Алиса во земјата на критиката

/, Литература, Блесок бр. 125/Алиса во земјата на критиката

Алиса во земјата на критиката

(за книгата Мозаик од гласови на Лидија Капушевска-Дракулевска, Скопје, Магор, 2018)

 

Дали е доволно да се биде жена за да се пишуваат есеи како жена? Дали е доволно да се биде универзитетски професор за да се пишуваат есеи од научно-истражувачки и академски карактер? Дали е доволно да се биде искрен, благороден и чесен читател на литературни дела, за да може тие да се проследуваат, да се анализираат и да се интерпретираат сериозно и акрибично, а сепак мило и шармантно, како што го прави тоа добитничката на наградата „Димитар Митрев“ за 2018 година, Лидија Капушевска-Дракулевска.

Ја парафразирам оваа мисла на феминистичката критичарка Шошана Фелман, многупати цитирана и од самата Лидија во нејзините есеи посветени на други жени писателки, за да можам да се позиционирам поблизу до нејзиното книжевно писмо и тргнувајќи од него, да се обидам да искажам нешто за природата на нејзината критичко-есеистичка работа. Пред неколку години со Лидија спроведовме едно зaедничко истражување за жените критичарки во македонската литература, заклучувајќи дека е кај нас очигледна предоминацијата на женските пера, особено во доменот на академската критика. Денес имам можност во списокот на критичарките да ја додадам и Лидија, која тука секако припаѓа, а тогаш од разбирливи причини, се иззеде себеси од анализите.

Но дали есејот навистина може да има родово обележје? Не сум поборник на брзоплетото и лекомислено лепење на оваа етикета, но факт е дека секој автор твори тргнувајќи од некоја своја позиционираност: временска, просторна, јазична, цивилизациска, генерациска, па во таа смисла и родова, секако. Жената, беше речено уште во Декамерон на Бокачо, е идеалниот читател на новелата, односно на книжевниот текст воопшто. Но навидум нежната женска природа на Лидија не треба никого да залаже: таа умее да ги покаже својата извонредна цврстина и стаменост секогаш кога ќе се фати за перото и ќе се впушти во толкување на книжевноста, на нејзините повеќеслојно длабоки и многустрани пројави и варијации.

Компаратистка по вокација и по образование, Лидија во своите текстови со леснотија се движи низ многубројните светски и македонски книжевни феномени кои биле предмет на нејзиниот интерес и кои се нафатила да ги проучува или да ги толкува во својата речиси тридецениска професионална определба за литературата. Критичар, антологичар и есеист со неуморна љубопитност и незаузден дух, Лидија Капушевска- Дракулевска е автор на седум одделни книги со критичко-есеистичка содржина, како и на осум приредени книги и антологии. Фактот дека нејзината прва критичка книга, Во лавиринтите на фантастиката (1998), доживеала и второ издание, говори самиот за себе, ако знаеме дека кај нас најголем број книги од критичко-есеистички карактер никогаш не успеваат да ги исцрпат ниту скромните тиражи од првата објава.

Погледнати заедно, книгите на Лидија самите зборуваат за една чудесна еволуција на нејзиниот творечки пат: првите книги, преработки и адаптации на магистерскиот и докторскиот труд на авторката, се одликуваат со исклучителна акрибичност и сериозност, но пред сè, со сеопфатност и темелност во научноистражувачкиот пристап, додека поновите наслови покажуваат една многу послободна „поетика“, да го употребиме овој термин толку драг и на нашата есеистка, поигрива, но и позрела, посигурна во себе, суверена во изборот на книжевните прошетки, смела во судовите и толкувањата.

Таква е и оваа нејзина најнова, наградена книга Мозаик од гласови. Станува збор за комплексен критички труд во кој авторката се пројавува со дваесет и седум луцидни огледи и записи посветени на автори, дела и појави поврзани со современата македонска книжевност. Огледите се поделени во пет поглавја: Поетски гласови, каде што се поместени текстовите од областа на поезијата, Прозни гласови, посветени на раскази и романи, Созвучни гласови, кои подразбираат споредбени анализи на македонски и странски писатели, Имагинарни гласови, поврзани со трајната страст на авторката за жанрот на книжевната фантастика и Нови гласови, во кои вниманието е завртено кон творештвото на помладите автори. Сè се тоа текстови во кои Лидија се потврдува како грижлив и педантен проследувач и познавач на литературата, и тоа не само во сопствената јазична и културна средина, туку и како компетентен промислувач при нејзиното компаративно разгледување во споредба со другоста и другиот.

АвторАнастасија Ѓурчинова