Вториот источен грев

/, Блесок бр. 09/Вториот источен грев

Вториот источен грев

Вториот источен грев
Парадигмата на Рубљов По филмот на А.Тарковски
Автопортрет
Залудноста на Вергилиј
Мотивот на Шехерезада
Социјалистички реализам

Каснат е плодот од Дрвото на сознанието
и, по божја казна, настанаа мачните науки
за да може човекот сам да си го пробива патот.
Но прогонетите од рајот,
на излегување, с к р и ш н о, од инает, ко луѓе,
скинале плод и од Дрвото на животот
од кој се родија божеските уметности,
од кој се јави спасот од смртта.
Да не беше епот за Гилгамеш
зар ќе ни беше денеска толку драг гостин дома
првиот познат трагач по тајната на бесмртноста?

Да: сторен е и вториот источен грев.
Можеби од страв тој не се признава јавно
макар што е на дело од искони.
Затоа, естетичари,
не заменувајте го во своите умни системи
вистинското дрво на уметноста,
Дрвото на бесмртноста.
Нема друго со такви плодови.

АвторПетар Т. Бошковски
2018-08-21T17:22:08+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 09|