Чекајќи писмо од девојката што ја сакам

/, Проза, Литература/Чекајќи писмо од девојката што ја сакам

Чекајќи писмо од девојката што ја сакам

Денот започнува околу пладне и оди кон сандачето. Потоа се враќам во станот со празни раце, или во најдобар случај – со сметка за телефон. Кога сум веќе кај телефонот, почнувам да го употребувам. Неколку часови потоа, некоја девојка ѕвони на мојата врата. Отворам. Таа влегува, понекогаш ги собува чевлите, и застанува на вратата од мојата соба. „Боже, каков хаос!“, извикуваат сите тие девојки. Притоа забораваат дека тоа е моја соба и дека јас живеам во неа. Така заборавени и шизнати, почнуваат да ја суредуваат. Најчесто им пречи што креветот е таков каков што всушност треба да биде: перница, чаршаф и ќебе, ако ќебето не е на подот. Мислев дека имаат фобија од такви кревети, но како да го објаснам фактот што сите, или речиси сите, легнуваа во него и водеа љубов со мене. Девојките се чудни. „Креветот не ти е наместен“, тоа секогаш го кажуваат. Ниедна не дава забелешки на мојата маса. Претпоставувам дека масата полна со хартии и книги и згора на сето тоа – машина за пишување, е оправдана со тоа што ме сметаат за писател. Претпоставувам дека креветот ги иритира затоа што не ме сметаат за љубовник. Ниту за спанко. Во секој случај, јас сум голем сонувач. Малкумина од нив го знаат тоа.
Некој ѕвони на вратата. Отворам. Тоа е поштарот. Има голем коверт за мене. Тежи 1/2 кило. Очекувам да најдам дел од писмата што ѝ ги напишав во последниве две години. Во ковертот ги наоѓам моите раскази. Не победиле на конкурсот. Стигнале само до III место. На тој конкурс третото место не се печати и не добива пари. Но, и самиот коверт е изненадување. Понекогаш помислувам дека моето поштенско сандаче е проколнато, дека околу него има невидлива бариера што не дозволува нејзиното писмо да влезе внатре. Затоа секогаш помислувам дека конечно ќе го добијам тоа писмо по некое друго добиено кое ќе ја разурне бариерата. Или барем ќе направи пукнатина. Тоа би било доволно. Не барам повеќе.
Некој тропа на вратата. Нема струја. Отворам. Една од нив стои пред мојата врата. Потоа влегува, ги собува чевлите (надвор врне) и застанува на прагот од мојата соба. „Боже, каков хаос!“, и влегува внатре. „Креветот ти е ненаместен“, и потоа се ебеме. Така, на момент успевам да заборавам на писмото што го чекам.
Јас сум итар тип. Нејзините фотографии се закачени на ѕидот којшто од креветот не можам да го видам. Затоа ја гледам кога пишувам. Не се сметам за писател. Би рекол дека сум спанко. И љубовник, понекогаш. Јас само ги запишувам работите што се случуваат. Тоа го работам со страст и пристрасност. Тоа ми помага да заборавам на писмото. Понекогаш.
Девојките се чудни. Една од нив дојде кај мене со статус ДЕВИЦА. Некако се соблековме и се завлековме под ќебето. Таа се влажнеше полека. Но, и полека е подобро од ништо. Ги користам речиси сите трикови што сум ги научил во последниве неколку години, но тоа нема поголем ефект. Влажна е како јунски дожд. Час е, час не е. Ѝ го бакнувам вратот, градите стомакот. Се спуштам кон пичката. Ја бакнувам, ја грицкам, ја грицкам, ја лижам. Чувствувам како минутите минуваат. Нејзината пичка не ми значи ништо. Сите девојки водат љубов на различен начин; тоа е мамката. Никогаш не знаеш што ќе добиеш. Затоа и ја бакнувам, ја грицкам, ја лижам. Низ прозорецот влегува светлина. Дождот престанал. Таа станува повлажна. Се надевам дека ќе се возбуди повеќе. Лижењето станува монотоно; не слушам ништо од неа. Се прашувам што прави со рацете. Ги отворам очите. Таа ме гледа и се смешка. СЕ СМЕШКА??? СЕ СМЕШКА!!! Фригидна е? Не е. Не би требало да биде. Има само и „само“ 19 години. Фригидноста нема врска со годините. Па, за кој мој се смешка? Се тргнувам од неа и си ќутам како ќутук. Што друго би можел да правам? Да ѝ го пукнам тој ебен (неебен) химен додека таа се смешка? Секогаш имам трема кога се наоѓам пред химен. Се плашам да не ги боли. А оваа ќурка се смее! Е, јеби га, такви се авантурите во градов. Можеби треба да отпатувам. Никаде не сум сретнал толку многу девици како во Скопје. А сите се ебат, пушат кур, ти дркаат. Треба само да ги скинеш. Како до куров ми да ја скинам кога се смешка како зелена? Тоа смешкање ме уби. Не се смееше од задоволство. Ниту од страв. Се смееше… Онака. Мислам дека не бев смешен. Кој ќе го знае. Ја испратив до вратата, во секој случај. Можеби требаше да ја силувам? Како се силува? Нема везе, заеби.
Таа беше тука за да не мислиш на писмото.

Опасно е денот да се започнува со Blues. Може сè да тргне наопаку. Пивото во одредени количини може да помогне. Над и под одредени количини – одмага. Важна е вистинската магиска мера. Метриката не е важна. Денеска врне. Можеби затоа поштарот воопшто нема да дојде. Во секој случај, ќе се симнам до сандачето.

Свири Blues и некој тропа на вратата.
Една од нив влегува во мојата соба. Се чини дека она што другите го нарекуваат „хаос“ нејзе не ѝ пречи. Седнува на масата и чепка низ книгите. Го наоѓа најновиот број на „Разгледи“ и почнува да го листа. Потоа, воодушевена што пронаоѓа едно женско име меѓу поетите, почнува да чита на глас. Поетесата е најпрвин трудна, па добива дете, па доаѓа Нова Година, па одат на одмор со авион и така тоа. Излитени метафори и досада. Уверен сум дека Поетесата секогаш е напиена и наспиена и редовно го користи летото за годишен одмор. Со авион. Тоа ме поразува. Немам ни за пиво а моите песни се неспоредливо подобри. Конечно, Поетесата не очекува писмо. Оној што го создал предметот на инспирација веројатно е со неа. А и ако не е, си го има предметот. Мислев дека децата создаваат пожива инспирација. Нема врска, во секој случај. Денеска е пеколно врело и мириса на лето. Таа седи и се восхитува од нечии песни. Можеби ќе се случи нешто убаво. Можеби таа има пари за пиво. Можеби ќе се ебеме. Таа има долги нозе и проѕирна кошула и прекрасни цицки. Можеби треба да ја поебам на масата, врз сите тие книги и хартии веднаш покрај машината за пишување што со недели не пишува. Не е лоша идеја. Можеби треба да ги тргнам нејзините фотографии од ѕидот. Не, не можам да се натерам да се обидам да заборавам. Ќе ја поебам под туш, и онака е топло. Иако струјата се добива од вода, водата не можат да ми ја исклучат. Еден ден ќе ги платам сите сметки. Верувам дека ќе си ги наплатам моите. Не можам да се натерам да се обидам да заборавам.
– Ти стварно знаеш како да си направиш публика, а?, рече Јанко еден ден.
– Не знам. Како?
– Па брат, сите оние пичиња и пички и пичкишта што си ги поебал еден ден ќе ги купуваат твоите книги. Им чини кога пишуваш за нив. Се фалат со тебе.
– Ма, нема везе. Сандачето ми е маѓепсано.

– Шо е, пак те фаќаат мајките?
– Озбилно. Маѓепсано е 100%! Ќе се симнам да ѕирнам, за секој случај.
Ги изодев скалите до сандачето, го извадив клучот, отклучив и, писмото беше внатре. Излегов пред зградата и го растргнав ковертот. Беше долго, напишано со нејзиниот ракопис. Пишуваше дека ѝ требам, дека ме сака, сака да ме види, и сè така до пост скриптумот. А и таму пишуваше нешто слично. Го прочитав писмото уште еднаш и останав да седам пред зградата. Не знаев што попрво да направам и најпаметно ми се гледаше да не правам ништо. Оние фраери од филмовите секогаш знаат што треба да прават. Им пишува во сценариото.

29 март 91

Од книгата „Експлозии, трудна месечина, ерупции…“, Македонска книга, 1993

Автор:Игор Исаковски

2023-06-07T21:38:56+00:00 март 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 01, Проза, Литература|