El amor en los tiempos del cólera

/, Литература, Блесок бр. 100/El amor en los tiempos del cólera

El amor en los tiempos del cólera

El amor en los tiempos del cólera


Во декември 2014 година ненадејно почина мојот врсник, колега и пријател, поетот Игор Исаковски. Половина година подоцна, ја прочитав и ја препрочитав неговата збирка поезија, Дека да, последната напишана и подготвена од негова рака. Во ова прочитување, не ме изненади тоа што најдов само една единствена печатна грешка (зашто Игор беше прецизен пишувач и уште попрецизен читател и на своето писмо и на писмата на другите), ниту пак тоа што со стихови исполнил стотина страници (зашто од некого поезијата капе, а од Игор извираше). Ме изненади тоа што овде, каде што очекував да најдам мачни претчувства и предвесници на неговото заминување (онакви какви што наоѓав во претходните негови збирки, како Смртта има коса од морска трева), наидов на ведрина и многу љубов. Јеби га, како што би рекол тој, секој од нас постојано се соочува со своите деконструирани предубедувања.

Дека да е единаесеттата збирка поезија, а седумнаесетта објавена книга на авторот за кој верувам дека не е само предводник на мојата генерација македонски автори, туку и нејзина своевидна метафора. Неговото творештво, неговите ставови, неговиот начин на живеење и работење и неговата севкупна личност, во себе ги носат сите тегоби и парадокси на генерацијата која го преживува битништвото на бескрајната македонска транзиција. Игор во секој поглед го одликува забревтаноста на товарниот воз кој постојано ита, натоварен, а жеден за брзината која ќе го ослободи, силно, гневно и жестоко влечејќи го товарот на минатото кон некоја неизвесна иднина. „[Ј]урам како природна / непогода, шибам како разулавен ветар / кој усните ти ги бара. па ги отвора,“ вели овој поет на движењето, на дејствувањето, на идејата која мора да се преточи во акција. Мирувањето и помирувањето никогаш не му биле блиски, а уште подалечно му беше прифаќањето или премолчувањето на нештата со кои не се согласуваше. Така живееше, така и пишуваше, без да се штеди и без да застане да погледне зад себе.

Во сите десет збирки кои ѝ претходат на оваа, Игор пишува обилно и соголено, со длабоко убедување дека онаму каде што почнува автоцензурата, завршува уметноста. Неговиот поетски егзибиционизам не се воздржува ни пред темите (алкохолизмот и смртта на татко му, брачните проблеми, сопствените пијанства и љубовта и презирот кон другите), ни пред зборовите (па во неговите стихови нема еуфемизми ниту за сексот ниту за смртта). Токму заради ваквото, целосно отсуство на притеснување (или желба не да му се угоди на читателот, туку на сопствениот порив за пишување), неговото писмо делува мрачно, тешко, на моменти експлозивно, па дури и навредливо. Нему читателите му требаа, но тој не ги прибираше со хипокризија или со заведување. Напротив, постојано беше расположен за кавга и со нив и со своите колеги, особено тогаш кога нивните читања и сфаќања на поезијата му се чинеа неуки, плитки и избрзани. Затоа, неговото поетско писмо, иако интимно, во голем дел е натопено и со автореференцијален (книжевен и уметнички) активизам, зашто со него повикува на постојана полемика токму за суштината и важноста на поезијата.

Песните што Игор ги напишал и ги собрал во оваа книга, како што напоменав погоре, се без исклучок – љубовни. Тие се исповедни, интимни, топли размисли за љубовта, онаа класичната, романтична љубов, љубовта на еден маж кон една жена. „[Не] сум ти рекол, ми се чини: / жени сакам, но мене сè ми е еднина: ти,“ ѝ вели тој на саканата, со стихови напишани епистоларно, со купче љубовни писма до онаа на која ѝ се обраќа директно. Оваа љубов поетов ја живее и ја доживува во својот веќе препознатлив хронотоп – во големата соба, на терасата, во градот на неговата постојана осама. Љубовта е игра на зборови, на мириси, на допири, таа се јаде како месо и се пие од чаша во која крцкааат коцките мраз. „[Ч]асовите без тебе се долги како седмици,“ ѝ вели милно, копнежливо, тој на саканата, во миговите кога ни се чини дека, растанцуван, опасно се приближил до границата на клишеата, за потоа пак да потскокне со посебни, речиси сурови метафори: „ела сега, сакам да те вкусам. / во твоите најдлабоки мириси. / нека ме, во тебе, додека не зазори. / додека сè не ни стане магличаво / и болно. мамурлакот е неприкосновен / деспот кој срцата ни ги дроби / ко снегулки за појадок“.

Кога ја препрочитав Дека да, обидувајќи се (уште еднаш) да ја разберам природата на овој (љубовно-) поетски порив на Игор, на ум ми падна Маркес и (насловот на) неговиот роман Љубов во време на колера, зашто прашањата кои се отвораат се вакви: Зарем има смисла токму последното што го напишал Игор да бидат љубовни стихови? Во времињата во кои живееме и во годините кои ги имаме, зарем има некаква смисла да се пишува љубовна поезија? Има ли место за љубов во време-невреме, во „време на колера“? Поетот нема дилема: „сега е време за сè убаво, сега е време / за танц и смеа и очила за сонце испрскани / од капки роса, од пресилно кренати чаши, / од светлина топла испрскани. од помислата / на твоето меѓуножје наросени, натопени, / такви очила за сонце, со капки погусти / од смола обележани…“ Се чини како токму во ова време и токму во овие години овој забревтан воз да запрел на своето одредиште, да го нашол својот мир и смислата на животот (а и на смртта), кога вели: „овде сум оној кој што сум. толку / смирен, што не сакам ни ти да понудам / take it or leave it: јас сум она што сум / а ти само таков ме сакаш. … тивок / сум ти, љубов, тивок и смирен, / пак помирен со светот. пак спокоен / пред длабочината на јамата, пред / недогледноста на бездната: нема / мрак доволно силен да нè прекрие, / нема страв и болка од кои не сме / појаки“.

Во времиња на неспокој и неизвесност, во времиња на страв, можеби најсилниот отпор од сите е оној на поединецот, оној кој решава да се спротистави сам, единствено со упорно и постојано, инаетливо повикување на својот внатрешен мир: „ќе спијам во мојот кревет. / додека надвор завиваат снегулки / и раката нерешително ми трепери. / ќе спијам во мојот кревет. за инает / на сите тие претскажувања: за мојата / смрт, за војни, за катаклизми, за сè / што би тргнало наваму–натаму“. Тогаш кога сѐ губи смисла, единствената смисла се наоѓа не надвор, туку во себеси, а љубовта останува единствената боја на таа смисла. Таа го буди потиснатиот креативен порив, таа го буди оружјето на поетот — зборовите. „[З]боровите, оние вистинските, / оние вистинитите, се клуч / за сите катанци врз вербата. / јас сум среќен човек, јас сум / светлина која ги омеѓува / световите,“ вели Игор. А потоа, некако налик на себе, изненадува со последната песна во збирката, онаа која ги заокружува стотината страници стихови во кои поверував дека во љубовта го нашол својот спокој. Во таа песна, насловена Копнежнот го зголемува стисокот, поетот кажува дека сите претходни љубовни зборови се само сеќавања, „милни лузни“, проблесоци во неговата сегашна, носталгична осама: „одамна веќе / сам со себе зборувам во ноќите, надевајќи се / дека некако, на тивко, на топло, ќе ме чуеш… / па да ти го почнам денот со насмевка. нежна“.
„Како ми доаѓа да ве разџигерам со некоја љубовна,“ рече Игор на социјалните мрежи. И неговиот љубовен шепот во овој тесен простор се крена над сите викотници и крици… Ожежи мајсторе!

АвторЕлизабета Баковска
Автор
2018-12-19T13:09:54+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 100|