Животопис како духовен патепис

/, Галерија, Блесок бр. 15/Животопис како духовен патепис

Животопис како духовен патепис

#1 Желбата, волјата, насилноста, копнежот, брзањето, амбицијата во уметноста – не сум сигурен дека победуваат. Тие особини, сè до една, подлежат на трошење. Уметноста трае. Нејзината повеќеслојност се одместува. Секоја споредба со она што го нарекуваме нормален живот е бесмислена; сево ова било напишано на латиница, на архаичен македонски јазик, со многу ситен ракопис, со графитен молив. Начинот на кој мислата е ставена на хартија, необичниот размер меѓу јазикот и писмото, што упатува на двојна културна припадност, изборот на малите букви што предизвикува напор за окото и обичниот молив, што како да повикува да биде избришан, сите тие навидум споредни материјални елементи испраќаат порака за човекот, за неговиот карактер и за неговата животна приказна. Помеѓу човечката скромност и уметничката самосвест, христијанското мирење и античкиот немир вграден во хибрисот како во идеја за креативно пречекорување на човековата мерка, сликарот Петлевски, и ќе додадам, мојот татко Петлевски – за себе одбра една ни малку лесна, но во краен исход спасоносна животна перспектива. Изнаоѓајќи ја уметничката и егзистенцијалната рамнотежа, својот личен златен рез, со мирна душа можеше да изјави: Јас не можам да бидам ниту помалку, ниту повеќе од она што сум. Моето сликарство е мојата судба.
#2 Записите што ги наведувам во овој текст не се од дневнички тип, зашто зад нив не стои поглед на животот како на хронологија на случувањата. Токму спротивно, зад јадрите, лапидарни изјави се крие субјект кој слабо верува во дијахрониската ниска на датумите, а историјата не сака да ја согледа поинаку отколку како автономна историја на човековите идеи, како вечен, трансисториски разговор на човештвото, во кое, токму како во едно писмо на Веберн од 1909. година, Шенберг може непосредно да дијалогизира со Платон, а Кант може да се појави покрај Краус и Кокошка, може да се добие одговор од Малер, но исто така, да се прими и неговото прашање. Во еден таков културен салон за збогатување на човековата духовна димензија, што се наоѓа надвор од историската логика на цивилизацискиот напредок од точката А до точката Б, секоја традиција има своја модерност, а секое доба свој Модернизам. Ако e единствениот вистински влезен билет за тој културен салон доследноста, интегритетот на творечката личност, тогаш за модернистите кои како и Петлевски верувале во талентот, цената за влезот во идеалното општество одбрано по сопствена мерка и вкус, морала да се наплати некаде.
Местото за наплатувањето, се разбира, е во сферата на секојдневноста, таму каде времето не се замислува поинаку отколку како хронологија на нормалниот живот.
#4 Мојата задача е да ви го предочам животописот на Ордан Петлевски, да кажеме, од прва рака, но своите читатели морам најнапред да ги предупредам дека тоа можам и сакам да го сторам само од двојна позиција на сведок, во која помалку ќе се повикувам на авторитетот на биолошкото наследство, а повеќе на природното право на интелектуалното наследство, онака како што низ историјата се воспоставувало во оние уметнички семејства во кои повеќе индивидуалности делеле ист животен простор. Во еден момент на моето лично интелектуално созревање кога животот со Петлевски престана да биде нужност во односот родител-дете, започна интересен, полемичен, но и нежен разговор со Петлевски ослободен од очекувања и присили, дијалог, што за моја утеха, трае и по смртта на татко ми. Како да се согледа вредноста на поединечното животно инвестирање и како да се одредат параметрите за животопис, зависи од процената и, би кажала, од темпераментот. Кога биографијата би се сведувала само на опис на патување по хоризонталната оска на егзистенцијата, од едно до друго случување, тогаш смртта, супериорна во однос на раѓањето и на кое било друго искуство, би била не само последна етапа на поединечната животна патека, туку и последен дострел на човечкиот напредок. Кај некои луѓе, спомнете си само за Пруст, едвај да може нешто објективно да се изнајде помеѓу се родил и умрел. Во животот на Петлевски не недостасувале случувања, но ниту силната потреба тие да се сведат на што помала мера. Мојот татко сопственото движење по линијата на нормалниот живот го забавил до крајност, до замисленото идеално тонење во едно статично средиште на самоосознавањето, од кое, дури по умртвување на дневните сензации можела совеста да се ослободи, етичката совест без која сликарот Петлевски не можел да ги разбере причините за уметничкото творење. Меѓу записите во црната тетратка го најдов и следното: Она што е за мене важно е – моралниот кодекс на создавањето. Неколку редови понатаму пишува: Мислам дека творецот не оди бргу, туку бавно и истрајно, качувајќи се според законот на спиралата. Забавањето, или уште подобро, бавноста, делувања што можам да му ги припишам на татко ми, се стремеле кон идеалот на неподвижната, интроспективна точка, на некој нулти степен на движење од кој модернистот како него ја видел можноста за почеток на духовното патување угоре, прилика за закривено совладување на вертикалата, за еден поинаков вид на авантура. Ако почувствуваме желба да му се доближиме на Ордан Петлевски, ќе мораме барем за миг да поверуваме дека станиците на неговиот аџилак, етички исто колку и естетички, не ја следат хронологијата на случувањата, туку логиката на духовниот развој. #5 Сведок сум на истрајното настојување на татко ми, човек со градба на тело налик на витезот од Ла Манча, својата биографија да ја доживее како духовен патопис. Во чест на дон кихотовската настојчивост во одвојување на хоризонталата на животот од вертикалата на духот и јас ќе го поделам овој животопис на две колони. Првата го отвора прозорчето кон трансисторискиот свет на идеите што го окупирале Петлевски (и не само него). Другата колона (потесната, како што прилега), ќе се занимава со временскиот след на нештата, а податоците за нормалниот живот ќе бидат на графички начин, втерани на самиот раб. Така два типа на читатели, излишно е да се каже, два менталитета, два различни пристапи кон светот, два различни вида луѓе – нема да останат оштетени.

АвторСибила Петлевски
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 15|