Љубомора

Љубомора

* * *

Време е за интимни зборови, кои ги проникнуваат досега скриените доживувања на телесната наслада. Нека дикцијата на љубомората се прелие во слап на возбуда! А преминот е потежок отколку што би му се чинело на здравиот разум во новосоздадените пријатни околности. Директната писмена покана за ментален секс во текот на првото Џојсово патување во Даблин сè уште не е можна. Чувството на осквернавената идеализирана визија на љубовта уште со последни сили ја сопира ерупцијата на телесната страст. Ќе биде потребна уште еден, хуронски напад за да се урне ѕидот и конечно да зовријат телесните сокови. Привидот на исполирана духовна љубов конечно ќе се распадне дури при втората Џојсова посета на Даблин. И тогаш, на сцена ќе стапи веќе проверното оружје, љубомората. Од случаен испад, некаква случајна средба, љубовната искра ќе се смени и ќе се оствари како традиционален став, нешто што во животот веќе е не можно да се избегне. Љубоморното око со својата сеприсутна фокусација ќе стане оној механизам кој ширум ќе ги отвори портите за карневалот, за славењето на телото и неговите танци.
Љубоморниот Џојс на второто патување јасно демонистрира дека опседнатоста може да изненади со уште полоши ерупции. Џојс уште еднаш копа низ завршеното нешто, сега уште повеќе ситничари, неговата занесеност за запознавање со деталите на измислените Норини еротски излети е навистина неверојатна. Што му правела? Доживеал ли оргазам? Сомничењата се напојуваат со сите можни знаци кои би можеле да сокриваат тајно еротско доживување. Сите се осомничени, сите играат против него; што и ако Нора е само итроманка која со чистота го заведува, а зад неговиот грб игра предавнички игрички?
Загатката на сегашноста, клучот за проценка на Норината верност, сигурно се крие во нејзиното минато однесување. Таквото пребарување се потпира врз многу сиромашни податоци. Но, и покрај скромните упоришта, минатото со својата фасцинантна закривеност го повлекува во вител на уште полоши сомнежи. Подрачјето кое со тонењето во ништо неотповикливо се сокрило од неговите посети и емприски обиди, неговото око никогаш нема да го достигне. Што се отвора зад млечното стакло на минатото? Неговата љубомора, при помисла на Нориното минато, добива улога на филтер којшто со сомнежи во искреноста ја преплавува секоја педа на нивниот однос. Можноста за одлучувачки експеримент и последични заклучоци е заскогаш отстранета.
Вештерката повеќе не може да биде фрлена во вода и да се причека дали ќе се удави или ќе исплива на копното.

* * *

Невралгичната точка на Нориното минато Џојс уште пред тоа ја опишал во исклучителната новела Мртвите. Ја отелотворува единствениот човек во кој Нора пред него воопшто била вљубена. Се работело за некој младич од Голвеј когошто со Нора го поврзувала длабока меѓусебна наклонетост, но можниот развој на нивната љубов го претекнала неговата смрт. Токму трагичната смрт таа љубов ја замрзнала и ја направила отпорна на касаите на времето. Така не може да биде случајно што во Мртвите Нориното алтер его, Грета Конрој, е убедена дека младичот умрел за неа, поправо заради увеличување на нивната љубов. Токму во Мртвите Џојс ја открил судбинската димензија на перспективата од која гледа на тоа Норино доживување. Неговото алтер-его, младиот интелектуалец Габриел Конрој, при заминувањето на прославата која се одвива секоја година, станува свесен дека сопругата му е единствениот сојузник среде општествената сенилност и дури и агресивност. Пријатните сеќавања се притиснати од телесната желба. Хотелската соба би требало да биде арена на нивната страст. Но неговата свест тука ја погодува и вториот шокантен удар. Нејзината исповед го соочува со вистината дека Грета во меѓувреме, додека тој потполно се внел во нивната приказна, сета им се предала на сеќавањата од минатото. Нивните умови се разидуваат. Мртовецот е фантом кој продира во нивната стварност. Иако уште во ритуалната здравица ги воздигнуваше живите на сметка на мртвите, Габриел сега одеднаш ја чувствува нивната студена близина. Сликата на два празни листа хартија чиишто белини почнале да се исполнуваат само во засолништето на нивната љубов, конечно исчезнува. Нивните светови се два брода кои допловиле преку различни мориња за судбински да се сретнат на попатниот крстопат. Потполната еднаквост на нивните товари била само привид. Апсолутното има инаков аршин за мерка. Снегот којшто ги брише разликите и со заборав ги покрива живите и мртвите, неусилено се претопува во одѕвонувачката мелодија на оваа Џојсова новела.
Само љубомората со бес го бои познатото спознание за искуствената поделеност, со чувство на некаква духовна и телесна неисполнетост. Од Џојс извираат обвинувањата за себичноста на љубената личност која во себе ги закопала повеќе скриени богатства отколку што било предвидено со непотпишаниот договор на нивната високо-фреквентна љубов, втемелена врз потполниот склад на нивните души. Сега деталите го интересираат повеќе од кога и да е. Кога ноќе беше со него во темина, зарем твоите прсти баш никогаш, никогаш, никогаш не му ги откопчале панталоните и се вовреле во нив како глушец? Дали некогаш си му го издркала, драга, кажи ми навистина, или на некој друг?… Момчето од Голвеј всушност е само канал за општото прашање: Дали пред она кога мене ми ги откопча панталоните, никогаш, никогаш, никогаш не си осетила меѓу своите прсти кур на некој друг маж или младич? Нека во име на искреноста ги признае сите гревови во кои тој не учествувал! Џојс, имено, и тоа како добро се сеќава како на првиот состанок без сопирање го мастурбирала него самиот. Токму еросткиот слој на нејзиното искуство за него е оној одлучувачки убод кој ја отвора раната, загноена, со сомнежи кои печат. Дали таа доживеала повеќе од него? Дали нивните заеднички доживувања се врвот на нивните свесности? Дали навистина заедно го доживеале сето она кое се чинело одлучувачко и единствено во нивните животи? Џојс, всушност, го мачи сопствениот статус. Дали тој навистина е оној кој со својот остар интелект за обајцата ја оживотворил темелната одлука, заедничкото бегство од татковината? Дали тој е оној кој ја надгледува положбата и истата ја насочува, или токму тој негов величествен разум е само бедно слепило кое го штити од вистината како таа за сето време поживо учествува во играта на животот, а тој е само смешен набљудувач, осуден на стапиците на умот и на апсурдно дрдорење.
Силниот сомнеж кон неа морал да доведе и до сомнеж во сопствената супериорност, зашто што друго би била желбата за експанзија преку сиот живот на Нора? Токму во средиштето на несигурноста, еротскиот замав, толку својствен на виорот на џојсовската љубомора, морал да се скрши и да се сврти кон својот објект, истргнат од сите можни контексти. Желбата за уште поинтензивно учество во реалниот однос на таа точка превладува над изнемоштената потрага по духови. Претопувањето на нивните свесности станува императив на волјата: повеќе не е гесло кое би ја замрзнало нивната врска во стабилен и мерлив монолит. Наместо територијална колонизација, опсадата на вчера, денес и утре, Џојсовата волја се сосредоточува во сегашниот момент и ги мери потенцијалите за вртоглаво полетување. Драга, драга моја, денеска толку страсно го сакам твоето тело што би ти скокнал кога би била овде со мене, па дури и кога со твојата сопствена уста би ми рекла дека пред мене те издупиле половина од селанчиштата од целиот Голвеј.
Ослободената телесна сила станува мост преку кој ќе се обиде да се прошверцува на небото.

* * *

Од љубоморниот сомничавец се раѓа страсен оргијастичар кој дури сега навистина непосредно признава дека освен духовното, кај Нора го привлекува и потполниот телесен копнеж. Но, и покрај и во духовната љубов која кон тебе је чувствувам, и животинскиот нагон по секоја педа од твоето тело, по сите негови скриени и непристојни делови, по секој негов мирис и чин. Поради љубовта кон тебе можам да му се молам на духот на вечната убавина и нежност кој се огледува во твоите очи, или да те сместам под себе на твојот мек стомак и да те ебам одзади, како што прасето ја јава свињата и да се насладувам на секоја смрдеа и на потта која ти се крева од газот… Џојсовиот говор сега веќе не е обвинување, туку млаз потни алузии, нималку прикриени и завиткани во целофан. Отсега, Нора е, покрај сите нежни придавки, и мало ебачко курвиче. Раздалечината помеѓу Трст и Даблин секако го спречува непосредниот контакт, затоа нивните писма од една страна стануваат незауздан израз на желбата, документ на некаква отсутност, а од друга страна некакво помагало за мастурбацијата која толку пати се спомнува. Џојс својата избраничка неброено пати ја фали за отвореност и ја поттикнува да пишува колку што е можно валкано. Телото конечно се населува во освестениот дел на нивниот однос и страсно влегува во сферата на волјата. Немирна телесност со сите додатоци, со сите излачувања и исцедоци. Писмата кои порано вриеја од духовни висини, горат од запаливите тонови на љубомората во треската на хедонизмот, со сите можни телесни чинови.
Таа ненадејна ерупција на чулноста не се случува во некој изолиран отсечок на нивната љубов. Таа е создадена од длабоката духовна сродност и наклонетост или барем во тесна врска со неа. Жорж Батај тврди дека без забрана, како на човекот иманентна зададеност која го уредува и го чува животот од уништување, нема исчекор преку, нема трансгресија, каде што во оргијастичка наслада би се поништиле сите ограничувања и во тоа екстатично поништување на ЈАС можеби се отвора апсолутното. Дури и ако на таа дијалектика на Батај не можеме потполно да ѝ веруваме и да ја примениме на сите можни варијатни на еротски односи, се чини употреблива за објаснување на развојот на односите помеѓу Џојс и Нора. Несомнено е дека магнетизмот на нивната врска отпрвин се темелел на исклучително духовен сојуз, додека пробојот на сензуалноста бил поттикнат токму од свесноста за гревот, од кршењето на аксиомите кои биле основата за нивната врска. Влогот, сепак, бил преголем. Ако нивните искуства никогаш нема да се поклопуваат во сите детали, ако нивните духови се сретнуваат само во пресекот, а не во секој доживеан трепет, можеби ќе им биде даден заеднички воздиг до онаа поместена точка каде границите на свеста се губат во маглата, каде наместо лакомата хоризонтала се отвора една вртоглава вертикала. Она што сега е важно е квалитетот на доживувањето, исклучителното чувство на широки граници, искуството на крајното присуство, кое – со сета своја радикалност – за момент ја пренебрегнува вообичаената рутина, ја осветлува со сјајот на бескрајното и минливото, за конечно да се врати на познатата територија, која никогаш веќе нема да биде иста. Во секојдневниот живот задишаните љубовници се враќаат како тајни сојузници. Првичната духовна врска, со новото случување добива уште поинтензивен облик. Тајното знаење ги поврзува и ги води кон немирната потрага: каде се границите на нашата приказна? До каде допираат душите, до каде можат да се завртат телата? Каде е работ на нашите животи, каде почнува смртта? До каде ќе стигнеме? Судбинската авантура ни оддалеку не е завршена, иако заветрината во пристаништето е повеќе од окрепувачка.

АвторМитја Чандер
2018-08-21T17:21:30+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 44|