За Македонија

За Македонија

Македонија не е Остров. Таа никогаш не била „заборавено место“, ниту „место на заборавот“ никогаш не се криела зад непроѕирните ѕидишта од далечина и закани. Не никнувала врз недоверба, ниту израснала во место на кое омразата кон Другиот ќе се смета за достојно засолниште од стравот кон Него. Во нејзиното сеќавање, во сумата на нејзината историска свест, поимите на „периферност“ и „инфериорност“, толку карактеристични како постојани придружници на земјите што биле изолирани и што изолирано и живееле – никогаш не се врежале ниту успеале да го формулираат своето значење.
Без Македонија, светот би бил сума на големи осамености. Раздвоеноста е најнагласен белег на оваа планета: покрај стотици илјади острови и островчиња, обвиткани во мачното настојување да не се потоне во атавистичка јанѕа, дури и континентите се – сепак, само острови. Насекаде околу нив, дебело, недогледно море. А човекот „не е Остров, не е сам за себе секој човек е дел од Континентот, парче од Копното…“. Го знаеле тоа многумина, можеби, секој човек, од секогаш.
Но, и на Џон Дан и на Ернест Хемингвеј, тоа знаење им било поттик да ѝ се спротивстават на безмилосната фактографија на сопствениот живот, но само низ поезијата, низ уметноста.
Поетот Дан, што толку длабоко ја почувствувал потребата од поврзување на делчињата на човечкото копно, во големиот Континент на човечноста, живеел и починал на островот – Англија мајсторот на новелата, Хемингвеј, автентично потресен од истата благородна свест за тоа дека камбаните што бијат по еден починат човек, бијат по секој жив човек, сепак морал да прифати да живее според „законот на островот“ – неговата куќа била на островот Ки Вест, залудно загледана кон некакво обединување и премостување на морската шир што го дели човек од човека. И едниот и другиот останале со неисполнет сон: не ја нашле својата Македонија.
Барањето на Македонија! Ете го, стегнат во еден повик, сонот на човештвото, расфрлано низ архипелагот на осаменото и разделеното живеење. Далеку од тоа да биде локалистички пренагласена метафора без покритие, овој повик – оглас на географската специфичност, дури и уникатност во светски рамки, наедно е и привилегирана формулација на менталното компаративно предимство на жителите на Македонија, во вкупната топографија на душата на светот. Македонија е конкретен противстав на императивот на себичноста на самотијата таа е, како чиста дарбина на поврзаноста со светот, директен демант на тезата за судбинската осаменост на човекот во овој и ваков свет.
Барањето на Македонија е, затоа, барање на гравитационото јадро на искинатото Копно! Тоа е потрага по онаа точка по која, низ сонот и јавето, талкал Архимед – не толку за да го подвижи светот – зар тој и така и така не се движи, и зар Архимед не го знаел тоа! – колку за да го подвижи во одредена насока: кон спојување и разбирање. Но, ако Архимед не успеал да ја изнајде таа толку сакана, таа толку потребна, болно неопходна „цврста точка“ (со што, како и најголем број други луѓе, бил поблиску до тоа своето вистинско име да го прочита како „Архи-чемер“, зашто без таа точка, „она што било мед“ се сторило пелин и чемер), нејзината локација, во оној дел од светот што е наречен „Македонија“, веќе била согледана како токму тоа.
Имено, подрачјето на фасцинантниот басен, познат како Медитеран, навистина стои „среде Земјата“. Во него се капат децата на Европа, на Азија, на Африка. По нешто, од секој Континент, стигнува до плажите и карпите, до ридовите и ’ртовите и на трите континенти. Не само жешкиот пустински ветер „хамсин“, туку и многубројни растенија, различни животни не само маслинките и смоквите, туку и големи, долги дождови не само гордиот бор, туку и остриот „северец“ – ги вкрстуваат патеките и го прелетуваат Средоземното Море, коешто, навидум засекогаш, ги разделило трите најголеми светски Копна: Европа, Африка, Азија!
Меѓутоа, Средоземјето, тоа вистинско „средиште на светот“, го има сопственото средиште-местото во кое трите големи осаменици, континентите, се среќаваат и се запознаваат. Местото во кое е одречена најстрашната клетва фрлена врз човекот – да живее во страв и осаменост! Македонија – центарот на средиштето на светот, е вистински во живо остварен амалгам на комуникација, посилен од растојанијата и амбисите што би да го оневозможат разговорот, ставајќи мегу лугето глуви празнини. Македонија е универзален еквивалент, толку гостољубив и погоден за живот што во него има место за сето она што дува, или врне, што расне или живее во Медитеранот – и сепак, доволно богата та своите ветрови, своите дождови, своите води, билките и птиците, да им ги подари на трите најголеми светски континенти.
А толку јасна, толку своја, што на сè што ќе допре, му го дава сопствениот израз што не се брише, ниту заборава. Израз со кој, сè и сите, еднаш допрени, се разубавуваат и се гордеат.

АвторФерид Мухиќ
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 01, Литература|