Срамежлива еротика

/, Блесок бр. 05, Галерија/Срамежлива еротика

Срамежлива еротика

Кон проучувањето на љубовното и еротското во современата македонска уметност

#1 Многу ликовни уметници се занимавале со претставување на еротски мотиви во своите дела. Во нивното создавање пресудни биле чисто субјективните критериуми, личните преферанси и виталноста, но секако и социјалните конвенции. Дваесеттиот век понуди различни приоди кон еротизмот, мноштво варијации кои се непосредно условени и коинцидираат со уметниковиот сензибилитет, сознание и стилско определување. Интимниот карактер на овој вид дела го условил нивниот мал или скромен формат, како и стремежот да останат во приватни колекции. Проучувачите утврдиле широк дијапазон на ликовни претставувања: од маничните опсесии на Х. Белмер и флоралните сублимации на Џорџија О’Киф, до надреалните слики на А. Масен или оргијастичкото дело на Х. Нич.
#2 Еротските теми во модерната и современа македонска уметност се дел од нејзиниот развиток и ги следи процесите на творечкото ослободување и сообразување со светските тенденции. Специфичноста на тематиката создала дополнителни ограничувања, во контекст на општиот развиток на современата македонска уметност, вклучувајќи ги и социјалните и психолошките мотиви, процесите на индивидуализацијата. Оттука манифестирањето на љубовните и еротски мотиви добило разновидни форми и одделни специфичности на ликовниот израз.
Начинот на вообличувањето се надополнува со начинот на восприемање на ликовните дела, уметниковиот израз предизвикува разни асоцијации и доживувања кај гледачот; секој од нив има посебен сензибилитет и различна култура, но заедно припаѓаат на едно време и средина. Нашето тело има сопствено устројство, а телото на ликовното дело има исто така сопствени законитости и елементи од кое е изградено. Леонардо ќе нè потсети дека „сликарството е работа на духот“, а други автори дека сликарството е стварност паралелна со стварноста на природата.
Одејќи по трагите на ликовниот еротизам и неговото восприемање во нашата средина може да се почне од изложбата „Еротизмот во современата македонска ликовна уметност“, организирана 1986 година во Скопје.

Досие: Еротизмот во современата македонска ликовна уметност

Знам и уверен сум во Исус Христос дека ништо не е погано по себе, освен кога некој мисли дека нешто е погано, на тој му е погано На римјаните посланица на св. Апостол Павле, XV, 14

#4 Концизната мисла „дека еротизмот е потврдување на животот дури и во смртта1F упатува на размислувања, според кои, само луѓето ја имаат способноста својата половна активност да ја направат еротска. Всушност, еротизмот како начин на индивидуално чувствување и психолошко барање, се разликува и одделува од половата активност. Еротизмот значи побуна против минливоста и природната детерминираност и финализам, додека еросот е „општа природна состојба“ подложна на влијанија и промени. Подрачјето на еротиката, често пати толкувано како привилегирано во животот, како простор на надразнување и забрани, на грев и поврзаност со ѓаволот, е обработувано од повеќе психоаналитичари и научници2F. Така, постојат мислења дека „нешто во природата на половиот нагон се противи на постигнување апсолутно задоволување“, дека постои врска што го поврзува Еросот со нагонот на смртта. Со самото тоа воведен е елементот на потиснување во сите либидни односи, што како првобитна фрустрација станува извор на други фрустрации. Општеството, со своите механизми на присила, поредок и закон доаѓа по оваа прва резигнација3F.
Инаку, „во нерепресивни услови, сполноста тежнее да ‘врасте во Ерос’ – тоа ќе каже, тежнее кон самосублимација во тајни и сè пошироки односи, вклучувајќи ги и работните односи кои служат да го засилат и зголемат нагонското задоволување. Еросот настојува да се ’овековечи’ во траен ПОРЕДОК“. Доколку се претпостави дека нагонот не зависи од #3разни моди, ниту природата од културата, барем не непосредно, тогаш станува јасно дека не се работи за сексот и сетилното, туку за еротиката и нејзиното јавно признавање4F. Еротизмот се бави со разоткривање на интелектуалните и морални табуа, зад кои се кријат разни видови на интереси, како што се институциите на поредокот итн.
Развојот на еротизмот, како наш најинтимен дел со неговите митолошки и антрополошки корени, се поставува во контекстот на „културниот развиток на секој одделен народ“ во зависност од погледите и односот на луѓето кон еротските проблеми, од промените на верувањата и сфаќањата, од промените и на брачната институција5F. Впрочем, во обичаите и во фолклорните творби на сите, посебно на македонскиот народ од дамнина сè до денеска, централно место заземаат дела со еротска содржина (еротски приказни, анегдоти, вицеви, песни, пословици, гатанки, прашанки). Тие се широко распространети и комуницираат слободно сè додека, во зависност од вкусот, сензибилитетот и сфаќањата што владеат во определено време, особено од наметнатите табуа и општествени норми, не дојде до „семожни ретуши“ и „корегирање“ на „срамните работи“. Од степен на анимизам и магија кај примитивните народи се развиваат митолошки и архаични симболични претстави кои се одраз на реалниот живот. Еротизмот, кој има специфични изразни форми, си создаде свои идиоми по кои се препознава. Напоредно со новите состави денеска се користат и митски елементи и поранешни симболи, како општи места на паганските и христијански пораки.
Феноменот на традицијата, сфатен како релација спрема поблиското и подалечното минато, открива низа специфичности релевантни за нашата култура и уметност. Словените доаѓаат во Македонија како многубошци, но со прифаќањето на христијанската религија, под влијание на византиската држава, тие ги прифаќаат и нејзините сфаќања и догми.
Средновековната уметност на тлото на Македонија се создаде во просторот на Византија, која беше против идоли, „живееше и умираше за икони“, со наклоност кон „спиритуализација и апстракција“, за „бестелесни, нестварни облици“, афирмирајќи го пред сè духовното, а не сетилното6F. Византија, и самата настаната на темелите на грчката култура, изгради некласична претстава за светот.

#b
1. Žorž Bataj. Šta je erotizam, in Goropadni eros (ogledi o erotizmu). Prosveta. Beograd 1981.
2. Igor Zidić. Erotika u hrvatskom slikarstvu, crtežu I grafici. Umjetnički paviljon u Zagrebu 1977.
3. Herbert Markuze. Eros I civilizacija. Naprijed. Zagreb 1985.
4. Deni De Ružmon. Eros I mit, in Goropadni eros. Prosveta. Beograd 1981.
5. Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни. Мисла. Македонска книга. Скопје 1985.
6. Лазар Трифуновиќ. Путеви и раскршћа српске скулптуре. Уметност. Бр. 22, 1970

АвторВладимир Величковски
2018-08-21T17:22:14+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 05, Галерија|