Што да се стори во мигот

/, Литература, Блесок бр. 60/Што да се стори во мигот

Што да се стори во мигот

Џим, без прашање, едноставно ги зел и ги употребил на своите авионски макети од балса. Беше направил шест, многу се гордееше со нив. Имаше исполирано четири, а за другите два чекаше нова пратка воздухопловни амблеми. Мик се стушти по скалите, рипаше по две одеднаш, и речиси ја разнесе вратата од работната соба во приземјето каде што Џим ги чуваше своите макети и незавршените авиони. Го преврте Џим на подот со удар од двете тупаници, потоа го зафати по главата, додека Џим седеше. Пред да испушти и глас, Мик ги подбра завршените макети на полиците, ги искрши, и ќе го дофатеше и секачот од масата ако Џим не беше доволно брз. Мик ја имаше предноста, но Џим беше попрецизен. Мик заврши турнат на подот, исклоцан и истепан кога Џим конечно го собори, по многу мака, иако Миковата сила во тие испади беше речиси натприродна. Џим, пак, имаше научено неколку тактики, а предност му беше што е прибран.
Се почувствува неразбран.

* * *

Минаа два дена, ова е утрото на шампионатот во пливање. Џим е видливо нервозен поради тоа што нивните родители ветија дека ќе дојдат. А не дојдоа на неговиот тениски натпревар. Големо чудо, си мисли, но од тоа нема некое фајде. Мик, како и секогаш, успева да биде во центарот на вниманието. Џим стоички ги јаде своите четири вафли и замолкнува. Кога мајка му го прашува за тестот по хемија, тој мрмори. Станува од масата во мигот кога Мик влегува, влечкав како и секогаш. Навистина, премногу го тегне. Нема никаква самоконтрола. Еден ден Џим ќе си има своја засебна соба. За да ја има, ќе замине од дома ако треба.
Со среќа денеска, Мик, мрмори Џим додека ги закачува велосипедските штипки и заминува. Мик го крева погледот и му се насмевнува, речиси благодарно.
Но, на паузата за ручек, токму пред почетокот на трката, кога луѓето ги пуштаат да влезат во училиштето за да го следат натпреварот, Џим, кој беше невообичаено смуртен сето утро, се впушта во глупава кавга со едно од децата. Тоа дури не е некое дете кое го познава.
Да имав јас брат како Мик Тарнер, ќе земев кафеава боја за чевли и ќе го исчеткав; толку е бел што на човек му се гади, рекол Колин Томсон.
Тоа било. Џим го грабнал за шијата и го напикал во дрвото крај тениското игралиште.
Што рече за мојот близнак?
Не знаеш за шега? Зошто имате толку различни кожи, а? Ме чуди, ете. Ме чуди бааги.
Џим беше врз него и дури и тој самиот беше изненаден од жестината. Дури Гарт Расмусен успеа да ги раздели, но потоа Џим му се сврте нему и обајцата завршија на земја, во вистински боречки меч, речиси на чекор од канцеларијата на директорот. Тоа се претвори во вистинска тепачка.
Мик слушна за тоа од еден од неговите соученици. Се растрча наоколу и го најде Џим расчепатен под Расмусен како сè уште се бори.
Нешто налик на слепосна белина од бес влета во Мик. Се фрли врз Расмусен со сила кој овега го затекна неподготвен, изненаден од силата која го помести и го стркала низ тревата. Џим, ослободен, почна да станува.
Мик со сила го држеа два-тројца сеирџии. Неговото дамчесто лице беше збувнато црвено, беше речиси слеп од бес. Очите му беа страшни.
Расмусен почна да се смее, на сила, додека седнат се чистеше, а потоа стана за да продолжи со тепачката – со кој било од браќата. Со обајцата, ако треба.
Но, до тоа не дојде. Остај го брат ти сам да се тепа, му се с’сна едно од децата на Мик. Не можете двајцата така да се тепате, остај го да ја заврши тепачката. Тоа беше негова тепачка. А на Мик неколку раце му ги затресоа рамениците, за да бидат сигурни дека чул што му е кажано.
Тој полека кимна и потоа се повлече.
Брзо! Наставникот! шепна некој. Сите се раштркаа низ дворот а Мик го одвлечкаа некои од членовите на неговиот пливачки тим. Тој сè уште се тресеше од нешто што беше одек на бесот, лудилото кое го беше обземало, како во деновите кога беше дете, пред да научи.
Сфати дека не е подготвен да биде толку жестоко заштитнички настроен. Сликата на расчепатениот Џим, згмечен под Расмусен додека се бори да се ослободи: она што некој го прави во мигот на својата прва итна ситуација не е токму она што некој би можел да го претпостави, и покрај тоа што делувањето во тој момент е некако вродено. Тоа е она што е важно.
Мик никогаш не мислел на својот близнак на тој начин. Никогаш не се прашал (а и зошто?) што е навистина важно.
Со погледот го побара брата си. Џим и Расмусен стоеја настрана, заедно се смееја, се задеваа.
Мик се сврте. Не. Не беше изненаден. Оној силен бес кој го поттикна на акција беше создаден самиот од себе, во тоа немаше сомнеж. А сепак, не, не само-создаден, тоа беше нешто потполно надвор од него.
Им пријде и тие замолкнаа.
Му го фати погледот на Гарт Расмусен и се вџари во него. Ако го допреш брат ми, ти кажувам, со мене ќе си имаш работа. Како што рече, Расмусен, со мамење се успева, а ако јас еднаш почнам ништо не ќе ме запре.
Еј, Мик. Олабави. Џим се обиде да се вмеша.
Еднаш кога ќе почнам, ќе зажалиш, Гад Размрсулавен, прашај го Џим, он нека ти каже; мама тоа го нарекува диво-ирско, но ако тргнам ништо не ме сопира. Затоа, не почнувај, Размрсулавен.
Мик, бе… Брат му се обиде да се насмее, но никој не му се придружи. Сите чекаа.
Кажи му, повтори Мик. Кога имав дванаесет, кога сите мислевте дека сум надвор од контрола. Надвор од контрола, така рече тато, но тогаш бев машина, јас бев машина.
Не овде, му шепна Џим. Мик, си правиш беља…
Баш така. Но ти кажувам, Размрсулавен, можам јас да бидам и фин, можам да си се смеам на сопствените шеги ако треба; се сеќаваш на солените вафли, Џим? Се сеќаваш на тоа?
Џим се чинеше речиси благодарен. Брат му некако се имаше деактивирано; застрашувачката пареа во котелот престана да расне. Кога беше тоа, пред две години? Џим знаеше дека окото на брат му веќе не е фиксирано врз Гарт Расмусен. Џим повторно се обиде да ублажи.
Леле, неделата на солените вафли! извика со таков неочекуван жар што сите се сепнаа. Џим Тарнер не беше познат по драмење; ова беше реплика на брат му. Сега сите сакаа да слушнат повеќе, па дури и Мик почна да се смее и да објаснува.
Џим дозволи брат му да се врати во центарот на вниманието.
Секое утро, редовно како што е редовен коњот на млекарот, Џим си ги јаде четирите вафли. Мик му намигна на брата си. Можете и времето да му го мерите. Четврт до осум – земање на корпата со вафли, вадење на четири парчиња. Земање на шеќерот. Три големи лажици шеќер се ставаат врз вафлите. Се сипа млекото – од страна, никогаш одозгора. Оставате млекото да се впие во сувите страни и кога шеќерот ќе почне да се топи, не пред тоа, тогаш Џим ја збрцува лажицата и почнува да срка. Тогаш е точно 7:48. Сум мерел. Точно во секунда.
Мик секогаш доцни, додава брат му.
Вафли, шеќер, потоа млеко. По тој редослед. Секогаш. Што би се случило, Џим, ако го ставиш млекото пред шеќерот? Еднаш дури му предложив да го стави млекото прво, за вафлите да пливаат. Мислите дека се заинтересира?
Само Мик би предложил млекото да се стави прво. Тој нема смисла за ред.
Е па, решив дека нешто треба да се стори, пред и Џим да се претвори во часовник. Станав рано, пред вежбите по пијано и го наполнив садот со шеќер со сол. Никој не ме виде.
Но, зарем твоите родители… …?
Татко ми не јаде житарки, а мајка ми секогаш чека додека ние не завршиме. Џим секогаш прв посегнува по садот за шеќер. Во случајов, садот за сол.
Но, секој може да ја види разликата. Се чувствува.
Во 7.48 наутро? Џим не ни помисли.
Вистина е. Отпрвин не.
Додека не го лапна првиот залак.
Уф! Ќе ми платиш за ова, Мик. Ќе ти смислам одмазда, ќе видиш.
Јас ќе ти помогнам, рече Гарт Расмусен. Кој може да поднесе сол врз својот вафл? Какво сквернавење на вафлот. Каков беше вкусот, Џим?
Но Мик силно го прегрна брата си. Џим кове големи завери, знам јас. Да не ми настрадаат поштенските марки? Или, да не има Џим скришни планови да ми истури бибер во креветот? Слушајте ми го зборот: солен вафл, еднаш пробан – запаметен засекогаш.
Се чини дека Миковиот луд бес никогаш не постоел, толку потполно исчезна. Џим го гледаше, со рацете во џебовите, со прстите ги триеше штеповите на цврстиот материјал.

* * *

Сите заедно, како дружина, отидоа на трките. Мик во центарот а Џим прилично тивко се измеша со другите. Но не се доближи до Гарт Расмусен. Запомни дека бил под него, и во себе си носеше тивко непростување.
Всушност, токму Џим беше тој кој го рашири прекарот Размрсулавен, сè додека сите не почнаа да го користат, барем таа година.
Самиот Мик ѝ се радуваше на трката која беше речиси пред него. Сега, откако влета во онаа тепачка, веќе не беше важно дали стомакот и мускулестите нозе му се бели како на лупен компир, или како на бел кит.

Превод од англиски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:10+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 60|