Читање на светлината

/, Литература, Блесок бр. 107/Читање на светлината

Читање на светлината

Читање на светлината


Токму врз фонот на оваа споделена темница, што дотука заедно веќе ја споделуваат раскажувачкото „ние“ и читателите, читателот интимно (интериоризирано во внатрешната, сопствена темница) ги доживува натамошните, филмски развиени судбини низ одделни епизоди од животот на сопружниците Марија и Раул, на двојките Серхио и Олга, и, Виктор и Сузана, на Андрес, Лола, Пабло, Хесус, Силвија, Соња, Ева. Впрочем, со изненада, може само дополнително да се констатира дека всушност се издвојуваат само 13 лица и имиња. Во уроборичниот лавиринт на приказната, лицето „ние“ всушност се доживува како чудовиште со непрегледно многу глави и испреплетени екстремитети. Нивната непрепознатливост во темницата ги умножува во постојано нови можности. Но токму оттаму, токму со оглед и на неговата укотвеност во овој уроборичен план, каде што и самиот интимно ги доживува во темницата, читателот мигновено интимно ги доживува и кусите, назименично овде-онде расфрлени епизоди на кризни моменти во нивниот живот – кога некој од нив ќе се појави во светлината на денот. Ги следи со внимание со кое се следи приказната на блиски луѓе. Зашто и самиот е сведок на нивниот најскровит, интимен и заеднички споделен порив да го достасаат, низ искушување, испитување, апсолутот на бидувањето вон ограничувањата на половиот, професионалниот, брачниот или каков било друг идентитет што се стекнува во заедницата. Утопијата на темната соба се состои во можноста во неа, со и низ другиот, до себе да се биде како самиот/самата со себе. Темната соба е еуристички откриен и потем, со заветот на тајноста бранет простор, наспроти чија утопија се премерува „падот во животот на заедницата“ на секој од протагонистите. Всушност, и не е извесно дали се само олицетворените 13 единствените кои партиципираат во посветенитот простор на темницата. Ние, се можеби и многу други. Всушност, можеби сите ние.

Ние е единствениот модус на раскажувачкото огласување, оттаму, „ние“ е и главниот, колективен и не докрај дофатлив и опсеглив протагонист на приказната. „Ти“ е секој којшто е недвосмислено, без задршка, без огради, без идентитетски граници од каков и да било вид и дел од „ние“. Токму од укотвеноста во тоа „ние, се проследуваат и епизодите за подемот и падот на општестевен, приватен и интимен план на олицетворените ликови на приказната, кои се следат од нивните студентски денови, од периодот на залезот на младоста, па во текот на петнаесет години, до нивната средовечност. Највозрасната личност во друштвото е, активистката Силвија, самохрана мајка на деветгодишен син, на четириесетгодишна возраст, којашто првпат ќе се појави како лице во втората половина на романот и чијшто општествен ангажман, заедно со хакерскиот на Хесус, конечно ќе ја загрози безбедноста на ова тајно место, кое напати е прибежиште, напати скривалиште – зависно од егзистенцијалната, општествена или интимна драма што секој од ликовите ја доживува во даден миг.
Макро-временските периоди од ова споделено време зад темните завеси и ѕидови, веќе беше спомнато, се раскажани во филмска проекција на секвенците. На пример, подемот на општественото скалило на протагонистите на многуглавото „ние“, е синегдохичен, анимиран приказ на ширењето на куќите, кревањето на таваните, отворањето тераси и поглед на тревници и базени. Секогаш во збирна множина. Како впрочем и во анимираниот филмски опис на периодот на падот, времето на рецесијата во Шпанија, активирањето на хипотеките – кога ѕидовите на куќите се стеснуваат, исчезнуваат базените, луксузните одмори, обврзните викенди надвор од градот, кога двособниот стан се заменува со студио, а канцеларијата на деловен човек со заталканоста во некоја од нишите на градот.

Филмскиот аспект на нарацијата е присутен не само во споменатиов вид на анимирано бележење на протокот на времето, туку и во интерлудиумите под наслов, „Се снима“, куси наративни секвенци, кои се јавуваат секогаш меѓу две поглавја, и кои во манирот на „новиот француски роман“ го бележат она што го бележи камерата на мониторот – секогаш некое ново лице, во божем приватниот простор на осамата, несвесно дека е набљудувано.

2018-12-17T13:05:47+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 107|