ЌЕДЕР

Домашен јаболков оцет
Краток трактат за живописот
Задгробни вертикали


За брат ми, кој е во гробот. За бебето, кое неколку минути било во прегратката на мама. И за некој трет, кој ем е брат ми, ем не е. Приказната за тројцата браќа и златното јаболко, читана измешано – златниот брат и трите јаболка.

Со нив можам да го објаснам целиот живот. Првото јаболко е за радоста дека си родила. Второто е за маката дека не си родител. И третото, за да потсети колку осаменост има и во едното, и во другото.

Краток трактат за живописот

Нѐ учеше да веруваме во непостојното, но никогаш да не го бараме, затоа што, ако го најдеме, еден копнеж ќе умре. Беше татко на нашите копнежи – нашиот учител по цртање.
Внимателен кон нашите први обиди. Сликајте секој пат кога плачете. Сликајте така, сеедно, вежбајте да плачете. Акварелот секогаш е глетка низ солзи. Ставете ги очилата на дедо ви, постојте зад испотените прозорци на возот, кој се оддалечува. Само оддалечувајќи се, можете да разберете колку сте блиску до глетката.

До крајот на животот остана близок до нешто што секогаш отсуствуваше. До некој чиј портрет бледнееше. Сигурно затоа што за него блед и телесен беа синоними за една и иста боја, за еден и ист човек, како само во магливите утрини накратко да го наоѓаше изгубеното. Потоа маглата се креваше и јасно ги препознававме облиците на еден тажен човек.

Ја носеше тагата како што се носи триножник. Трите ножа на дишењето, прободениот воздух од кој капе нова боја секојпат. Сликаше. Не ги покажуваше сликите на никого. Ни текнуваше на нив според темата, која ни ја задаваше за време на часот.

Поделете го картонот на два дела. Лево нацртајте го најсреќниот ден, десно најнесреќниот. А за домашно, веќе познавајќи ја, нацртајте ја линијата што ја поставивте меѓу тие два дена, нацртајте ми ја како куќа, погледната однатре.

Потоа ги оценуваше со петка нашите куќи. Сеедно дали пренатрупани и разнобојни, многукатни и невозможни за конструирање, на сите им ставаше одлична оценка. Другите наставници му напоменуваа дека тоа не е педагошки оправдано, дека така ги осакатува нашите критериуми за правилно и убаво. Кој сум јас да ги редактирам детските погледи, со тоа се правдаше секој пат.

Одбивањето да ја управува насоката на човечките погледи беше најтрајното нешто во неговиот свет: нешто како дете, кое би можел да го има и да го гледа во домашни услови како на другите луѓе. Како на е смртта на секоја уметност, велеше. Се имаше спасувано неколкупати – можеше да има атеље како на, слава како на и музи како на. Си дозволуваше промена само во боите и во претходните ставови.

Често нѐ собираше по дома. Може да доаѓате секое време. Едни одеа за да си потврдат дека таму навистина нема ништо. Други гледаа во празната куќа можност да ја досликаат. Со нив работеше повеќе. Ги припитомуваше за дивото.

Еднаш ја подели класата на две. Тематски. Цртавме за совршениот живот и – за најдобриот пријател на човекот. Сакаше да видам има ли разлика. Додека нѐ учеше да ја откриваме, настојуваше сетилата да ни се навикнат дека сѐ е едно, но зависи кој ни го црта.

АвторЈорданка Белева
ПреводСузана В. Спасовска
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T09:19:41+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 119|