите пред стварноста, која во неговиот видик лачи само горчила, закани, таинственост и отуѓеност, и се свива во својот замислен круг.
Предолги се лунѕањата од себе си до себе си та да не пукне нараснатата одбранбена кора. Се раѓа порив за потрага по нови, дотогаш несонувани патишта зашто врз сопствените се врежале само безброј стапки од јаловите талкања. Преобразувачката жива сила бликнува одеднаш од најжешките врутоци за да ги поколеба брановите што надвиснале над малиот човек. Каде што е почетокот на кругот, ако таков почеток и постои, започнува нов почеток, но во обратна насока, за да се стави бледило врз „убавиот“ ред и да се разобличи истиот како најголем неред. Па зарем е важно дали ќе го претвориме во руина? Барем да му ги разнишаме темелите, ако не друго, колку да докажеме дека не сме единствените со кревка природа. Можеби ќе останеме поразена страна во меѓусебната пресметка, но самиот предизвик ќе ја скроти морската површина и ќе ѝ украде грст од неимоверната снага за по неа да заездат белите едрилици на радоста и среќата.
Од пепелта ќе воскресне светлата половина на ова навидум стихијно битисување. Животот возгордо ќе си ја покаже титулата наречена Вредност, која му ја доделуваме ние нему, а и на себе. Навистина чудно, како едно бедно Ништо небаре со магија се претвора во големо Нешто.

АвторКристина Зимбакова
2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 16|