Тепање див зајак

Тепање див зајак

Денот им почна лошо.
И за зајакот тоа утро, пред изгрејсонце, штотуку заденето, почна лошо.
Ним најпрвин им се дупна гумата од автомобилот, а зајакот, откако загарите го скорнаа, една сачма го рани во левата бутина.
Но, да започнеме со ред.
Уште неразденето, тројцата: Брадестиот, Мустаклијата и Сопственикот на автомобилот тргнаа по габи. Како што тоа бидува во такви случаи, најпрвин се натегаа која насока да ја фатат, но накрај сложно се договорија за Крушевските планини. Кога веќе излегоа од градот, во автомобилот качија еден селанец кој од работ на патот со несигурна рака им даваше знак да застанат. Го поиспрашаа селанецот и тој им рече дека во близината на неговото село, а тоа беше селото Р., веднаш во ридчето кое не е многу големо, можат да се најдат купишта габи. Тие најпрвин се посомневаа да не да ги мами за да го одвезат в село, но селанецот имаше добродушно лице и смирено говореше пушејќи цигара што сам ја свитка од серт тутун кој веднаш им ги заштипе очите. Можеби затоа, а и заради првобитната нерешителност го послушаа и веќе на првата раскрсница, кога млечнобелата светлина го најавуваше утрото, ја заменија наумената насока. Во средината на селото Р. Се запреа пред колонијалната продавница, селанецот слезе, откако најпрвин посака да им плати за превезувањето, а тие широкоградо се насмевнаа одбивајќи ги понудените пари, во истовреме уште еднаш давајќи им ги потребните упатства каде најточно да ги бараат габите. Им рече:
– Ете, го гледате ли овој пат?
Тие му рекоа дека го гледаат. Ѕуреа во разлоканото асфалтно патче. Моторот на запреното возило еднолично брмчеше, а од отворената врата, на која селанецот дополу беше надвор, од полу внатре, влегуваше свеж утрински воздух.
– Да, точно така – рече селанецот. – Зад селото завршува асфалтот и започнува макадам. По макадамот ќе одите колку два километри и за сето време, крај патот ќе ги гледате бандерите.
– Ние не тргнавме да гледаме бандери – рече Брадестиот.
– Е, точно така – рече селанецот. Кога бандерите ќе го напуштат патот и ќе скршнат в лево, низ поле, вие ќе свртите десно покрај една ливада, по малку полошо патче, но за ова чудо (чукна со раката по каросеријата од автомобилот) тоа не е ништо. Од левата страна ќе ви излезе еден плот зад кој има куќарка, тука патчето уште малку се стеснува, но тоа за ова чудо не е ништо. (Пак чукна по каросеријата но сега посилно од првиот пат.) Оттука, уште пет минути и ќе му влезете во ридот. Но, тоа не е некој особено голем рид, како што ви кажав и понапред, туку малку поголемо ридче. До пладне ќе го претресете целото, ќе ги соберете габите и на враќање ќе ве чекам овде (покажа на вратата од продавницата) за да се напиеме по некое пивце. Важи!
– Бидува – му рече некој од нив.
Сè излезе токму како што рече селанецот. Патот навистина беше мошне лош, излокан од порои, но прооден.
Но, сепак не излезе токму така како што им рече селанецот.
Штотуку свртеа десно по потесното патче, кај плотот, пред куќарката што ја спомена селанецот им се дупна предна гума. Прв излезе Сопственикот на автомобилот, а по него и двајцата и се загледаа во клапнатото колце. Прв опцу Сопственикот, а потоа и двајцата изрекоа по една сочна пцовка. После тоа Сопственикот рече:
– Ами сега?
– Што сега? – рече еден од двајцата.
– Да го замениме со резервното – рече другиот од двајцата.
– Убава идеја – рече Сопственикот. Ама јас немам резервно тркало.
– Тогаш да го извадиме ова, да ја залепиме гумата и продолжуваме – рече првиот од двајцата. Вториот од двајцата пак предложи:
– Да го тргнеме автомобилот настрана и кога ќе се вратиме ќе ја лепиме гумата.
– Убави идеи – рече Сопственикот. Но јас немам ниту алат, ниту лепило.
Двајцата се фатија за главите и се засмеаја. Тогаш, во расправијата, не забележаа дека од зад плотот ги гледа една жена. И кога тројцата седнаа во тревата на работ од патчето, сега молчејќи, жената сè уште ги гледаше од зад плотот.
– А каде да го тргнеме автомобилот? – праша Сопственикот кој беше разгледал околу и заклучи дека од десната страна патот е обрастен со капини, а од левата, до самоти пат се простира плотот.
Молчеа и веројатно мислеа. Најпосле едниот рече:
– Најдобро е да го оставиме во дворот од куќава. А, што велите вие?
Додека некој од двајцата не рече ништо, жената сега, и пак без да ја забележат го претрча дворот и влезе в куќа.
– Така ќе мора – рече еден од нив, а другиот веќе го премина патчето и застана пред портата. Пред да се обиде да ја отвори, се замисли и рече:
– Да не има некое песиште..?
– Не биди будала – му рече Сопственикот – ако имаше куче досега ќе залаеше.
Портата беше забравена од натре. Тропнаа неколку пати. Никој не се јави. Тропнаа уште неколку, па уште неколку пати и свикаа:
– Газда!!!
Никој не се јави.
– Е, сме биле баксузи – рече Брадестиот.
– Кукање не помага – рече Сопственикот на автомобилот – ами мислете што да сториме. Тогаш од зад портата се чу женски глас.
– Кој тропа? – праша.
– Ние – во дует одговорија двајцата.
– Кои сте вие? – праша гласот.
– Луѓе, од градот – рече Сопственикот. – Ни се расипа автомобилот па сакаме да ве помолиме да го оставиме во вашиот двор.
– Што ви се расипа? – праша гласот?
– Ни се скнна гума од возилото, а не можеме да го оставиме среде пат – рече Брадестиот со малку лутина.
Тогаш замолчаа и чекаа одговор. И жената молчеше. Најпосле се огласи.
– Не може – рече.
– Како тоа не може? – се зачуди Мустаклијата.
– Така – рече жената. – Сама сум и никому не отворам.
Тројцата се загледаа. Како да сакаа да откријат кој од нив е сомнителниот заради кого нема да ја отворат портата. Но никој и со ништо не одаваше лоша особина. Брадестиот имаше благи црти на лицето и весели очи. Мустаклијата, сите го знаеа тоа, имаше добра душа, а Сопственикот беше пристар, мал човечец, човек кој имаше жена и дечиња. Тие беа луѓе кои од порано се познаваа, живееја во иста населба, се поздравуваа при средбите, но никогаш не дружеа. Така, ден пред овој, случајно седнаа на иста маса во маалската кафеана и нарачаа: една ракија, една мастика и еден коњак, ги испија, нарачаа уште еднаш, па уште еднаш и секој од нив плати по една нарачка. Така, научија по нешто за секого. Сопственикот беше во пензија заради инвалидност, Мустаклијата беше стар ерген, а Брадестиот вдовец.
Тоа го научија еден за друг додека седеа во кафеаната и најслучајно се договорија, денес, рано, уште неразденето да појдат по габи.
Ги тргнаа погледите еден од друг и ги спуштија рамењата што заради чудење ги беа подигнале. Сонцето веќе изгреа, а тие имаа планирано пред изгрејсонце веќе да бидат в шума.
– Еј! – викна Мустаклијата. – Отвори! Никој од нас нема да ти напакости.
Пак завладеа тишина ако се исклучат штурците и птиците што црцореа.
– Сигурно е, нема да Ви напакостиме – викна уште еднаш Мустаклијата.
Чекаа. Веќе разочарани тргнаа кон автомобилот настојувајќи да смислат нешто разумно. Тогаш се јави жената.
– Добро. Ќе ви отворам – рече.
Се чу најпрвин затворање на прозорец, потоа скрцкање на врата од куќата, тропот на налани во дворот и портата се отвори. На неа се покажа не многу млада, но убава жена.
Таа беше станала рано утрото, зашто денес е недела, 27 септември и празник: Возв. На Чесниот Крст (Крстовден).

* * *

Кога се закачија по ридот Брадестиот кој одеше пред нив радосно извика.
– Плева, вистинска плева!
Почнаа да ги полнат крошните. Одеа полека, нагоре кон сртот зад кој меѓу гранките ѕиркаше синото небо и беа пресреќни радувајќи се на секоја габа. Кога веќе речиси беа на сртот и намеруваа да префрлат од другата страна, оттаму, некаде од подножјето, припукаа.
Тогаш ловџиите, откако загарите го скорнаа зајакот, го ранија во левиот бут.
Кога се огласија пушките тројцата застанаа. Од другата страна до нив се погласно допираше лавежот на кучиња кои бркаат дивеч.
– Да застанеме негде на чистина – рече Сопственикот. Во честаров може да не заменат со некое животно па да нè изрешетаат.
Пушките уште еднаш се огласија, сега од поблизу, а лавежот беше посилен.
– Удриле нешто – рече Мустаклијата кога веќе излегоа на лединката, речиси на дофат од сртот. Во тој момент го здогледаа и зајакот кој, за чудо, кога ги виде не се тргна, туку трчаше право на нив. Позабави малку, на тројцата им помина крај нозе, се заврте, се врати, уште еднаш помина крај нив и се напика во џбунките.
Тогаш дотрчаа и загарите. Нивниот бодар трк и лавежот говореа за свеста дека се на вистинската трага. Но, кога дојдоа до нив, престанаа со лаењето, збудалено почнаа да душкаат околу, неколку од нив тажно зацвилеа зашто беше очигледно дека ја изгубија трагата. Предводникот, еден црн загар лавна силно, ги повика и другите и пак започна дивиот и сложен лавеж. Како стрели се спуштија прудолу. Но, сега не по вистинската трага, туку по трагите од тројцата.
Тројцата се погледнаа. Значи тоа сакаше да то постигне зајакот. И тројцата се израдува можеби затоа што видоа дека победата му припадна на слабиот, на тој кој до пред малку беше осуден и немаше никакви шанси. Одоздола, сега веќе оддалеку, до нив допираа лавежите во неслога, што значи загарите сфатија дека ја изгубија жртвата. Во тој момент, кога се чинеше дека зајакот се спаси, одозгора се покажа едно куцо куче кое заради сакатоста не можеше да ја следи групата. Дојде до нив, подушка околу и ја најде трагата. Лавна неколку пати силно, израдувано, а тоа сигурно значеше повик и за другите. Кучињата се одзваа одозлола, сега ги ускладија лавежите и сигурно е, во шумата одново започна бездушната потера. Тројцата само ги кренаа и ги спуштија рамењата, а лицата им се растажија. Тогаш на сртот се појавија и ловџиите. Беа осуммина. Пушките им беа в раце, подготвени за стрелба. Беа сигурни дека кучињата ќе им го донесат зајакот пред нишанот.
– Да не видовте ранет зајак, – праша првиот што стигна до нив.
Имаше голема глава и запенета уста.
– Видовме – рече најстариот од нив, Сопственикот на возилото. – Избега прудолу, а кучињата се пуштија по него.
– Нема да издржи долго, ранет е. Ќе искрвари и ќе ја изгуби силата. Само кучињата да не го растргнат.
Кога ловџиите тргнаа во насоката на лавежот, тој престана.
– Пту, мајката – опцу еден од нив. Најдобри пци во околијава, а еден зајак ги прави магариња.
Тогаш Брадестиот, речиси на дофат од себе, во грмушката го догледа зајакот. Левата страна му се црвенееше од крв. Неусетно им даде знак и на другите двајца и тие го видоа. Ловџиите не го гледаа. Им беше на дофат и сигурно е дека ако некој го догледаше, така приплатен и немоќен, премаленото животно ќе немаше веќе шанси.

АвторТрајче Крстески
2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 16|