Јазикот како слобода во Сартровата философија

/, Литература, Блесок бр. 14/Јазикот како слобода во Сартровата философија

Јазикот како слобода во Сартровата философија

Апстракт: Јас го застапувам гледиштето дека Сартр јазикот го смета за медим на комуникација, кадарен да го сочува развојот на субјективитетот и слободата. Јазикот го постигнува ова на двоен начин: од една страна, тој претставува дејствување кое, феноменолошки, не го изменува битието, но има моќ да ја измени свеста: од друга страна, јазикот, а особено пишаниот текст, е начин на одложена комуникација, која се одигрува вон сегашнината, т.е. Во друго време и различен простор и така го зачувува субјективитетот како на писателот, така и на читателот. Овој аргумент го изведувам на следниот начин: најнапред, ја прикажувам Сартровата дефиниција на слободата и субјективитетот во рамките на неговата дефиниција на свеста на За-себноста и Во-себноста во Битие и Ништо; понатаму, посочувам извесни примери од Тегобност со цел да ја расветлам врската помеѓу јазикот, свеста, и изразувањето на слободата и субјективитетот; трето, упатувам на Психологија на имагинацијата и Што е книжевноста, со цел дополнително да ја нагласам важноста која Сартр им ја придава на пишувањето и читањето како начини преку кои се воспоставува траен впечаток на лична слобода и субјективитет кој го совладува просторот и времето.

***

Во овој текст ќе се обидам да покажам дека Сартр јазикот го смета за медим на комуникација, кадарен да го сочува развојот на субјективитетот и слободата. Јазикот го постигнува ова на двоен начин: од една страна, тој претставува дејствување кое, феноменолошки, не го изменува битието, но има моќ да ја измени свеста: од друга страна, јазикот, а особено пишаниот текст, е начин на одложена комуникација, која се одигрува вон сегашнината, т.е. Во друго време и различен простор и така го зачувува субјективитетот како на писателот, така и на читателот. Аргументацијата ја изведувам на следниот начин: најнапред, ја прикажувам Сартровата дефиниција на слободата и субјективитетот во рамките на неговата дефиниција на свеста на За-себноста и Во-себноста во Битие и Ништо; понатаму, посочувам извесни примери од Тегобност со цел да ја расветлам врската помеѓу јазикот, свеста, и изразувањето на слободата и субјективитетот; трето, упатувам на Психологија на имагинацијата и Што е книжевноста, цо цел дополнително да ја нагласам важноста која Сартр им ја придава на пишувањето и читањето како патишта кон слободата и субјективитетот.

1.

Во Егзистенцијализмот и хуманизмот (1946) Сартр вели дека „доколку не постои Бог, има барем едно суштество кај кое постоењето и претходи на суштината, суштество кое постои пред да може да биде определено со каква и да е замисла за него. Тоа суштество е човекот, или, како што вели Хајдегер, „човечката реалност“1F. Сартр смета дека „егзистенцијата ѝ претходи на есенцијата – или, ако сакате, дека мораме да започнеме со „субјективното“2F. Ова имплицира дека ниедна индивидуа „не може да ја надмине човечката субјективност“3F, т.е дека препознавањето и конституирањето на нечиј субјективитет претставува највисока точка во досегнувањето на слободата, бидејќи нема божество „над“, го нема трансцендентното Друго чиешто Битие може да ја дефинира суштината на човечноста.4F Човечката реалност се одликува со „контингентноста“, и идентитетот на себноста почива врз збирот и интерпретацијата на продуктот од овие „акциденции“.
Во својата дефиниција на субјективитетот, Сартр прави разлика помеѓу свеста за себноста и креирањето на себноста.5F Свеста постои вон битието, и таа е надворешна во однос на феноменот на егзистенцијата; таа се појавува во и низ битието, но не го конституира истото.6F Напротив, себе-создавањето почива во praxis, т.е. Во дејствувањето на индивидуата во согласност со одлуката да изврши определен чин. Исходот од таквото дејствување ја конституира себноста во реалитетот. Оваа дистинкција во ваква (радикална) форма се јавува во раните философски есеи, и поексплицитно, во Битие и Ништо (1943). Таа исто така се среќава и во Сартровите книжевни дела: во Тегобност (1938), авторот на дневникот, Рокантен, спознава дека неговата суштина е наполно различна од неговото постоење. Слободата на неговата свест се огледа во неговата способност да се соедини со други егзистентни суштества, како коренот од дрвото или налетот на ветрот. Сартровото дело ја изразува неговата желба да изнедри спознание на индивидуалниот субјективитет кој е „автентичен“, незасегнат, не-обликуван од општествените, религиозните или политичките притисоци.
Во Битие и Ништо, Сартр ја идентификува „автентичната“ свест како За-себност. Тоа е капацитетот за истражување, елиминирање на можностите, и воспоставување на судови засновани врз негирањето на она што e, т.е. Преку препознавањето на она што е, се спознава и она што не е. За-себноста, општо земено, стои вон битието, и како таква останува слободна. За Сартр, За-себноста е слобода.7F Оваа слобода доаѓа по цена на нејзината целосна и постојана одвоеност од Во-себноста, која се јавува поради тоа што свеста го досегнува и спознава битието единствено како нешто кое е надворешно. Оттаму, За-себноста никогаш не е ствар или објект, туку сила, која е поврзана со дејствувањето поскоро одошто со набљудувањето. Сите феномени (вклучувајќи и друга За-себност), му припаѓат на царството на Во-себноста. Следствено, субјективитетот како свест, е ништост. Тој е празнотија на Во-себноста. Сартр вели дека За-себноста никогаш „не постои За-себе туку единствено за објектот, и дека субјективитетот е свест без Субјект“.8F Со други зборови, со цел За-себноста да остане слободна, таа исто така мора да биде иматеријална; никогаш не може да биде објект, дури ни за самата себеси. Како таква, За-себноста постојано е дејствување, енергија, активност. Иако За-себноста како акција се пројавува себеси низ објектот, таа никогаш не е тој објект, туку силата која го обликувала. Оваа определба на свеста Сартр ја задржува дури и по приклонувањето кон марксизмот. Сартр остро ја критикуваше марксистичката дефиниција на субјективитетот, според која субјективитетот е зависен од производството.9F

#b
1. Jean-Paul Sartre, Existentialism and Humanism, trans. Philip Mairet, (London: Methuen, 1970), pp. 27-28.
2. Ibid., p. 26.
3. Ibid., p. 29.
4. Ibid.
5. Ibid.
6. J.P. Sartre, Being and Nothingness, trans. Hazel E. Barnes, (London: Methuen, 1966), p. 435.
7. Ibid., p. 436; this position will be explained further in the discussion below on the nature and extent of freedom in Sartre’s philosophy.
8. W. Desan, The Tragic Finale, (New York: Harper & Row, 1960), p. 29.
9. Jean Paul Sartre, Search for a Method, trans. Hazel E. Barnes, (New York: Alfred A. Knopf, 1963), p. 85.

АвторСалам Хава
2018-08-21T17:22:04+00:00 април 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 14|