Поезија – Игор Исаковски

/, Литература, Блесок бр. 123/Поезија – Игор Исаковски

Поезија – Игор Исаковски

НА МЕША, НАМЕСТО ПИСМО

 

со очи се советуваме, велиш.

а јас мислам со души си кажуваме –

исто е, некако, брате мој на друг

и трет континент, зашто знаеме

како другиот дише, дури и кога

со месеци не си пишуваме

(дури и кога со месеци не ти пишувам)

 

не ти ги праќам моите нови песни,

не ти пишувам што слушам

додека спијам и додека читам.

не ти кажувам дали и колку пијам

(често и обилно, како јужноамерикански

дожд да ми се слева во гркланот,

цел амазон од напливи и поплави)

 

не ти кажувам како треперат ѕидовите

околу мене, но понекогаш запишувам

по некоја песна: да ни се најде во долгите

мугри, малку пред изгрејсонцето

мене да ме успие, тебе да те разбуди

 

ти ми ги праќаш твоите музики

толку непретенциозни листи

набиени со меланхолија која ниедна

сончева светлина не може да ја наслика

а јас сега помислувам колку чифт уши

можат да издржат пред да почнат

да прскаат како обилен кинески огномет

 

со очи се советуваме, велиш.

што ќе ни се уши, помислувам.

со души се разбираме, молкум, знам.

и ти знаеш, брате. знам дека знаеш.

АвторИгор Исаковски
ПреводЕлизабета Баковска
2019-01-15T10:19:58+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 123|