Што да се стори во мигот

/, Литература, Блесок бр. 60/Што да се стори во мигот

Што да се стори во мигот

Мик гледа наоколу за да види дали ќе најде некој да му го мери времето, игнорирајќи го Расмусен кој има завршено со загревањето. На сцената се појавува Џим, сигурно му завршило полуфиналето во тенис (а на прв поглед се забележува дека резултатите не биле добри). Џим и Гарт Расмусен се нешто како пријатели, заедно имаат часови по хемија и физика, а понекогаш доаѓаат заедно кај нив дома за да ги прават, како што Мик ги нарекува, нивните смрдло-бомби во подрумот, додека Мик вежба пијано на катот, свирејќи сè погласно и погласно и повторувајќи ги скалите од кои знае дека Џим збеснува. Скалите се единственото нешто кое го нервира брат му. Дур. Мол. Хармониски мол, мелодичен мол, а потоа, бидејќи знае дека од тоа Џим дефинитивно збудалува, Мик свири четири октави од целата тонска скала. Потоа почнува со арпеџа. Може тој така со часови.
Џим се доклацкува до него во вистинскиот момент за Мик да му ја даде стоперката. Џим беше шампион во пеперутка минатата сезона, но тенисот превладеа. Или и тоа е веќе минато. Начинот на кој што тој го погледнува Мик дава јасно до знаење дека тоа не му е ден за туѓи молби, но Мик нема друг избор. Тој се прави дека не забележува како Гарт Расмусен застанува крај Џим и со него заминува кон крајот на базенот. Мик гласно му вели на Џим да почне со мерењето, и потоа се нурнува.
Има нешто убедливо кај телото во слободен стил. Водата се лизга крај тебе а прецизните движења со рацете, вообичаените странични замави на телото и одмерениот начин на кој устата зема воздух, сето тоа споено те прави свесен за угодноста на брзината. Миковите нозе, речиси сплотени заедно, во ударен ритам, по шест удари на секој замав, се чини дека се своеволни машини, ова може да трае вечно: првото свртување на педесет метри е како од книга, и тој не мора да го слуша брата си како ја извикува бројката, знае дека е во водство. Водство пред кого? Водство. Водство.
На сто метри ја исправа дланката и го допира работ на базенот. Овојпат со нетрпение го чека резултатот. Џим се наведнува кон него и му ја покажува стоперката. Си се насмевнуваат еден на друг. За првпат постои чувство дека нешто споделуваат. Но, речиси во истиот момент, и Расмусен доаѓа до нив.
Мери ми мене сега, Тарнер. Тоа воопшто не беше лошо, Мајклче. Сега јас сум на ред. Брат ти мисли дека ова ќе биде газење, Џим, но јас многу вежбав на браната. Се тркам со Кори. Треба да ја видиш во танга. Треба да ја видиш и без танга, но тоа може да ти е последно, мајсторе.
И Расмусен го поттурнува Џим пред да се намести на стартот, сè уште смеејќи се. Мик излегува од водата, но знае дека мора да види колку непријателот е блиску до неговиот нов рекорд. Мајка му, минатата недела, го нарече Мик воден дабар.
Болно е за гледање. Расмусен плива како кит, насекаде е, се превртува и збивта. Но, ја има и таа дополнителна должина и тоа не е за потценување. Би можел да ја добие трката.
Џим извикува: на првите педесет метри, обајцата имаат ист резултат. Мик одеднаш сеќава дека брат му можеби дури и се надева дека Расмусен ќе го победи. Ќе беше ли таков ако победеше во тенис? Мик малку се поттргнува од брата си. Едно од помладите деца доаѓа со пешкир и му го нуди: Мик со гримаса му се заблагодарува и сфаќа дека вниманието му е оттргнато.
Оттргнато доволно долго за да не мисли на трката на Расмусен. Се врти кон брата си токму навреме за да види како стоперката во неговата рака штракнува и застанува. Џим го погледнува Мик и крева еден прст. Меѓу нив има само една секунда.
На Мик не му се верува. Беше сигурен дека Расмусен заостанува уште по свртувањето на педесет метри. А и самото свртување беше сето расшлапано и несмасно, доволно да биде дисквалификуван во секое нормално натпреварување. Такво нешто овде, во школово, нема да се случи. И не со Расмусен. Мик знае дека тој би победил на поени во секое фер натпреварување, но кога натпреварувањето било фер?
Ова звучи како нешто што Расмусен би го кажал.
Тоа ќе биде добра битка, вели Џим и оди кај Расмусен за да му го каже резултатот. Заедно се смеат, Мик не може а да не го забележи тоа.
Мисли на пливањето, а не на тангата на братучетка ти, Џим го советува својот пријател и обајцата се кркорат. Тоа воопшто не е смешно.
Мик знаеше, потполно, дека исплива најдобро што може. Се тркаше сам против себе, соло во базенот, а и против застанатиот лут противник Расмусен. Секој замав беше чист бес.
Потоа Расмусен му приоѓа, пријатен затоа што Џим е близу. Исплива со едната рака врзана на грбот. Божем. Утре е вистинскиот тест. И го плеснува Мик по грбот така што му остава црвен отпечаток врз бледата кожа. Од ова нема спас.
Мик енергично се брише. Влегува под тушот и остава студената вода да го исчисти мирисот на хлор. Џим сè уште се смее со Расмусен додека овој се слекува и застанува под својот туш, на другата страна од бањата. Во еден миг, погледнува кон Мик. Тој речиси се засрамува. Мик не може ништо против тоа што кожата му е толку бледа. Толку бледа и толку дамчеста онаму каде што сонцето ја гори. Го избра пливањето зашто тоа беше начин да биде и на сонце и во вода од иста причина: мислеше дека ќе се куртули од тој изглед на лупен компир што сиот живот го прогонува. Џим и неговата маслинеста кожа: тој може да биде на сонце по цел ден без никаков проблем. Мик само еднаш видел човек блед колку него: кога Џони Армстронг дојде во училиштето од Мелбурн, минатата година. Грозно е кога некој се срами од себеси.
Дојдоа две други момчиња. Добро исплива, Тарнер, му вели едното од нив. Би сакал јас да можам така барем педесет метри.
Не, вели неговиот пријател, Тарнер е бела фока, а ти си кокер шпаниел. И обајцата си одат, сосе пешкирите. Мик се пробива низ нивното болно подбивање и се упатува кон купот алишта. Џим и Гарт Расмусен сè уште зборуваат под тушевите, за девојки и за било што друго од што Џим се смее прилично бесрамно. Тоа воопшто не личи на Џим.
Мик се чувствува уште поранлив. Зошто е тоа така?

* * *

Последниот од Миковите „диво-ирски“ испади беше најлош. Мик се сеќава на тоа зашто сè уште можеше да го почувствува, некаде длабоко во себе, бесот и обземачката жестина на тој бес, кога откри дека Џим рошкал низ неговото шкафче – шкафчето на Мик, второ од врвот – и го зел пакетчето Трансфери кое тетка Аги го имаше сочувано од нејзината кутија со житарки и му го имаше дадено на Мик кога овој работеше во градината на татко му. Мик ги беше скрил Трансферите под своите шамичиња, сметајќи дека некогаш за нешто ќе му послужат.

2018-08-21T17:21:10+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 60|