Кревкиот џин

Кревкиот џин

Големите народни трагедии не мора по секоја цена да прераснат во мит чија поетика го чува од оштетување и одминливост богатото наследство на народната мудрост, патосот на неговата хероика и неговите страдања. Ние во нашата традиција не сме наследиле, за разлика од митот за Крале Марко или за илинденските херои, ниедна митска референца за трагедијата на Карпошовото востание. Митот ги спушти портите на своите безбедни и животворни тврдини и пред прометејската забревтаност на дејците од форматот на еден митрополит Теодосиј, но затоа херостратските подвизи на гемиџиите за кои, навистина, се интересираат и современите европски историчари, овде најдоа безбедно засолниште и гаранции за заштита на нивната историчност.
Овој каприц на митот да одбира или отфрла настани и личности на чии доблести идните генерации ќе се учат да ги разликуваат изворните етички вредности на подвигот од сурогатите на натрапливите визионери, не е никаква специфичност само на нашата традиција. Тој се појавува во историјата на западните цивилизации со интензитет и распространетост која ја менува историската констелација и се заканува да ги разниша основите на веродостојноста на веќе потврдените факти. Обидите на француските Темплари (XII – XIV век) да го историзираат ликот и учењето на Исус и на синот божји да му ја вратат човечката димензија, е само еден од многубројните примери во кои митот во дослух со историјата, безмилосно им го одзема правото и на најсмелите духови, да стапнат во неговото кралство.
Денес во глобалното село, се чини дека самоволието со кое се подигаат митски вавилонски кули во невидено изобилие, сè повеќе се осилува и тоа е на добар пат да ги подјаде самите темели на митската инспирација. Луцидните опсервации на Ролан Барт во кои големиот лингвистички авторитет митот го дефинира како рожба и конструкција на нешто за кое се зборува и тоа станува сеопшта говорна преокупација, чинам дека ја загубија својата актуелност. Последниве деценија – две, кога станува збор за филмот, митски димензии и перспективи добиваат катастрофичните опсесии, стравот, катаклизмичките визии и трескавичното исчекување на некаков библиски крај. Судбината на Хирошима во потсвеста на современиците на Чернобил се проширува врз животите на жителите на сета планета. Нивната иднина, според наодите на еден од најдобрите познавачи на програмата на НАСА, Рубен Ковалски, веќе е испишана. Архитектите на новиот светски поредок испланираа во Холограмската програма дека 90 проценти од целокупното население на планетата мора да биде уништено за да се врати и да се одржи идеалната еколошка рамнотежа.
Овие морничави визии не му припаѓаат на жанрот на научната фантастика во литературата и филмот. Но принципот на овој жанр, произлезен првенствено од Холивуд, сее во своите спектакли токму таков параноичен страв низ цела земјина топка. Спилберг и неговите диносауруси како да го подготвуваат човештвото за истребувањето што не можеше докрај да го реализира молерот од Виена. Но авторот на „Шиндлеровата листа“ за кој не може да се тврди (но и да се одречува) дека му припаѓа на клубот на избраните, познат под името Илумината, има свој сојузник и во талентот на режисерите од форматот на еден Дејвид Кроненберг, тој суптилен калиграфист на патологијата на сексот, духот и соништата. Во поетиката на мрачните и изобличени нагони што оголено ги открива лесно ќе се забележи тој синдром на дијагностицирање на поболената психа, толку мил на милитантните заговорници за еколошкото чистење на вишокот популација. Секако се сеќавате на морничавиот амбиент на езотеричната приказна од неговиот филм „Судир“ или „Близнаци“, тој сензибилизиран прирачник на настраностите, според кој, секоја емоција може да се оттргне од зачмаеноста само пред глетката на отворената рана и да предизвика еротска екстаза од големите повреди на телото.
Идејата дека жестокоста на судирот, од чии изобличени остатоци еманираат некои потиснати еротски импулси, се повторува како опсервација на која не сакаме ни да ѝ се посветиме ни да ѝ веруваме, пред глетката во која џиновскиот труп на бродот „Титаник“ се судира со ледената маса. Катаклизмичните размери на трагедијата, во првиот миг на збунетост и неверица, ги вознемирува сетилата на гледачот до мера на френетичност и паника, наспроти мирната сосредоточеност на свеста, флексибилна и спремна да ги отфрли заблудите за неповредливоста на титанската конструкција на пловното чудовиште.
Таа, на дистанца од агонијата на сетилата и на одречените забрани, присебно воведува поредок на фактите, меѓу кои на лоцирањето на несреќата во времето кога настанала, ѝ придава едно од приоритетните значења. Но напоредно со идентификацијата на трагедијата таа го шири контекстот на нејзините последици (и импликации) кон децениите кои ѝ следат, односно кон годините кога овој драматичен настан што го потресе светот, доживува уште една екранизација.
Овде треба да забележиме дека свеста не останува слепа пред глетките на човековиот очај, пред беспомошните лелекања и желбата да се спаси животот. Но аспектот на човековите страдања, повремените изливи на хероизам, пожртвуваност или кукавичлак ѝ служеше на намерата густиот мозаик на поединечните судбини да го врами во митски рамки без чија кохезивна сила емоциите би истекле и би се развеале во бескрајното поле на историската анонимност. Затоа свеста соочена со сцените на кршењето на бродот, на дивеењето на водата по блескавите ходници, интимните кабини на блазираните милионери, по луксузните салони и машински погони чија иконографија потсетува на сликите од Ланговиот „Метрополис“, брза да ги смести заедно со целиот трагичен настан на меѓата помеѓу идиличната бела епоха и децениите што ќе му уследат.
А какви беа времињата пред несреќата, и какви потоа?
Деветнаесетиот век и првата деценија од нашето столетие познато е дека беа раздобје на оптимизам и доверба во доблеста на човековиот ум, во неговите можности да го преобрази и облагороди светот, истоштен низ сета своја историја од силите на злото, стравот, суеверието, бедата и неправедноста. Плодовите на тој блескав ум отелотворени во голема мера и во неранливоста на пловниот џин, симболично именуван со митското име „Титаник“, веќе беа на повидок. Човештвото можеше слободно да здивне и да им даде замав на своите надежи дека конечно му претстојат среќни денови.
Но одеднаш по несреќата на Атлантикот што го занеме светот и го турна во лавиринтот на новите сомнежи, над планетата се наднесоа темни облаци на несреќи што уште поболно ќе ги трауматизираат неговите и така изнемоштени жители. „Титаник“ беше предвесник на големите светски војни и револуции, тој како да го навести големиот очај на жртвите на економската депресија, на Холокаустот, атомската бомба, на Грамос и Виетнам, и на Сараево.
Пред јасноста на фактите што свеста ги идентификува и групира, не постои дилема дека трупот на „Титаник“ голтнат од студените води на Атлантикот, го означи крајот на еден период на невиноста на човештвото загледано во иднината како во залог на среќата. Нема дилема, исто така, дека годините по несреќата ги доведоа ветровите на стравот, цинизмот и скепсата: наскоро почнаа да гаснат еден по друг хуманистичките идеали и етичките вредности грижливо негувани со илјадници години цивилизациско живеење. Ужасот на глетките на уривањето на европските градови се заменуваше со делиричното сведоштво на ридиштата усмртени тела во концентрационите логори.
Подоцна ќе видиме како деградирањето на градителската еуфорија симболизирано во пропаста на „Титаник“ (а што е, патем речено, „Титаник“ спрема поразите на човековиот ум кога со невидена ароганција ја демонстрираше својата моќ во Хирошима, Дрезден или Сталинград), отвора простор за еден нов процес: создавањето на митот за изневерувањето што тој блескав, неповторлив ум му ги остави како неразбирлива одмазда на идните генерации.

АвторГеорги Василевски
2018-08-21T17:22:16+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 03, Галерија|