Сè што ти треба

Сè што ти треба

Рекоа дека црна фолија ќе заврши работа. Дека ќе изгледа како цврст ѕид пред нив и дека ќе се искачат по рампата во камионот. Па така ние – моите синови, ќерка ми и нејзиното момче Рик, држевме една ролна фолија што ми останала од пролетва, кога ги покривав доматите. Ја раширивме пред нас до брадите, се наредивме во круг, и полека опколувавме една женка. Полека, споро, само со шепот. Беше исплашена, па се влечкаше од една на друга страна како џиновски рак, или потскокнуваше на предните нозе како некоја коза. Да знаеш само колку нерви ни требаа да ја држиме фолијата.
Не се затрча да се качи по рампата. Изгубив надеж дека ќе ни успее. Ама не бев подготвен за тоа како идејата ќе ни пропадне. Помислив дека само ќе притиска на ѕидот од фолија сè додека еден од нас не попушти и не ѝ се тргне од патот. Не очекував дека ќе ја слушнам кајшто грофта два-три пати, а потоа скока преку главата на Џони како некое елениште. Токму така стори, ми се чини, кога ја притиснавме во некој безизлез. Сигурно дека го избра оној дел од ѕидот што го држеше најнискиот од нас. Се истегна и некако прелета над Џони, иако задните нозе не ѝ беа толку истегнати како на елен, сè уште беа некако искривени, и изгледаше дека едното копито скоро ја тресна Џони по главата. Ќерка ми гласно писна, а тогаш младото буфало се спушти од другата страна на ѕидот со грофтање, и потоа ѝ го слушнавме брзото и римично тропање на копитата. Ја фрливме фолијата и ја гледавме затрчана кон оградата кајшто ја чекаа другите две, па потоа трите едно по едно ја прескокнаа оградата, како да се чекаа, и изгледаа исклучително задоволни. Како да си подигруваа со нас.
– Па, изгледа ова не успеа, – Син ми Крис прозборе прв, онака попатно и иронично, како секогаш. – Што ќе пробаме сега?
– Срцето ме фати! – рече Џони. Почна да се смее, потоа како да се стресе и ја наведна главата.
– Ќе се стемни, – реков. – Утре ќе пробаме пак. До тогаш ќе смислиме нешто друго. – Но уште една ноќ не ме радуваше многу.
Цел ден се мачевме да ја опколиме таа една женка. Прво глупаво ја донесовме одвитканата фолија на пасиштето на Шумахер, мислевме дека можеме да одделиме една од трите, да ја заробиме во црниот ѕид дури не дојде Џејсон со камионот, а потоа така да ги фатиме едно по едно. Не знам зошто помисливме дека три млади буфала ќе стојат мирно додека петмина се влечкаат накај нив со некој црн ѕид висок метар и половина, распафтан и залепен за нас секој пат кога ќе го зафатеше дури и најслабо ветре. Сигурно изгледавме како парна локомотива од цртан филм, расфучена низ преријата.
Дури и пред тоа, моравме да откриеме која од соседните ниви ја окупирале буфалата преку ноќта, таму планираа да го минат денот. Од секогаш мразев кога Џејсон леташе во тоа негово авионче, како машина за косење со крилја. А копилето дури и го купи од еден тип во гипс во болница, како тоа да не му беше знак дека чудово не е многу сигурно. Но признавам дека ни се најде неколку утра во текот на две недели, бидејќи се будевме без да знаеме кај заскитале буфалата. Освен ако не ми се јавеше некој изнервиран бесен фармер од оние неколкуте останати во северозападниот дел на Њу Џерси, на кого му го изеле и изгазиле посевот. А јас се плашев од нешто полошо, дека ќе слушнеме оти стигнале дури и до автопатот. Господе, не знам што ќе правевме ако стигнале до таму. Не дај боже да удриш некое со колата.
Кога телефонот не ѕвонеше, Џејсон ќе ја запалеше играчката, го користеше рамниот дел од горното поле како писта и кружеше сè додека не ги забележеше. Имаше едно токи-воки од Рик, уште една провинциска играчка, велеше дека го имал уште татко му кога бил извидник. Така, на денот на глупоста со црната фолија, Џејсон му се јави на момчето на Џони, иако едвам се слушаше што вели од бучењето на моторот и од фонијата. Но сепак разбравме дека треба да одиме на пасиштето на Шумахер, пред да разбере Шумахер што се случува. Каква фрустрација. Ние шестмината можевме да ги држиме на едно место ако го опколевме полето, но кога ќе се наредевме како пластични вагони, буфалата само ќе ја прескокнеа оградата во полето со соја на Шумахер, и таму ќе нанесеа уште повеќе штета отколку во пасиштето.
Сепак, забележавме една работа, дека секогаш преминуваат во полето со соја преку истиот дел на оградата. Така, откако ги натеравме назад во пасиштето, ги оставивме да одат малку, сè додека не го донесовме камионот блиску до тоа место. Не на самото место, туку на пасиштето за да имаме место да се движиме вдолж оградата. Како што очекувавме, прескокнаа кон полето со соја кога ние петмината го наместивме камионот и ја спуштивме рампата. Но Крис клечеше во полето, и кога се исправи пред буфалата ги збуни доволно за ние да ја опколиме помалата женка. Планот успеа, освен теоријата за црната фолија. Идејата беше на луѓето од локалната Зоолошката градина за дивеч и миленичиња. Изгледа успеваше со кози. Не со американски бизони, ви гарантирам.

*
– Енди, што измислуваш сега? – праша Џорџ Хариман кога за првпат нè виде додека копавме дупки за колови и стававме катран на едни од 12 по 12 сантимери што ги зацврстивме со заковани половинки. Не е лесно да му се објасни на еден стар фармер дека има некаква смисла да се порачаат четири млади буфала, особено зашто дури и Хариман мораше да си ги продаде кравите, бидејќи скоро сите семејни краварски фарми во Њу Џерси минале низ тоа последниве десет години. Но Хариман не разбра. Искрено кажано, не сум сигурен дека и јас разбирав. Се разбира, читав по нешто за месото со буфало со низок холестерол, за растечкиот интерес на рестораните и за плановите за нови пазари во блиска иднина. Но кога мислев на буфалата мислев на Индијанците. Можеби заради сите оние книги од Зејн Греј што ги прочитав како момче во западен Њујорк.
– Џорџ, тие се прекрасни животни, и загрозени се. Ги истребивме скоро сите, знаеш… минатиот век.
– Е па, сигурно, ама ш‘о сакаш да правиш со нив? Не можеш да ги молзиш! – Ја носеше истата излитена капа за безбол како и секогаш. Напред едвам да се читаше знакот на Џон Дири.
– Месото има добра цена, и многу низок холестерол! – Сè уште не размислив за целиот процес на колење, ама морав да му кажам нешто практично, за да не помисли дека сосема сум луд.
– Енди, јас не верувам во холестерол. Мајчина му, сиве години не сум ни помислил на тоа. А уште сум здрав како дрен. Знаеш, некој ни путер не јаде? – Ја пикна десната рака под левата мишка и почна полека да се чеша, како нешто да го јадеше и му беше мило што го најде местото.
– Види Џорџ, Индијанците само го следеле буфалото, само тоа. Ова животно им било извор на храна, облека, алатки, дури го користеле и за куќите. И го сакале. Им било свето. Никој не убивал повеќе отколку што можел да употреби, и ништо не се фрлало. Го користеле целото животно, дури и коските. За нив било цел еден живот. Замисли си таков едноставен живот, сè што ти треба е едно единствено животно. – Тој полека ја нишкаше главата горе-долу, и лево-десно во исто време. Сфатив дека го брои коловите додека зборував.
– Колку те кошта? – Ми требаше малку време да се навикнам на оваа карактеристика на Хареман. Секогаш го интересираше колку чини нешто. Не ми изгледаше како учтиво прашање, ама тој не мислеше така.
– Коловите?
– Не. Буфалата.
Само се насмеав. – Па, Мари постојано ме потсетува дека наместо нив можеме да купиме нов Кадилак.

*

Овој разговор се одвиваше пред да разбереме. И никогаш немаше да ги направам овие планови да знаев порано за Мари. Ама никогаш не знаеш. Тоа се случува во секое семејство, секаде во светот, ама како треба да го доживееш? Како да научиш да го прифатиш? И зошто нејзе ѝ се случи прва? Секогаш мислев дека јас прв ќе си одам. Десет години бев постар од неа, а таа ниту еден ден во својот живот не била болна. И толку бргу нè напушти, шест недели по денот кога за првпат слушнавме дека има рак. Па, рекоа дека извесно време ѝ бил во системот. Но јас немав шанса да се подготвам. Можеби немаше да се подготвам без разлика колку време и да имав. Сè уште правевме планови, мислевме каде да отпатуваме. Сега никогаш нема тоа да го сториме…
Даглас велеше – Мама е кај Господ сега, тато. – Знам, ама сакам да е со мене. Мојот среден син, Даг, беше голем верник, и беше утешно да се види дека има таква силна вера. Мислам дека длабоко во себе и јас верував во сето тоа, но ноќе само мислев на сè – сите оние лета на брегот… оние две патувања до Калифорнија во вагонот што секогаш мирисаше на валкани пелени… тогаш во Вајоминг кога ни се дупна ресервоарот на една од моите прекутрупи и сите преспаа под дрвјата покрај патот додека јас стопирав да најдам некој отпад… ќе одевме во Ирска… а некои одмори, убави семејни денови… О, Боже, каков ќе биде одморот годинава… можам да замислам… но она што најмногу боли е дека сето тоа време јас не бев најдобар, кога ќе се разлутев, само бидејќи доаѓав дома уморен, или децата беа немирни кога беа малечки… и ја обвинував неа. Боже мој. А потоа да помислам колку страдаше последните денови. Не знам како можеше да биде толку тивка, зошто не се жалеше повеќе.
Ноќите беа најлоши.

2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 32|