Куќа – симбол

Куќа – симбол

Симболиката на куќата, и нејзините основни елементи – каменот, огништето и прагот – низ вековите и цивилизациите

КУЌАТА

Многупати сум размислувал, но не сум се осмелил за тоа да расправам со отец Варлаам од срам да не ја исмее мојата малоумност: замислувам дека светот има форма на ковчег, што седржателот го носи под мишка. И уште замислувам дека сè на светот има форма на ковчег, во кој се ставени помали ковчежиња, а во нив помали. Зар мртвите кога ги праќаме на оној свет, не ги ставаме во ковчег? Куќите наши зар не наликуваат на ковчег, со поклопка одозгора, за да не врне и да ни биде топло внатре?… Па и утробите на жените нели кофчези се во кои се чува она што треба да се роди, да се сочува да не му наштети нешто? Телото нели кофчег е за душата и небото нели поклопка е од еден поголем ковчег: поклопка издупчена за да ни доаѓа виделина од видела небесни?1F

Во ова кратко размислување, за светот и универзумот, ја наоѓаме основната функција на куќата – заштита, меѓутоа посредно е дадена споредбата со утробата на жената во која треба да се зачува она што треба да се роди. Уште од времето на неолитскиот период во Македонија, до нас допираат модели на куќи, на кои тие се во суштина претставени како утроба на Божицата-Мајка2F. Горниот дел е во форма на жена, која во некои случаи е гравидна. Нејзините раце најчесто се поставени на куќниот покрив, став кој асоцира на заштита и покровителство. Овие фигури ни одгатнуваат двојна симболика на куќата во преставите на архаичниот човек – поврзувањето со утробата на жената родилка која има плод во утробата, односно заштитата која ја има плодот во утробата, меѓутоа и поврзувањето со Божицата Мајка, со сите нејзини атрибути на плодност и заштита на животот. Не е ни воопшто чудна оваа симболика, бидејќи утробата е и првиот човеков дом, а подоцна прегратката и скутот на мајката. Оттаму тој полека почнува да гради слика за светот и за себе во него, почнува да го доживува просторот и полека да го освојува.
Пештерата, едно од првите човекови живеалишта, најмногу асоцира на атрибутите на утробата – издлабена во карпите овозможува заштита од надворешниот негостољубив свет, затемнета, со речиси постојана температура. Од утробата се разликува по тоа што не нуди храна. Следното многу често применувано живеалиште е колибата, која најчесто е полувкопана во земјата. Длабењето во земјата, за да се постигнат поповолни услови во просторот за живеење, длабоко е поврзано со претставите што тој човек ги носел за земјата – нејзината сигурност, стабилност и постојаност, меѓутоа најсилното воодушевување го предизвикува нејзината способност да ги храни растенијата.
Претставите на Словените и симболите за куќата се многу блиски до споменатите од неолитскиот период во Македонија. Нив можеме да ги најдеме во народниот вез и во украсните токи. Тие сведочат дека релацијата куќа – родилка – мајка била подолго време жива во нивните обичаи. Поврзувањето на куќата со родилката, во суштина го одразува нивното чувство дека таа не е само субјект, туку напротив објект кој чува, штити и одгледува, атрибути кои се својствени на жената. Исто така евидентна е и асоцијацијата со божица мајка, која чува од секакво зло, придонесува за плодењето на сè во неа, но и за воспоставувањето на редот и хармонијата меѓу домашните.3F
Ваквите претстави на куќата, кај Словените, ги наоѓаме во две варијанти. Првата претстава го прикажува калканот на куќата од чиј врв се развива телото на божицата, односно куќата е претставена како нејзината утроба. Кај вториот вид во пресекот на куќата е сместена божицата, при што куќата не се поистоветува со божицата, туку со просторот што таа го зафаќа4F.
Во другите цивилизации, симболиката на куќата е различна, меѓутоа суштината на симболиката насекаде може да се сведе на централната улога што ја има куќата во животот на семејството, но и на нејзината космолошка димензија. Исто како и градот, исто како и храмот, куќата е во средиштето на светот, таа е слика на универзумот. Традиционалната кинеска куќа е четвртеста, таа се отвора на сонцето кое изгрева. Средишното поставување на конструкцијата е по правилата на геомантијата. На кровот е продупчена дупка за бунар, а на подот се прифаќа дождовницата. Така низ средиштето на куќата поминува оската која ги спојува трите света. Монголската куќа е тркалезна, што е поврзано со номадството. Нејзиниот среден потпирач се поклопува со оската на светот. Арапската куќа е во форма на квадрат, со централно поставен квадратен двор, тоа е свет затворен во четири димензии, чиј средишен двор е евокација на едемската градина, отворен исклучиво на небесното влијание. За будизмот е карактеристична идентификација на телото со куќата. Според нив куќата како и телото е свратиште, со што сакаат да кажат дека тоа може да биде само привремено засолниште. Во Тибетанскиот Круг на Постоењето исто така постои поистоветување на телото со куќата, која е претставена со шест отвори, кои одговараат на шестте сетила. Исто така постои поистоветување во канонските текстови, кои се однесуваат на излезот од индивидуалната состојба, во кој се употребува изразот – да се разбие кровот од куќата. Отворот на врвот на черепот, низ кој се случува тој излез, Тибетанците го нарекуваат одвод за чад. Во Ирското сфаќање на живеалиштето, куќата го симболизира стојалиштето и положбата на човекот во однос на неограничените сили на другиот свет. Според Bachelard, куќата го симболизира внатрешното битие. Катовите, таванот и подрумот, ги симболизираат различните состојби на душата. Подрумот се однесува на несвесното, а таванот на духовното издигнување на човекот. Меѓутоа и во овие цивилизации не изостанува симболиката на жена, мајка, заштита, засолниште, плодност5F.
Од сите овие наведени примери, дознаваме дека не само во Словенската митологија, туку на сите меридијани куќата е поистоветувана со телото на човекот, но исто така таа добива симболика со која се зафаќа една космолошка димензија, односно домот добива атрибути преку кои, симболички, се внесуваат сознанијата за светот, универзумот и религијата.
Со векови наназад куќата е средиштето на сите човекови активности и средиште на настаните во фамилијата. Затоа и самиот процес на градба добива една изразено симболичка димензија. Во Индиската традиција градбата претставува симбол на сеопштото почитување. Таа е исто тоа и во обратна смисла – секоја градба го повторува делото на Создавањето. Градбата секогаш се поставува, на некој начин, во средиштето на светот и е предмет на двоен симболизам – враќање во центарот на случувањата и премин од земја на небо. Сличен е и односот на масоните кон симболиката на градбата6F.

#b
1. Андоновски В., АЗБУКА ЗА НЕПОСЛУШНИТЕ, стр.1.
2. Чаушидис Н., МИТСКИТЕ ПРЕТСТАВИ НА ЈУЖНИТЕ СЛОВЕНИ, стр.205
3. Чаушидис Н., МИТСКИТЕ ПРЕТСТАВИ НА ЈУЖНИТЕ СЛОВЕНИ, стр.205-211
4. Чаушидис Н., МИТСКИТЕ ПРЕТСТАВИ НА ЈУЖНИТЕ СЛОВЕНИ, стр.205-211
5. Chevalier Ј., Gheerbrant А., РЕЧНИК СИМБОЛА, стр.328-32
6. Chevalier Ј., Gheerbrant А., РЕЧНИК СИМБОЛА, стр.328-329

АвторМеланија Шерденковска
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 05, Литература|