Утро на последниот ден

/, Литература, Блесок бр. 107/Утро на последниот ден

Утро на последниот ден

Утро на последниот ден


Имам остар слух како лилјак. Правам разлика помеѓу јужниот ветар што ме донесе и бурата што почна вчера. Ги слушам гумите од велосипедот на Давид, дишењето на асфалтот, смеата, се качува со една нога на седиштето, прави акробации… Ми дава сила да ги надминувам болката, гадотијата, стравот, тагата… Автобусот вози покрај пристаништето, слушам поинакви луѓе, го слушам морето што плиска во докот Сан Карло, гулабите на плоштадот Унита… Да можев да го игнорирам шушкањето на чаршафите и ноќните чекори, би можела да ги игнорирам и трагедијата, катастрофата, деновите што ги нема и деновите што постојат… Тој би можел некако да ме повреди, а од неа воопшто нема да се слушне ниту глас. Таа не е свесна ниту за себе, а камоли за мене.

Имам силно срце како лав. Срцето на секоја баданта го чинат спомените за другите. Моето е од погледот на Давид, од неговите раце кога блиску до моите, во неделите ги бришат садовите, ме седнуваат на каучот и ми носат кафе, тој е мојата сила, моето здравје. Заради него оставам јужниот ветар, тој лигушко, да ме турне во салонот од мермер, во мрак, смрдеа, непостоење. Давид ми ја турка крвта низ жилите додека си ја ставам престилката. Заради него ги бришам старите италијански газишта. Заради него не полудувам. Донеси ми ова, донеси ми она, избриши, испери… Заради него сè оставам за триесет и пет евра дневно да газдуваат со мене оние коишто со ништо друго веќе не можат да газдуваат, па дури ни на своите раце. Заради него правам милион чекори со отсечени нозе. Да го немаше него, веќе одамна би завршила со оваа работа.

Имам челичен желудник како волк. Затоа сега не повраќам. Смрдеата е брутална. Станувам од креветот што се собира. Боса сум. Во темнината нечујно ја поттурнувам подотворената врата. Течноста на подот сјае во светлината што навлегува од улицата. Повторно сам си го извлекол катетерот.

Таа седи на подот како немиот Буда, гола, со ноќната кошула се брише по главата. И без својата изострена кучешка способност за мирис ќе знаев што си размачкала по косата.
Се обувам. Го отворам прозорецот. Облекувам шлафрок.

Ја палам сијалицата, најпрвин во ходникот, потоа онаа малата во нивната соба, мојот волчешки желудник четириаголно се помрднува. Се воздржувам да не воздивнам. Таа си ја извадила пелената. Ноќната кошула е полна со лајна, си ги размачкала од косата на главата па сѐ до ноктите на нозете. Два по полноќ е. Вознемирен е. Пцуе. Моите раце растат, затоа одам по ракавици. Му велам дека е сè во ред. Во ред е. Одиме. Глупаво и беззабо ми се смее кога ја водам до купатилото. Одиме. Ја туркам на столот под тушот, ноќната кошула ја фрлам во машината за перење алишта. Ја местам програмата. Ѝ ја сушам косата. Ја местам пелената. Ја облекувам во чиста ноќница, ја ставам пред телевизорот. Сега и самата смрдам. Одиме. Си го соблекувам шлафрокот.

Ја бришам мочката. Ако не ја избришам јас, некоја од Молдавија ќе ја избрише за поевтино. Се надевам дека киселината нема да го изгризе мојот волчи желудник. Си ги заработувам парите. Своето млеко и леб. Одиме. Да имам каде, повеќе би сакала да крадам. Одиме. Се напнувам. Подместувам. Го кревам, го ставам во фотелјата, му ја соблекувам пижамата, не го слушам пцуењето, одам само напред, го бришам со мокра крпа, се напнувам, подместувам, му облекувам нова пижама, ја менувам постелнината, се напнувам, подместувам, го поместувам на креветот, му го местам катетерот, добро е, добро, го смирувам, одиме, ја доведувам и неа, ја ставам покрај него и ја гасам сијалицата. Ги затворам прозорците. Се туширам. Облекувам чисти тренерки. Саатот е четири. Над Трст светка. Паѓам врз својот кревет во претсобјето. Немам веќе сила. Добро што ветрот се сврти, носи сонце.

Се прашувам како е возможно. Што се случи? Каде запна? Кој е виновен? Ние сме илјадници. Од Молдавија, Украина, Романија, Хрватска, Словенија… Надвор бурата талка низ улиците, крева ѓубре и го носи во морето. Му пишувам на својот претседател, на папата, на социјалната службеничка, на своите мили починати, на министрите, на Бога: вие сте социјалисти, направете нешто за нас кои сме за жалење… Ме понижувате. Го пишувам и го читам напишаното. Двесте евра пензија? Дали сте? И наредба за извршување за петстотини евра? Доаѓаат нови зборови. Погрдни зборови. Зборови кои ме печат. Ќе ме зајакнат. Изгорена, се обидувам да заспијам за да можам пред заминување да ги истријам остатоците од нечистотијата, да ги здиплам чаршавите, да послужам појадок, да ги издржам навредите, да ги нахранам, да испеглам, да исчистам. Морам да заспијам за да бидам што поскоро Марија. Заборавив да му дадам лек за смирување. Нека спие. Нема да го будам.

2018-12-17T12:47:33+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 107|