Tribute to “Bikini Moon”

Tribute to “Bikini Moon”

Дали филмскиот дискурс на Милчо Манчевски најмногу ќе им влезе под кожа на ликовњаците?

Tribute to “Bikini Moon”


Во моето интервју со Милчо Манчевски („Големото стакло“, бр,14/15, 2002) ставени се во тесна корелација неговата љубов кон ликовната уметност и неговата (друга) љубов – филмот. „Го земам објективното како еден од најосновните елементи на креативниот – уметничкиот процес, поради директната поврзаност на уметноста со објективното“, изјавува авторот уште во живото време на неговите перформанси и хепенинзи во 1983 година. Ако во неговите филмови синеастичката криптографија деликатно укажуваше на оваа “тајна” врска, во последното дело Бикини Мун таа станува многу драстично евидентна констатација, која укажува на декомпозиција и деконструкција на филмската нарација. Таа е фрактална, распарчена како во кубизмот – омилениот ликовен стил на Манчевски. Врз парчињата стварност (весници, делови од фотографии, слики) во кубистичките фази на Пабло Пикасо, Хуан Гри или Жорж Брак, е распослана мрежата на имагинацијата. Така и во Бикини Мун, жестоката реалност со која се соочува главната личност ја засенуваат креативните фантазии на авторот и како да не дозволуваат реалитетот да го јавне уметничкото и vice versa. Судирот на она од животот со надреалното или метафоричното (богомолката, групните сцени на забавите…), подеднакво нè вовлекува во еден вид на дадаистички авантури на обсцени сцени, како што на времето иритирале луцидните иронии на Марсел Дишан, апсурдните акции на Тристан Цара, измислено – верните колажи на Курт Швитерс, а подоцна и феноменалните конструкт-дела на Роберт Раушенберг. И целата оваа историја на уметноста Манчевски понатаму ја испреплетува со блур впечатоците (како рефлексиите од фотографскиот домен, од сликите на Рихтер) на креативно неартикулираното движење на камерата, потоа и со спотовската/рекламната испрекината слика и ефектите од новите научни достигнувања. Како несекојдневно надарен ерудит, авторот тенденциозно ги миксира старите и новите „технологии“, стиловите, жанровите кои се фиксираат главно на релацијата документ и уметничка интерпретација. И не е тоа само манир уловен во филмот, туку и едно општопознато опходување во сферите на визуелните уметности или во литературата: убавиот пример од романите на најизвиканиот фраер во денешните belles lettres – Фредерик Бегбеде (особено мојот омилен Уна и Селинџер). И да не одиме толку далеку, тука ни е Гоце Смилевски со неговите оживувања и чести епистоларни, но бравурозни книжевни апропријации на Фројд, Спиноза или Абелар, неексплицитно асоцирајќи на денешната реалност.

Италијанскиот писател Итало Звево, пишува за „окнижевување на животот, односно дека дефинитивно е мртов само оној живот кој не е прераскажан“. Во случајот на последниот филм на Милчо Манчевски Бикини Мун, хероината, како веќе офилмувана односно преведена на уметнички јазик,

е извонредно жива личност, живототворна и покрај ненаклонетоста на судбината. Режисерот ја извлекува оваа убава жена од светот на мртвите, ставајќи ја постојано на работ на ејзенштајновите скалила, дозволувајќи ѝ да преживува на рабовите на смртта.”Нејзините зборови таа ги изговараше така што тие потсетуваа дека меѓу нишките на мачната присила на животот може да се вткае суштината на постоењето” (Гоце Смилевски, Враќањето на зборовите).
Така некако сакам да го запаметам овој филм.

Скопје, 25 март 2018

АвторСоња Абаџиева
ПреводМилан Дамјаноски
2018-09-25T09:28:15+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 119|Tags: , |