Буена Виста на Рај Кудер

/, Галерија, Блесок бр. 14/Буена Виста на Рај Кудер

Буена Виста на Рај Кудер

#1 Да живее Револуцијата! Двата – далеку најдобри – филма оваа година, својот идентитет го влечат од малиот остров на Карибите. Како прво – филмот Life is to Whistle, и сега – Buena Vista Social Club.
Користејќи стедикам камера и снимајќи „од рака“, режисерот Вим Вендерс (Wim Wenders) и камерманот Јерг Видмер (Jörg Widmer), го следат музичарот Рај Кудер (Ry Cooder) и неговиот син Јоаким низ Куба, следејќи ги во собирањето на најголемиот дел од оние стари кубански музичари и пејачи со намера да се сними музички материјал што се состои од нивните најубави и најинспиративни нумери на компакт диск.
Филмскиот ангажман на Рај Кудер ги вклучува музичките подлошки за филмовите ПАРИЗ, ТЕКСАС (Paris, Texas) и КРАЈ НА НАСИЛСТВОТО (The end of Violence) на Вим Вендерс. Во секој случај, филмот излезе како резултат од ентузијазмот на лондонскиот музички продуцент Ник Голд (Nick Gold), кој го сугерираше снимањето на афрички и кубански музичари, а кога Африканците ја откажаа соработката, се појави идејата за филмот Buena Vista Social Club.
Овој, пред сè, елегантен филм, го портретира тивкото достоинство на музичарите што го раскажуваат, секој на свој начин, нивните тажни, а често дури и трогателни животни приказни. Преку суптилната режија на венферс, филмот ја документира реактуелизацијата на старите, одамна заборавени големи кубански музичари од страна на Кудер, којшто повторно ги собира во еден нов бенд именуван по одамна згаснатиот култен музички клуб во Хавана.
Старите џентлмени сè уште се шетаат со големи хавански пури во устите, пијат кубански рум, се облекуваат во стари бели ленени костуми и се движат несигурно. Но, застанати зад микрофонот или зад пијаното, годините како да исчезнуваат од нивните раце и гласови, и чистата радост на живеењето извира од под нивните, од староста и од тешкиот живот намножените брчки по лицето.
Во филмот има долги, мрзливи сцени што го прикажуваат процесот на снимање во старото и изветвено студио Егрем, основано од американската музичка компанија RCA во 1940 година, студио што спрема својата застареност, многу наликува на старите музичари… Ибрахим Ферер (Ibrahim Ferrer) пее еден прекрасен дует – Dos Gardenias – со Омара Портуондо (Omara Portuondo), единствениот женски член во бендот.
Компај Сегундо (Compay Segundo), роден во 1910 година, пушач од својата петта година, кога ги палел пурите за својата баба, кажува, со голем ентузијазам, дека може да се каже дека пуши веќе 85 години, и забележува дека има пет деца, и дека работи на шестото.
Рубен Гонзалес (Rubén Gonzales), достоинствен стар џентлмен со бела брада, снимен е над својата стара фотографија каде спокојно одмара под расшумолено банион-дрво. Не свирел пијано со години, нападнат од артритис, и кога ќе видите како неговите „лесни прсти“ танцуваат по пијаното, тоа е толку трогателно…
Шоуто во Карнеги Хол на 1ви Јули 1988 – „беше последното шоу на овој бенд“ – изјави Рај Кудер. Тој не објаснува зошто, но кога ќе ги погледнете престарените господа, некои во своите доцни 90-ти години од својот живот, како шетаат низ Њујорк, атмосферата станува токму меланхолична, како што се приближува кон самиот крај.
Не пропуштајте ја можноста да го видите овој филм со огромен шарм, слатко доживување и прекрасна музика.
Вим Вендерс ги портретира овие стари и достоинствени музичари со таква топлина и нежност, што на крајот од филмот нема да сакате да се разделите од нив.

ре-објавено со љубезна дозвола на: Budapest Sun Online

“Buena Vista” извадоци
прочитајте уште еден осврт за Buena Vista

превод: Петар Волнаровски

АвторЛуси Мелоуз
2018-08-21T17:22:05+00:00 април 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 14|