„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

/, Литература, Блесок бр. 116/„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот


За ваквото „отворање“ на јазикот Огнен зборува и во својата белешка кон преводот на Моби Дик, кога вели дека „преведувањето на Моби Дик се покажа како вистинска можност да се ослободи она што теоретичарите на преведувањето го нарекуваат ‘јазичност’ на јазикот, односно да се активира што е можно повеќе од потенцијалот на јазикот за да комуницира со другиот јазик преку сопствените изразни средства“ (Чемерски, 2014: 273). Предизвикот на преведувачот воден од љубовта кон мајчиниот јазик и љубопитноста за него, овде е од една страна да ги разобличи македонските јазични комплекси (особено и најпрво оние за сиромаштијата на нашата лексика, во случајов поморјанска), а од друга страна, да го проблематизира јазичниот пуританизам (особено и најпрво промовиран од лекторската заедница, а базиран на недоволниот, недостапниот и немодернизираниот корпус јазични прирачници, како речници и граматики)3F . Притоа, основната појдовна точка е дека секој јазик, вклучително и македонскиот, истовремено е и совршен и вечно недовршен и променлив, а преводот е средство преку кое може да се согледа, да се разбуди и да се изнесе на површина сиот негов потенцијал. Токму преку преводот имаме можност да го размрдаме „сопствениот македонски јазик користејќи ги неговите можности и со тоа на текстот и на еден битен призвук на тој збор им даваме нов живот – не живот по смртта, туку поживот, во кој ќе живее повеќе и подобро, со средства што му биле нерасположиви на авторот, а и македонскиот јазик се подмладил“ (Чемерски, 2015: 32). Така се деконструира и привидот за лексичката сиромаштија на една мала, копнообрабена земја, зашто Огнен покажува дека „поморјанските решенија се на дофат на раката доколку се црпи од јазикот на нашата книжевност од деветнаесеттиот век, од јазикот на нашите рибари, занаетчии, еснафи и од нивните тајфи, од македонската топонимија и етимологија и од секоја друга сфера што ќе се покаже податлива“ (Ibid. 8).

Некаде на почетокот на Триста ветрила!, нејзиниот автор кажува дека при еднодеценискиот труд околу преводот на Моби Дик „се загатнаа темите за преводот наспроти значењето и пораките, за зборот, за етимологијата, за испреплетеноста на јазиците и нивното меѓусебно општење, за слоевитоста на јазиците, за вистината, односно верноста, за задачата на оној кому му се паднало да преведува“ (Ibid. 16). Се разбира, уште многумина автори и преведувачи (повеќе вон, отколку во Македонија) пред него пишувале за потребата, природата и претпоставените законитости и правила кои (треба да) владеат со книжевниот превод. Ваквите текстови често зборуваат за насоченоста и целисходноста на преводот, преку сиот спектар негови видови и можности. Така, се смета дека некоја слепа верност кон оригиналот (изворникот) раѓа буквални преводи (речиси автоматизирано заменување на еден збор од еден јазик со негов пандан во друг јазик)4F , додека поривот за оригиналност и слобода на преведувачот води до адаптации кои на крај можат само да асоцираат или да потсетуваат на своите изворници. За ова последново Набоков во својот есеј „Уметноста на преведувањето“ вели дека е „најлош степен на расипаност“, при кој „едно ремек дело… подмолно ќе се разубави на еден таков начин за да се приспособи на мислењата и убедувањата на одредена публика. Ова е злосторство што треба да се казни со справа за мачење, исто како што биле казнувани плагијаторите…“ (Набоков, 327). За Набоков, верноста кон изворникот, па и кон авторот кој го пишувал, е етичката димензија која кај преведувачот треба да надвладее над сите останати. Тој [преведувачот], покрај стандардните квалитети (извонредно познавање на двата јазика и двете култури, како и целосна свест за контекстот во кој е напишано делото што се преведува) „мора да поседува талент за имитирање и да може да ја глуми улогата на вистинскиот писател, имитирајќи ги неговите трикови во однесувањето и говорот, неговите обичаи и мисли, и тоа со огромна веродостојност“ (Ibid., 332). Пастернак, уште еден познат автор и преведувач, пак, малку поинаку од Набоков, вели дека преводите во една идеална ситуација, „мораат да бидат книжевни дела за себе, и преку текстуална еднаквост, да стојат рамо до рамо со својот изворник, во својата оригиналност… преводите не се метод за запознавање со поединечни дела – тие се средство за постојана комуникација меѓу културите и народите“ (според Sokolskaya). Притоа, „преводот мора да дојде од автор кој го почувствувал влијанието на оригиналот многу пред да се нафати на својата задача. Тој мора да биде плод на оригиналот и негова историска последица“ (Ibidem).

АвторЕлизабета Баковска
2020-05-05T09:28:42+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 116|