Девојката од Малеш

/, Блесок бр. 07, Литература/Девојката од Малеш

Девојката од Малеш

Им кажав и таму. Не се сеќавам, реков. Можеш да го препознаеш? Не, не можам. Тогаш, ништо, оди си, ми велат. Направивме записник. За секој случај, велат… Зошто не земеш, јади, те молам да јадеш.
А ти, зошто не јадеш?
Остави ме, сакам само да те гледам. Да има така некој да ми доаѓа… Беше темно, како да го познам, а и брзо го снема…
Ништо не ти рече? Ништо нежно не ти кажа?
Море, па ти, какви нежности? Му ја видов само сенката кога заминуваше.
Девојката заплака. Ги размачкуваше солзите по своето грдо лице и стенкаше. Овде, рече потоа, ми жежи. Ме фати над лактот и не сакаше да ме пушти. Црнките во очите ѝ се ширеа пред стравот да не остане сама сред најголемата надеж дека сега колку сака ќе зборува. Ама, сега веќе нема, господ да чува, никој веќе не може да ја запре.
Ти, Ана, да идеш, понекогаш да идеш, вели… Јас, така, кога сум сама, понекогаш си плачам..Овде мириса на мувла, не е до чистењето, мувлата си е мувла, смрди… Како те донесе господ… Јади, ќе ми го направиш ќефот… Татко ми умре, не знаеше? Сама со двеве раце го капев како од мајка роден и го ставив в гроб…
Таа ги брише солзите и шмрка. Стана многу грда, погрда отколку што беше. Само ти, ми вели, беше добра спрема мене. И татко ти беше човек, мајка ти беше… Потоа замолча.
Ја гледам пред мене, шмрка и се тресе. И личи и не личи на онаа од пред неколку години. Се сеќавам кога дојде првпат дома. Седи во еден агол од кујната, умор не покажува, а молчи и гледа во своите глуждави колена. Понекогаш се осмелува не да го крене погледот, туку само да го сврти тајно до толку да види дел од подот и нашите стапала што се нишаа под кујнската маса. Во скутот стискаше врзулче. Празно, видовме подоцна, во него немаше ништо. Тоа беше крпа што таа ја носеше со себе од планината до градот, можеби место ташна или нешто слично во нејзината претстава.
Едно време се обидовме да се ослободиме од беспомошноста што нè беше опфатила, а која се пренесе на нас од девојката. Што стори мајка ми да почне разговор, ја прашуваше дали има блиски, татко и мајка, брат и сестра, дали нешто знае да работи во домаќинството. Таа, нашата идна помошничка во домот, само молчи. Едно време мајка ми стана, беше подналутена, рече дека ќе свари кафе. Тогаш ја видов девојката како почнува да се купчи и да се ежи, како животинка готова да се брани до напад. Ние сите го видовме тоа. Мајка ми беше со малку деликатни нерви, не можеше да се владее. Почна да тропа со садовите и да реди филџани по масата.
Снагата на девојката беше завиена во ефтино фустанче што не ѝ ги покриваше колената, а стапалата ѝ беа воврени во гумени чевли. И лицето, како и сè друго што имаше таа, беше грдо. Тоа беше испиено, но не беше бледо. Меѓу уплашените очи висеше цврст нос, на средината малку подвиткан. Долната вилица ѝ беше малечка и вовлечена внатре, а горните заби како диклиња ѝ паѓаа на долната напукана усна. Мајка ми подоцна велеше: личи на диво вепре.
Едно време, девојката сосема малку се помести на столот и одеднаш – шмркна. Ние сите се погледнавме меѓу себе и, право да речам, се израдувавме. Тоа беше првиот знак на слобода што го покажа нашата идна помошничка. Јас ѝ понудив кафе. Застанавме да видиме како ќе се стопли и ќе се раздвижи. Но, таа одби. Стори некако ц-у-к, значи, не сака. Ах, воздивна мајка ми! Потоа ја зеде со себе девојката за да ѝ покаже каде ќе спие, како да ја пушта и да ја затвора чешмата, како се трга врвцата од казанчето на клозетот. Кога помошничката стана, видовме дека десната нога ѝбеше крива. Стапалото ѝ беше свртено кај зглобот под глуждот и при одот се зафрлуваше сосема десно. Треба да кажам, исто така, дека тогаш забележавме оти девојката беше и малку грбава. Неколку дена веќе поминаа, а неа не ја слушнавме да проговори.
А сега ја гледам, не може да се запре. Каква крајност, какво измачување. На усните има тенка жичка од пена, постојано ја брише, а таа одново се појавува. Мувлата од оваа визбичка ѝ се фатила и на лицето, тоа
станало уште помовливо и сиво.
Стој, мила Ана, ми вели девојката, стој, ми вели, да те бакнам таа се навали кон мене, а јас сетив како се ежам, ми се стори дека нејзиното проклетство, сета нејзина несреќа ќе ми се залепи и мене на лицето како зараза. Сакав да се тргнам, но нејзините суви усни веќе ги сетив на себе како жар. Вистина, ми вели потоа, ќе ми купиш подарок? Така, вели, да знаат сите душмани каква другарка имам… Ќе поседиш, нели? Те молам, да поседиш… Која страчка без опашка, та и жена без маж! Така велат, а јас без опашка. Славка има, се омажи, сега бега од мене како од чума. Се сеќаваш, што беше таа повеќе од мене и таа беше слугинка и грда. Ама, не, ми вели девојката, јас не жалам, тоа помина, не се омажив, било писано… Леле, ме изгоре. Потфати овде, ме гори и ме боде…
Се сеќавам едно утро се собравме сите за појадок, а девојката стои потсвиткана во некој дел од кујната. Татко ми кој беше на пат за сите тие први неколку дена откако дојде девојката, ова утро првпат се сретна со неа. Тој не знаеше за нејзината молчалива ќуд. Тој беше весел човек, или поточно како таков го познаваа другите луѓе, додека мајка ми го обвинуваше за непостојаност и тиранство. Сега татко ми се сврти кон девојката и ѝ
вели: Од каде си ти девојко, вели.
Од Малеш, одговори брзо таа.
Колку се изненадивме ние тогаш! Чувствувавме радост и олеснување како по изборена победа. Таа изговори јасно и гласно, но доста брзо, како одамна да го подготвувала овој одговор. Му се восхитувавме на татко ми. Ова сега дојде како потврда на неговата репутација дека знае да ги освојува луѓето. Додека сите бевме возбудени, татко ми остана рамнодушен. Тој одново ѝ се обрна: Првпат, ѝ вели, доаѓаш в град?
Но девојката не одговори. Тоа сепак би било премногу. Таа ја крена едната нога и со врвот од гумениот чевел се почеша под коленото од другата. В град, првпат ли доаѓаш, в град?, не се откажа татко ми. Тој тоа не од тврдоглавост, туку просто така, сакаше да зборува со неа. Сум била во Паланка, изговори девојката и видов како на лицето ѝ се всилија неколкуте темни црвени жички. Ние веќе немаше што да очекуваме, нашата радост беше потполна. Сите појадувавме како обично, зашто „разговорот“ веќе течеше. Таа, значи, била некогаш во Паланка, но зошто токму во ова гратче кое беше далеку од планините во кои живееше досега таа, не разбравме.

АвторДимитар Башевски
2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Проза, Блесок бр. 07, Литература|