„Луѓе без гробови“

/, Литература, Блесок бр. 133 - 135/„Луѓе без гробови“

„Луѓе без гробови“

Хипотезата на Голдбах

ПОГЛАВЈЕ

47 ДЕНА

Жабји јајца

Сè беше веќе тука; го барав само моментот на судбината кога ќе се склопи првата реченица: човекот, која и врата да отвори, каде и да тргне, па макар бил и приклештен за стол, неминовно ќе се судри со минатото. И јас, писател што преспа некои години во зимски сон, застанат пред капијата низ која се излегува од младоста, сега ја претчувствувам тајната на поезијата и нејзиниот зачеток, залуден. Се обидувам да трагам по невидливите пејзажи. Кој зборува за себе, не треба ништо да премолчи. Ако некаде се гризнам за јазик, ако прескокнам и некој детаљ, тоа нема да биде за себеси да се поштедам, некаде мора да се оттргнеме од вистината, зашто вистината е бунар – некој ќе се напие ладна вода и ќе ја окрепи душата, некој ќе се струполи сретнувајќи ја смртта. Сè што почнува неминовно оди кон тоа од каде почнало. Кога ќе ја завршам приказнава, ќе дознам што сум запишувал.

Остаре светот, се ближи моментот кога ќе згасне. Остаре сè на светот: и тревките, и луѓето, и вулканите. И јајцата остареа. Татковците остареа, стареат и плодовите на татковците. Стареат приказните за нив и за нас. Остаре и мојата младост, остаре и младоста на мојот татко. Тој долго време бегаше од она од што не може да се избега. За него пишувам многу претпазливо, како да го барам, зашто него внимателно го бараа. Пишувам за она што и како другите виделе; пишувам и за тоа што другите чуле, зборуваа и додаваа. Нивната вистина ќе биде и моја вистина за мојот татко. Нивната лага ќе биде и моја лага. Не, ништо не тврдам! Пишувам така како што мислам дека можело да биде или морало да биде. Нема да го бранам зашто не можам да го одбранам; а има многу кои запискаа од неговите раце.

Татко. Неважен беше на овој свет сè додека не започна потрагата по него. Го бараа двоношци: жандари и доушници. Го бараа четвороношци: коњ и песови трагачи. Го бараа властите: полиција и војска. Го бараше законот. Го бараше студот; студени цевки го гледале. Го бараше врелината: итаа кон него куршуми и го стигнуваат врели клетви на расплакани мајки и вдовици. Го бараа… Четириесет и седум дена го бараа…

Овде, во Домот за лица со посебни потреби, каде што од неодамна работа, трчкам – не ми е тешко. Дојдов овде, ја добив работата како што ја добив; мојот сосед – познат коцкар кој себеси си го даде името Клерк, го одра директорот на карти. Кога директорот веќе немаше што да стави на талонот, се досети да понуди работно место кое чини седум илјади евра. Клерк со коцка го доби работното место и можеше да го продаде на кого било, но јас налетав – се бев вратил од Деспотовац. Не ни претчувствував дека ќе ја добијам работата. Клерк, коцкар со чудна душа, не ми рече – јави се на работа оти си сираче, без никого нигде. Не. Клерк рече: Јави се на работа, во Домот… Твојот татко, Нуман Нумиќ, храбар беше, го познавав, па ете, и јас за тебе нешто да направам. Оди и работи.

Секако, јас знам дека мојот татко не беше никаков јунак, иако многу го нарекуваат така – не; тој се одметна, 47 дена и ноќи се криеше, и тие 47 дена и ноќи и денес провира во моите денови и ноќи.

Ете, како нечиј син, како комшија на еден коцкар, дојдов во овој Дом, во мирисите на макарони, пот, неизмиени тенџериња и чинии, во крици; дојдов на третиот кат, поминав покрај кујната, салата за билијард и шаховската сала, ја најдов управата, се јавив на директорот.

Да, ти си тојШто имаш од школо?

Пелтечејќи, реков, завршив Средно техничко училиште во Деспотовац. Ми стигна по пошта дипломата. Планирав да студирам, ама излезе оваа можност.

Одлично. Од денес работиш, донеси ја утре таа диплома. Честитам. Ффффала.

Треба да знаеш, работата е привилегија. Почни да работиш, стабилизирај се, па можеш да студираш и во работен однос, подоцна, полека… Гледаш дека пола народ е без работа. Сите отидоа на Запад, ојдоа луѓето, само да се прехранат. Ги свиткаа кичмите за ќорав залак. Ти треба да ја искористиш оваа шанса.

Шшшшто ќе работам?

Види – рече директорот и од тој ден па натаму не ми ни дозволуваше многу да потпрашувам. Се трудеше повеќе тој да зборува за да не ме слуша. Ние имаме сервирки. Тоа се жените што им ја сервираа храната на корисниците. Но добро е да има и еден сервир. Подобро е да речеш сервир, отколку мушка сервирка. Ја спушташ тацната, им велиш да јадат; навраќаш подоцна и ги земаш садовите, ги носиш во кујна да ги измијат… Помогни им на сите. Што и да кажат докторите, сестрите, техничарите, физиотерапевтите – послушајЕдноставно, млад си, биди им на сите на услуга. Па и ако некој те прати по цигари, отрчај, послушај го; инаку, да знаеш, пушењето е забрането во која било просторија; кој пуши, нека го прави тоа на тераса.

Не се ни обидов да му кажам, не пушам. Поставив прашање. Ддали е тттешка ррработата?

Види! Како може да биде тешка? Тешки се некои корисници. На приземје се параплегичари. На првиот и вториот кат се психијатриски болни и алкохоличари. Овде на третиот кат, покрај управата е мензата, салата за билијард и фудбалче на маса, шаховски табли… на четвртиот и петтиот кат се старците – затоа што ова, според замислата, требаше да биде дом за старци, а на шестиот кат се разни: напуштени случаи, луѓе што заборавиле кои се и што се. Има тука и некои кои можеби го кријат идентитетот, некои кои шекнале во војните и најдени престрашени, без меморија… Има тука пациенти кои посетиле десетина болници, секаде ги лечеле, и ни ги пратија нам, овде да свенат. Несреќата е во многу соби, но за тебе е важно што имаш добра и лесна работа.

Ддддиректоре, што е најдобро што можам да направам? За корисниците и пациентите? Игнорирај ги. Мнозина од нив се овде оти нивните семејства плаќаат само да не ги гледаат во своите куќи. А некои се овде по дваесет години. Не знаеме ни кои се ни што се, никаков документ немаат, ни имињата не им ги знаеме… чекаме да умрат; да не ни беше страв од Бога, ние ќе ги шутневме, ама не знам кај да ги фрлиме. На кого? Ова на многумина им е последна адреса.

Ккккој е мојот шеф?

Тие сите се шефови. Кој што и да ти каже, ти послушај го. Немој да доцниш на работа. Ќе работиш во смени, како и другите, Секој кат има по триесет соби. На приземје се собите од 1 до 30. Првиот кат, од 101 до 130, и така по ред, до шестиот кат каде што се собите од 601 до 630. Овде, на третиот кат, просториите не се нумерирани. Сè лесно ќе научиш. Јави ѝ се на главната сестра, таа ќе ти даде задолжение, катовите кои ти треба да ги држишИ уживај! А како рече дека се викаш?

Сссемир Нннумиќ.

Семир НумиќУбаво име! А твојот татко беше познатиот Нуман Нумиќ? Така ми кажа Клерк, ако не лаже.

АвторЕнес Халиловиќ
ПреводКалина Б. Исаковска
2021-04-03T19:03:30+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 133 - 135|