Феникс

Лордот Стробери, благородник, беше страстен собирач на птици. Имаше најубав птичарник во Европа, доволно голем да им биде ујгун на орлите, а суреден така што и на колибрите и на снежните стрнарки климата совршено им одговараше. Но долги години во најдобрите катчиња немаше ништо освен натписот: „ФЕНИКС. Постојбина: Арабија“.
Повеќе стручњаци за птици го уверуваа лордот Стробери дека фениксот е птица од бајките или дека тој вид е одамна исчезнат. Лордот Стробери беше непоколеблив: неговото семејство отсекогаш верувало во феникси. Одвреме-навреме од трговските застапници (сосе потврди за трошоците) добиваше птици, наводно од видот феникс, но на крај излегуваше дека се од сојот златка, макао1F, портокалово обоен јастреб и тн., или препарирани вкрстени видови вешто одбрани од разновидни перја. Најпосле г-дин Стробери лично отиде во Арабија, каде што, за месец-два, најде еден феникс, стекна доверба кај него, го зеде и го донесе дома онака беспрекорен каков што си беше.
Фениксот беше необично личен, со чудесен табиет: питом спрема другите птици од птичарникот и силно приврзан кон лордот Стробери. Неговата појава во Англија роди големо одушевување меѓу орнитолозите, новинарите, поетите и шапкарите, и тие често навраќаа да го видат. Сепак тој не се дуеше иако беше во центарот на вниманието, па кога вревата околу сево ова стивна и посетеноста опадна, не стана огорчен и гневен. Јадеше колку што треба и се чинеше бескрајно задоволен.
Одржувањето на птичарник чини доста пари. Кога лордот Стробери умре, тој немаше ни скршена пара. Птичарникот го дадоа на продажба. По обичај, за ретките птици како фениксот, се организираше јавно наддавање со учество на претседатели на големите европски зоолошки друштва, или поединци од САД; ама така се потрефи, лордот Стробери умре баш по Светската војна, време кога тешко се доаѓаше и до пари и до храна за птици (рака на срце, скапата храна за птици беше една од причините за пропаста на лордот Стробери). Во лондонскиот весник Тајмс се велеше дека Зоолошката градина од Лондон треба да го купи фениксот зашто народ со толку обожувачи на птици има морално право на ваква ретка птица; со таа цел, беше отворен Фонд за фениксот на Стробери. Студентите, природонаучниците и учениците даваа свој прилог кон фондот онолку колку што им беше длабок џебот; но ним џебот им беше плиток, а поголема помош од страна немаше. Така, извршителите на тестаментот на лордот Стробери ја прифатија повисоката цена што ја понуди г-динот Тенкрид Полдеро, сопственик на Полдеровиот свет на чудата.
Извесно време, за г-дин Полдеро фениксот претставуваше успешна зделка. Беше смерен и мил, и лесно се привикна на новата средина. Му даваа храна што не чинеше кој знае колку, ги сакаше децата; навистина не беше некој марифетчија, но г-дин Полдеро се надеваше дека фениксот наскоро нешто ќе поднаучи. Славниот Фонд за фениксот на Стробери сега беше од огромна корист. Речиси секој приложник зашпаруваше по половина круна за да може да го види фениксот. Други пак, кои не дале свој прилог кон Фондот, плаќаа двојно повеќе да го ѕирнат во деновите кога се плаќаше по пет шилинзи.
Но, потоа, работата спласна. Фениксот си остана убав и мил како секогаш; ама, како што велеше г-дин Полдеро, тој не беше кадарен за ништо. Дури и за симболични цени, фениксот не беше интересен. Беше премногу тивок, премногу едноставен. Поради тоа луѓето порадо одеа да ги гледаат ѓаволиите на павијаните, или да му се восхитуваат на крокодилот што изел жена.
Еден ден г-дин Полдеро го запраша својот работоводец, г-динот Рамкин:
„Кога последен пат се нашол таков шутрак што платил да го види фениксот?“
„Ќе има три недели“ – одговори г-дин Рамкин.
„Ќе се нагнете до гуша, а ништо фајде од него“ – рече г-дин Полдеро.
„Еве, да тргнам од осигурувањето. За таа птица арчам седум шилинга секоја недела, а за исти пари би можел да го осигурам и Архиепископот кентербериски.“
„Не им е привлечен на луѓето. Мирен е повеќе одошто треба, во тоа е сета мака. Не сака ни партнерка, ни што и да е друго. До бесвест сум го ставал на проба со прекрасни женки: папагали, орли-рибари, кинески кокошки, и со бог знае што ли не. А тој, ни да се опули кон нив.“
„Не е лошо да го смениме за некој пожив,“ рече г-дин Полдеро.
„Невозможно е. Се раѓа само по еден.“
„Ма, ајде, што зборуваш!“
„Вистина ти велам. Зар не си прочитал што стои на кафезот?“
Отидоа до кафезот на фениксот. Тој кротко првна со крилјата, но тие не му обрнаа внимание. Го прочитаа ова:
„Хермафродит. Phoenix phoenixissima formossisima arabiana. Оваа ретка бајковна птица е единствена. Најстариот беќар на светот. Нема партнер/ка, а и не сака да има. Штом ќе остари сам се пали во оган, и за чудо големо, се преродува. Увезен е од Исток.“
„Ми текна,“ рече г-дин Полдеро. „Што викаш а, на кои години ќе е фениксов?“
„Ми изгледа доста млад и зелен,“ возврати г-дин Рамкин.
„Замисли, продолжи г-дин Полдеро, „да можеме некако да го потпалиме? За тоа однапред би разгласиле, се разбира, за да се предизвика интерес. Тогаш би имале нова птица, легендарна птица, птица со своја животна приказна. Таквата птица би можеле да ја продадеме.“
Г-дин Рамкин кимаше со глава.
„Прочитав за тоа во една книга,“ рече тој. „Треба да им изнајдеш мирисливи гранки и уште што ли не, а тие ќе си изградат гнездо, ќе чучнат во него, и ќе бувнат в оган сами од себе. Ама не ќе го сторат тоа сè дури не остарат. Тоа е финтата.“
„Препушти ми го тоа мене,“ рече г-дин Полдеро. „Ти среди го она со мирисливите гранки, а јас ќе го остарам што е можно побрзо.“
Со судни маки врвеше стареењето на фениксот. Количината храна што ја добиваше беше преполовена еднаш, па уште еднаш, но иако фениксот ослабна, очите му останаа јадри, а перјата сјајни како секогаш. И греењето му го исклучија; а тој ѝ пркосеше на цибрината и си ги прчеше пердувите, па не изгледаше ништо полошо. Му кладоа други птици во кафезот, птици на ќуд намќори и зајадливи. Тие го колваа и го задеваа; но фениксот беше толку смерен и питом што за ден или два пизмата затаи. Потоа г-дин Полдеро доведе мачки скитници. Овие не се разбираа со арно; фениксот фати да им лета над глава, а своите златести крилја им ги навираше в очи и ги ѕвереше. Г-дин Полдеро најде книга за Арабија и прочита дека таму владее суша. „Аха, тука лежи зајакот,“ си рече тој. Фениксот го преместија во помал кафез, одозгора со прскалка. Фениксот почна да кашла. На г-дин Полдеро му падна на ум друга добра идеја. Со денови демнеше пред кафезот пониетен да ѝ се кикоти на птицата и да ја тормози.
Штом фати пролет, г-дин Полдеро почуствува дека е време да покрене јавна кампања околу фениксот што старее. На добриот стар миленик на луѓето, велеше тој, му се ближи крајот. Во меѓувреме, на два-три дена ги проверуваше реакциите на птицата и во кафезот џитнуваше по две-три стиски смрдлива слама и малку ‘рѓав тељ со боцки, да дознае дали има абер да гнезди. Дојде ден, фениксот зеде да ја превртува сламата. Г-дин Полдеро потпиша договор во врска со филмските права. И конечно, се чинеше, стаса правиот час. Беше пријатна мајска саботна вечер. Неколку недели во јавноста интересот за фениксот што старее растеше, а цените на влезниците се искачија до пет шилинзи. Маса луѓе се начичкаа наоколу. Светлата и камерите беа вперени во кафезот, а низ звучникот се разлеа веста за чудото што треба да се случи.
„Фениксот,“ рече најавувачот, „е аристократ меѓу птиците. Само најретките и најбесценетите стракови од ориентална шума облиени со егзотични ароми ќе го примамат од нив да го изгради своето необично љубовно гнездо.“
Сега во кафезот втурија разни гранчиња и струготини, фино стокмени и силно намирисани.
„Фениксот,“ продолжи најавувачот, „е ујлија како Клеопатра, раскалашен како Мадам ду Бари, опоен колку дива ѓупска песна. Сјајниот раскош и страста на древниот Исток, стишната музика, благите грубости…“
„Леле!“ Извика една жена од толпата. „Готов?!“
Фениксот си ги замрда смраморените перја. Се џареше наоколу. Со поревање слезе од седалото. Потем омалаксано ги завлечка стапчињата и струготините.
Камерите заштракаа, шурки светлина паѓаа право во кафезот. Заваркан накај звучникот, г-дин Полдеро извика:
„Дами и господа, дојде величествениот миг што светот желно го очекува. Легендата на вековите воскреснува пред нашите современи очи. Фениксот…“
Фениксот се стутули под кладата и небаре задрема.
Режисерот рече:
„Ако е ова сè, тогаш нека биде што ќе биде!“
Во тој момент и фениксот и кладата букнаа в огин. Пламени јазици се кренаа угоре, се раштркаа на сите страни. За час, сè се претвори во прав и пепел, и илјадници луѓе, меѓу кои и г-дин Полдеро, исчезнаа во пламенот.

Превод од англиски: Кристина Зимбакова

#b
1. Тип папагали од родот Ara и Anodorhynchus, по потекло од Средна и Јужна Америка (заб. прев.)

АвторСилвија Ворнер
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 15|