Џенет капиџик

Џенет капиџик

Од Св. Врачи до Крстовден Никола Михаил испушташе душа и пред секое зајдисонце беседеше: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде алчно, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“
Тоа есенско попладне Никола неколкупати ја креваше главата од постелата. Загледан во дворот небаре очекува низ ѕиданата ограда некој да помине. Кога посиве и последната трага на црвенилото од сонцето тој стана од постелата и седна на столчето крај двокрилниот прозорец.
– Време им е за јација! – изусти старецот.
Се облече сам после три месеци лежење и отиде во кујната. Син му Бошко седеше крај телевизорот загледан во некој воен филм. Снаата шиеше нешто под сијалицата. Тешкиот мирис на зовриеното вариво му создате мачнотија во утробата, но детските пелени, обесени околу печката на дрва го исполнија со мир и спокојство.
– Стана, а? – воздивна синот.
– Решив да го отворам капиџикот.
Снаата подзапре со дишењето и го сврти погледот кон свекорот. Синот нервозно извади цигара од кутијата, ја протри меѓу прстите, ја оближа и длабоко вовлече за да ја запали пред вратничето од ќумбето.
– Кога? – праша синот.
– Сега! – одговори старецот.
– Сега реши или сега ќе го разѕидаш?
– Ти ќе го разѕидаш!
– Кој го ѕидал тој нека го …
– Ти да молчиш! – ја прекина Бошко жена си.

* * *

Утредента, пред изгрејсонце Никола и син му Бошко стоеа крај ѕидот одбележувајќи го местото со гребење каде што некогаш бил капиџикот кој стотина години ги поврзувал куќите на дедо Михаил и амџа Сабит. На едните низ капиџикот им било поблизу до џамијата, а на другите до градините во Чаир и до гробиштата.
Кога синот се качи на скалата и ја одкорна првата тула со ѕидарскиот чекан старецот длабоко воздивна.
– Знаеш – рече Никола – кога умре дедо ти Михаил низ капиџиков го носеа пијани луѓе. Се сопнаа и со се ковчегот летнаа во дворот на амџа Сабит. Оние што одеа напред беа раскрвавени, врз нив лежеше дедо ти. Се стрчавме да ги кренеме луѓето и да го вратиме покојникот во ковчегот, но тогаш дедо ти Михаил стана и со прекор се загледа околу себе. Пијаните кога го видоа тоа фатија пустина, гас преку глава, низ дворот на амџа Сабит. Дедо ти од тој ден проживеа уште десетина години, а капиџикот цела Гази Баба го нарече Џенет капиџик, но откако ти се роди, мајка ти, знаеш, сум ти раскажувал…
– Знам, знам, ми раскажувале и други – потврди синот и му ја подаде втората тула на татка си.
– Пред поплавата – продолжи таткото.
– Ги знам сите случки! – нервозно дофрли синот.
– Пред поплавата, во Скопје, занаетот почна да изумира во чаршијата. Со денови никој не го пречекоруваше прагот на дуќанот. Бевме решени да го затвориме и да се вработам некаде на државно. Уште не можам да го заборавам вкусот на туршијата, четирипати неделно јадевме туршиени пиперки полнети со ориз, а трипати грав. Тие денови амџа Сабит, кој од дрвенарија правеше само налани, разгласи дека во дуќанот на Михаил се прават најубавите налани и работата тргна како улава. Толку добро ни одеше што не знаевме што да правиме со парите. Кај нас тргна, а кај амџа Сабит секна работата. Дедо ти Михаил веднаш почна да ја дели работата со амџа Сабит, но мајка ти се вмеша, неколку пати бегаше кај нејзините, а за да се врати бараше да го заѕидаме капиџикот.
– Пак се лоши времиња, не оди работата – изусти синот и му подаде тула на татка си.
– Во чаршијата, на десетина години доаѓа, има-нема, но за една скромна живејачка секогаш се собирало. Треба да се има верба дека на овој свет сите се среќни и дека така ќе биде на веков, само ако изутрина и пред спиење му се помолиме на Бога. А ние со капиџиков им го затворивме патот, треба да вртат по горната улица за да одат на молитва.
Ги протри Никола рацете од кошулата и со двете дланки помина од набразденото чело до брадата. Ја крена главата кон небото и го виде амџа Сабит како го отвара капиџикот, тргнат на утринската молитва пред изгрејсонце, тропа на прозорецот и довикува по соседот Михаил, па двајцата како да лебдат заминуваат: едниот кон џамијата на утринската молитва, а другиот кон чаршијата да ги отвори дуќаните.
– Мораме да побрзаме, ќе се раздени! – молежливо изусти старецот.
– Има време – одговори синот.
– За Велигден – продолжи Никола – првите вапцани јајца ги носевме преку капиџиков во куќата на амџа Сабит, а за Бајрам прво ние се сладевме од нивните баклави. Еј, немало да се нема нешто кога гости пречекуваа и двете куќи. Абе, и без јадење сме останувале и едни и други, само за гостите да се има.
– Не сакам да ти го кршам кејфот, ама сега се други времиња. Секој си ја гледа својата мака. Никој за друг не мисли! – со пола уста рече синот.
– Знаеш зошто не врви работата во чаршијата?
– Знам што ќе речеш. Без еснаф нема чаршија.
– Се нема верба и терате само трговија, синко! Купи, препродај.
– Така е и посигурно и поефтино.
– Ама така ги баталивте занаетите.
– Нема друго.
– Како нема? Работите, а не само со телефоните дај ми ова, дај ми она. Дедо ти Михаил и амџа Сабит секогаш кога не одело…
– Знам, знам!
– Кога знаеш, зошто не се фатите за вистинска работа, имате златни занаети со внуците на амџа Сабит, па ќе видиш дека и Господ ќе помогне. Соседите се од Бога дадени, синко!
Бошко се загледа од другата страна на ѕидот како да видел чудо. Мавташе со рака како да сака да го викне татка си да се качи и да види, но истовремено му стана јасно дека стариот тоа не би можел да го стори и дека на скалата не собира двајца.
– Што е? Симни се да се качам!
Синот одмавна со рака.
– Можам, кога ти велам. Симни се!
Никола се качуваше по скалата и трепереше како тенката прачка што удира по тапанот. Кога неговите исушени раце го допреа разѕиданото тој направи уште едно качување по скалата но таа потона во ѕидот, а пак тоа го принуди да направи движење со рацете како за летање, од другата страна на Џенет капиџик. Но пред да се најде на тревата, меѓу урнатите плитари, во дворот на амџа Сабит, сети дека светлината што е во него веќе никогаш нема да биде темнина. Виде дека Џенет капиџикот, меѓу дебелиот ѕид-ограда, од другата страна никогаш не бил изѕидан.
– Треба веќе да си на утринската молитва – му рече Никола на внукот на амџа Сабит кој клекнат крај него гледаше во изгрејсонцето низ отворениот Џенет капиџик.

АвторСтево Симски
2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 13|