ВО СЕНКАТА НА ШАПКАТА НА ШОДАН

/, Звук, Блесок бр. 119/ВО СЕНКАТА НА ШАПКАТА НА ШОДАН

ВО СЕНКАТА НА ШАПКАТА НА ШОДАН

Надолу по улицата со црвен ветер
Здружени самотии
Дует од соништата
Додека има музика…


Надолу по улицата со црвен ветер

Улицата во која живеам е убава и не е голема. Долга е само три адреси. Ако ги сметаш двете страни. Од едната страна на улицата има голем градски парк, додека од другата страна исто така голем храм на црква која се занимава со нашите последни денови. Во пропратниот инвентар на храмот се вклучени шеталишта и клупи, работилници и агрегати. Сето тоа е налик на рајска идила и некое сосема друго време. Некој друг век.

На крај, на врвот на улицата е кулата во којашто живеам. Од балконот има поглед кој се простира до морето. Кога сум таму, уживам. Од балконот се гледа и местото на кое чекам во моментов. На самото дно на улицата, на аголот од каде што имам совршен поглед на влезот во паркот, заштитен сосема доволно со затемнетите стакла на автомобилот. Никогаш порано работата не ме довела во сопствениот двор. Наспроти „никаде“ се насмевнува „првпат“.

Музиката е клучот на чекањето и воглавно сме на истата страна на отклучувањето на тајните. Иако се сомневам дека би умрел за неа, како порано. Чарли Хајден често знаеше да каже дека се преселил во Лос Анџелес во потрага по пијанистот Хемптон Хејс. Не знам зошто се сетив токму на тоа, ниту пак каде ќе ме одведе.

Здружени самотии

  „Клавирот беше единствениот сигурен пријател што некогаш сум го имал, бидејќи тој единствен беше непроменлив, секогаш го разбирав и секогаш директно реагирал на моите акции. Клавирите никогаш не се менуваат. Само мируваат таму по цел ден. Ако сакаш да свириш на мене, тука сум…“, промрморе Хемптон Хејс.

Хејс често е на мојот грамофон. Не бев доволно внимателен и тој ми се пресели во главата. Како и делови од кариерата на Хајден. Како и самиот Чарли Хајден. Разговараме како тоа да е најнормална работа. Нивните совети знаат да бидат непроценливи. Особено која мојот повремен партнер Шодан е недостапен.

Утрото се перчеше, а јас се истегнав. Од новите апчиња тешко се будам. Нозете ми стигнаа до сувозачкото предно седиште и воланот. Мојот волан. Не сакам да спијам во автомобилот. Којзнае каков Хемптон Хејс имал на ум младиот Чарли Хајден кога тргнал за Лос Анџелес… таму каде што, по хероинот, затворот и помилувањето на претседателот Кедени, Хејс умрел.

АвторМехмед Бегиќ
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-20T12:40:46+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 119|