Во одбрана на уметничката чест на филмот

/, Галерија, Блесок бр. 14/Во одбрана на уметничката чест на филмот

Во одбрана на уметничката чест на филмот

Филмот веќе повеќе години е загрозен од нешто што може да се нарече тотална комерцијализација, индустријализација и популаризација, што во основа доведува до клишеизација во една недозволива мера за која било уметност, и со тоа, на филмот му се заканува губење на титулата „седма уметност“.
Тоа, пред сè, се однесува на холивудската и во основа, американската филмска продукција, но – за жал, тоа сè почесто се случува и во европската, исто така. Како доказ за ова можат да се наведат безбројните снимени филмови – „блокбастери“, филмови во коишто се вложени стотици милиони долари, а нудат естетско задоволство рамно на јадење пуканки.
Сепак, за трагедијата да не биде целосна, се грижат малубројните обиди на одредени автори-режисери кои сè уште знаат да создадат вистински уметнички ремек-дела, кога ќе се нафатат да снимат филм, иако со многу помали буџети и во многу полоши услови од гореспоменатите филмови – пуканки. Токму за еден таков пример ќе зборуваме, накратко, во овој кус текст.
Тоа е филмот FUCKING ÅMÅL (ПОКАЖИ МИ ЉУБОВ) на шведскиот тандем: режисерот Лукас Мудисон, и директорот на фотографија Улф Брантас. Да напоменеме дека овој филм нашата публика можеше да го види на последниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Овој нискобуџетен филм беше вистинско уметничкко освежување, како за самиот фестивалски репертоар, така и воопшто за нашата филмска публика, која ретко успева да види и по малку уметност по нашите кина (секоја чест за ретките исклучоци).
Значи најпосле, и оние наши љубители на филмот со малку поразвиен естетски вкус (и малку подруги критериуми од оној просечен американски „поп-корн“ гледач), имаше ретка можност да види и нешто поинакво од секојдневните холивудски лимонади со кои секојдневно е бомбардиран по нашите кина.
Овој филм е една топла, емотивна, весела, но во својата есенција една силна и сериозна приказна, во која што авторот, со еден нов и специфичен филмски јазик ни прикажува нов пристап кон веќе старата тема за лезбејската љубов.
Овој филм кој влезе во тесниот круг на дваесет и петте филмови номинирани за наградата што ја доделува Европската Филмска Академија, претставува едно единство на префинетиот режисерски јазик аплициран врз ингениозно смисленото сценарио и перфекционистички аплицираната камера со необично оригинално користење на зумот; тука може да се додаде и прекрасната натуралистичка актерска игра на младите актери, која плени со својата едноставност, но затоа и толку блиска до маестралност…
… Со еден збор, вистинско уметничко достигнување (и издигнување) за европската кинематографија, која како да се загуби помеѓу веќе помалку застарениот уметнички традиционализам и обидите да се имитира комерцијално исплатливиот холивудски рецепт и сфаќање на филмот и кинематографијата воопшто.
Можеме да сме среќни што сè уште се наоѓа и по некој таков пример: автори што, сепак, сè уште знаат да се исправат на бедемите на уметничката филмска чест.

АвторАлександар Русјаков
2018-08-21T17:22:04+00:00 април 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 14|