Тетоважа

Тетоважа

Старата госпоѓа Ваднај беше на умирање. „Има уште две или три недели живот“ рече лекарот, „има артериосклероза во крајно напредната фаза“.
Згрбавениот адвокат, којшто го состави договорот за издржување, влезе во собата. Беше облечен во темен костум и носеше актовка во раката. Му прошепоти нешто на преведувачот околу административните работи по смртта и праша за својот хонорар.
Старата госпоѓа Ваднај ретко зборуваше. Кога зборуваше, тоа главно беше неповрзано. Датумите се беа измешале во нејзиниот склеротичен ум. Војните, насилствата и против-насилствата, концентрационите логори и логорите на смртта беа испреметкани во неорганизирана смеса. Еднаш, таа раскажа релативно логична приказна за некој привлечен млад човек, којшто држел говор застанат на еден балкон во срцето на градот. Мноштво луѓе се собрале да го слушаат, многу војници, цивили, и таа, госпоѓата Ваднај и нејзината најдобра пријателка. Колку убава госпоѓица била таа во тие денови. Тогаш некој истрелал од пиштол, и тоа ужасно ги преплашило госпоѓата Ваднај и нејзината пријателка: се стрчале надолу по улицата Ракошчи, скршнале во една уличка кон станицата Келети и се залетале во улицата Гарај и – оп! – одеднаш се нашле пред еден чадор. Тогаш таа почнала да се вртка околу чадорот. Тој бил добар како нов, црн, и многу елегантен.
Преведувачот внимателно слушаше и заклучи дека привлечниот млад човек сигурно бил грофот Михали Каролји и дека го објавил детронизирањето на Хабсбуршката монархија, прогласувајќи ја Унгарија за република од балконот на хотелот Асторија.
Во нејзината последна недела, старата жена не смееше да биде оставена сама на себе. Преведувачот, којшто според договорот за издржување требаше да го добие станот, ја презеде грижата за старицата и се всели кај неа. Така можеше да им подвладува на каприците на нејзината несредена мисла. Се проколнуваше себеси што ја имаше преведено нејзината аверзија кон болниците и што се имаше договорено да престојува во нејзиниот дом. Не беше во можност да најми негувателка, па самиот беше задолжен да ги извршува и најгрозните работи. Мораше да го потиснува нагонот за повраќање секогаш кога ја преслекуваше и ја капеше старата жена, а и кога ѝ ја менуваше постелнината. Сожалувањето и бесот се мешаа во него при самото гледање на беспомошното тело.
Лекарот доаѓаше да ја види старата госпоѓа Ваднај секој втор ден. Според неговите наредби, негувателката доаѓаше секое утро за да ѝ даде инјекција. Таа беше долгонога млада жена во кусо здолниште. Весело дрдореше додека ја подготвуваше инјекцијата, исфрлувајќи неколку капки од течноста во воздух; бесмислено брбореше за времето и за цените додека старата жена незаинтересирано лежеше. Негувателката секогаш ја ставаше инјекцијата во вената на десната рака. Така беше поедноставно. Устата на старата госпоѓа Ваднај секојпат се грчеше.
„Добро, госпоѓо Ваднај, ние сме големи девојки и големите девојки не плачат. Нели е така, госпоѓо Ваднај?“ рече негувателката извлекувајќи ја иглата и пакувајќи се. При излегувањето му дофрли флертувачки поглед на сосредоточениот преведувач.
Негувателката внесе сонцевина во болната соба на шестиот кат, каде што атмосферата беше задушлива и покрај пријатниот пролетен воздух.
Едно утро се случи таа да заѕвони на вратата додека преведувачот фрлаше валкан веш во машината за перење во бањата. Тој си ги изми рацете и побрза да ја отвори вратата облечен во поткошула. Негувателката влезе со кокетна насмевка, седна, ја извади иглата и, по обичај, го заврати десниот ракав од наметката на старицата.
„Ох, мајчице“, воздивна, „овде не останало ни едно најмалецко местенце“. Така, се префрли на другата страна и брзо ја вшприца течноста во вената на десната рака. Устата на старата жена се згрчи.
Негувателката ја извади иглата.
„Така е, госпоѓо Ваднај. Сега сме големи девојки а големите девојки не плачат“, блаботеше таа додека истураше алкохол на парче памук и го ставаше на белегот од инјекцијата. Потоа, одеднаш замолче. Го имаше видено тетовираниот број на набраната, пребледена кожа на зглобот на старицата.
„Да сум…“, промемоли минувајќи со светкаво црвените нокти по синото мастило на вчудовидувачките бројки: „АБ 30876. ..?! Госпоѓо Ваднај, зошто го имаме нашиот број на социјалното осигурување истетовирано на нашата рака?“.
Очите на старицата останаа незаинтересирани.
Негувателката претпазливо ги набра црвено карминираните усни и не разбирајќи ги сведна очите. Полека, ја затвори устата и остана неподвижна во тешка тишина: потоа зеде длабок здив. Преведувачот подзамижа со очите.
Штрекната, негувателката бргу ја фрли иглата и парчето памук во својата торба, се прилепи до ѕидот и се измолкна од собата.
Старата госпоѓа Ваднај умре таа вечер.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторБекеш Теил
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Проза, Блесок бр. 05, Литература|