Кон романот „Во сенката на злосторот“ од Хелена Хеншен (превод: Ивица Челиковиќ. Антолог, 2019)

/, Литература, Блесок бр. 130 - 132/Кон романот „Во сенката на злосторот“ од Хелена Хеншен (превод: Ивица Челиковиќ. Антолог, 2019)

Кон романот „Во сенката на злосторот“ од Хелена Хеншен (превод: Ивица Челиковиќ. Антолог, 2019)

Во сенката на злосторот (I skuggan av ett brott), роман на шведската писателка Хелена Хеншен (Helena Henshen) излегува во превод на македонски на Ивица Челиковиќ и во издание на Антолог десет години откако во 2009 година, заедно со уште неколку наслови ја добива тогаш штотуку востановената Европската награда за книжевност.

Во промотивното четириминутно видео направено за целите на таа награда, Хелена Хеншен, тогаш шеесет и деветгодишна, ја возат со такси низ бриселските улици. На задното седиште, таа кажува дека ова свое прво дело го објавила на шеесетгодишна возраст. „Не знаев што ќе се случи со оваа книга, вели авторката, но се случи да биде голем успех.“ „Која е тајната“, ја прашува жената која во колата разговара со неа. „Имаше тајна, во моето семејство“, вели Хеншен.

Се чини дека таа семејна тајна е основата на сижето на овој роман: во 1932 година, вујкото на авторката, Фредрик фон Сидов го убива својот татко и неговите две слугинки, а потоа ја убива својата сопруга и на крај се самоубива. Убиениот татко е виден граѓанин на своето време, окружен судија, директор на стокхолмската полиција на почетокот на дваесеттиот век, претставник на владата во Горниот дом на парламентот, претседател на Шведското здружение на работодавците, централна личност во шведската економија.

„Никој не можел да објасни зошто Фредрик фон Сидов го убил својот татко и двете слугинки. Никој не знаел и никаде во полициската истрага не е наведен мотивот… Во семејството не се зборува за тоа. Тоа е нешто тајно и забрането. Не постои и никогаш не се случило. Можеби токму затоа неговото постоење е толку очигледно“, вели авторката, која се чини дека со оваа книга, во своите зрели години се нафатила да направи една книжевно-документаристичка реконструкција на овој настан. Во оваа реконструкција, таа користи (и цитира) полициски потерници, написи во весници, здравствени картони, судски записници, приватна кореспонденција, но и сведоштва и разговори со поблиски и подалечни членови на своето семејство, пријатели и познаjници. Романот, пак, е поделен на неколку дела: Предговор и вовед (овој вториов без наслов), Друштвото на Фредрик, Животот на Софи, Фредрик и Софи, и последниот дел насловен како Убиство.

Оној претходен кус опис на сижето на романот може читателот да го наведе да верува дека можеби се работи за крими роман, романтизирана приказна за убиецот и неговата соучесничка, некои шведски Бони и Клајд. Впрочем, тие се на слична возраст и живеат и умираат некаде во истиот период како и главните протагонисти Фредрик и Софи. Но, кога ќе се навлезе во романот, она „се чини“ станува појасно, зашто ова дело има многу елементи го прават и поинаков и подлабок.

Така, уште самиот наслов кажува дека ова не е толку роман за злосторот, колку што е роман за сето она другото, скриено во неговата сенка. Во сенката на злосторот Хеншен слика една лична, мачна семејна историја, и ја слика наспроти поголемата, познатата историја на Шведска, а донекаде и на Европа, во првата третина на дваесеттиот век. На овој начин, таа на јавниот, општествениот дискурс му го сопоставува личниот, приватниот наратив (нешто што често се случува кај писателките, нешто што можеби е една од главните одредници на женското писмо).

Во таа лична историја, во семејните констелации, во интимните приказни можам да посочам неколку мотиви. Прво, тоа е неколкупати повторениот, дијахрониски и синхрониски рециклираниот, но секогаш подеднакво емотивно мачниот мотив на отуѓената мајка: „Нашите животи се варијации на истата тема: Мајка што нагло исчезнува. Тоа го поврзува нашето семејство“. Тешкиот однос на детето со отуѓената, отсутната мајка е лајт-мотив во ова семејство, слика што со генерации се повторува и се пренесува, речиси како генетска порака за следните генерации. Дури и мајката на убиецот, Фредрик, поминува голем дел од својот живот во душевни болници: „Нејзината душа е затворена во чаура на стравот, а внатре никој не може да допре. Фредрик има мајка, но нејзиното срце е затворено.“

Ваквиот мотив е условен и поврзан со општествената улога што жената ја имала (во случајов) во Шведска. Ова е, впрочем, времето на Фројд, оној што рекол дека анатомијата е судбина. Ова е и периодот кога излегува неговата книга Цивилизацијата и нејзиното незадоволство (Das Unbehagen in der Kultur, 1930), во која Фројд пишува за судирот меѓу општествените норми и стеги од една страна, и потребите и инстинктите на поединецот, од друга. Ова е време во кое мажите се занимаваат со големите наративи, со општествено битните работи (подемот на германскиот фашизам, големата економска криза). И убиениот татко, „Јалмар фон Сидов е важна личност во овие сериозни времиња. Тој е еден од оние што би требало да воспостават ред“, а од жените се очекува, во една потполна економска зависност од мажите, да се занимаваат само со семејните работи. Со влегување во брак, како што вели Хеншен, жените се претворале во сенки на самите себеси, „им биле дијагностицирани слаби нерви или неврастенија, додека вистинска дијагноза би можело да биде немоќ.“
Така, овде гледаме живот во кој општествените и семејните улоги се дефинирани во строго одредени рамки (мажот мора финансиски да го обезбеди семејството, жената мора да раѓа деца во рамките на бракот, децата мораат послушно да ги прифатат животните патишта кои им се предодредени, а „задача на возрасните е да ја попречуваат детската волја, инаку детето ќе израсне во диво суштество што е невозможно да се подложи на контрола.“ Доколку тие рамки се нарушат, и општеството и семејството сурово се справуваат со престапниците. Токму немоќта или неспособноста на ликовите од семејното минато на Хеншен да се прилагодат на ваквите стеги се таа трагична неизбежност која ги турка во лудило, бегство, и на крај, во убиства и самоубиства.

Би сакала овде да се навратам некаде на почетокот на она што го кажував. Неколкупати реков „се чини“ кога всушност зборував за тоа што овој роман не е. Овде веќе можам да кажам дека, во сенката на злосторот, наспроти површинската приказна за Фредрик и Софи, овој роман е всушност автобиографски и автореференцијален наратив за самата потрага по приказната, за процесот на истражување и на пишување. Како таков, тој е и едно интимно, терапевтско прочистување на авторката. Опишувајќи ги овие процеси, таа почнува со ставот дека долгогодишното прикривање на семејната трагедија, или подобро речено, семејниот срам се едноставно преголеми за и таа да продолжи да ги игнорира: „Во молчење и срам се раѓаат сенки“, вели таа, додавајќи: „Станав носител на Настанот, на прашањето без одговор, на никогаш разоткриената семејна тајна, и морав да седам на тоа црно јајце што не знаеше да пукне… Но, ќе поминат повеќе од четириесет години пред да соберам сили за да тргнам во потрага по архиви и библиотеки и да нарачам да ми ги достават сите документи за убиството.“

Затоа, можам да заклучам дека авторката е присутна во својот текст исто толку, ако не и повеќе од своите ликови. Таа зборува за себе исто толку колку што ги остава и нив да зборуваат во свое име. „Книгата е мое лично толкување на тоа што се случило, но трагањето по тоа што се случило и како влијаело на преживеаните е нивно“, вели таа уште во предговорот. Во тоа откривање, или подобро речено, интерпретирање на животите на своите предци, Хеншен го открива и го интерпретира и својот комплициран однос со мајка си, недоволната комуникација, отуѓеноста и отсутноста, негирањето на минатата траума.

Пишувајќи и деконструирајќи ги тајните, не само семејните, туку и своите, таа се ослободува, станува своја, или вистински станува писател, зашто и Борхес во својот есеј „Слепило“ вели дека „еден писател, или секој човек треба да мисли дека сѐ што му се случува е инструмент; сите нешта му биле дадени за некаква цел и ова веројатно е посилно во случајот на еден уметник. Сето тоа што му се случува, дури и понижувањата, срамовите, несреќите, сето тоа му било дадено како глина, како материјал за неговата уметност; мора да ја искористи.“

12 септември 2019, Книжарница Антолог, Скопје

АвторЕлизабета Баковска