Супа

Супа


„Дојди да ми правиш друштво“, ја слушам како седнува на трпезариската маса во кујната. Немам избор. Ако јаде, си мислам, можеби ќе си оди, а и супата не морам џабе да ја фрлам.
На масата има две чинии полни со супа – требаше да претпоставам.

„Ама не сакам да јадам, жено, ти објаснив“, велам луто и потегнувам огромен дим од цигарата.

„Може ќе ти се пријаде кога ќе почнам да јадам јас. Не мора да јадеш ака не сакаш. Ќе ја фрлиме супата, не се секирај“, ми вели и седнува на своето место. Од супата се извива пареа. Како и обично, ја прегреала. Секогаш ги прегрева работите. Како мала стопати си го имав изгорено јазикот од нејзините жешки јадења. Ќе ти згрее нешто за да ти направи услуга, а со тоа ќе те повреди.

„Како не научи еднаш во животот да не ги прегреваш работите? Сакаш да се изгорам?“, ѝ велам луто и седнувам. „Не дека ќе јадам, ама ако си планирала да јадам не си требала да ја прегрееш супата, па уште и внатре да ги раскашавиш до крај работите“, зборувам заплеткано. Мајка ми молчи. Ја гали дршката од лажицата што внимателно ја поставила врз салфетката, и пак се загледувам во нејзините свежо остарени раце, во огрубените нокти на кои се направиле долги вертикални бразди.

Мајка ми воздивнува.

„Се сеќаваш ли тогаш кога го чуваше брат ти и проба да му ја стоплиш манџата што остана од ручекот и се изгоре?“, ме прашува.

„Не баш, ама знам дека од тогаш ми е лузната“ решавам дека со ова сеќавање и можеби малку ќе ја повредам.

„Дај ми ја да ја видам“, ми вели мајка ми.

Ѝ ја подавам левата дланка. На долната страна од палецот имам розова дамка во облик на зајче. Мајка ми се обидува да ми ја бакне и ме згрозува. Ја истргнувам рака и ја ставам в скут.

„Татко ти беше на семинар. Се враќаше наредното утро. Јас останав сама со вас. Требаше да ве чува тетка ти, па баба ти, ама сите ми откажаа во последен момент. А јас имав договорено да излезам и да се видам со еден мој пријател“. Застана и подголтна. „Пријателот многу ќе се налутеше ака не дојдам. Бев заљубена во него“. Ме погледна во очи. „Ме држеше како маѓепсана. Бегав од работа за да се видам со него, или дури после работа останував уште по еден час подолго ако имаше вас кој да ве чува само за до го мирисам“.

Додека ми зборува мајка ми, чувствувам како умот ми се празни.

„И затоа ти реков да го почуваш малку брат ти и дека ќе се вратам за два саата. Ама станаа три. И брат ти бил гладен. И ти си решила да му стоплиш манџа за да јаде, затоа што ти реков ако е гладен да му дадеш нешто да јаде – ама не ти кажав што. И кога се вратив дома осетив како нешто смрди уште од првиот кат. Почнав да трчам нагоре по скалите и си ја скршив штиклата. Се слушаше како ти врескаш и како и брат ти вреска. Влегов внатре и целата кујна беше бела од чад. На подот стоеше превртено тенџерето со манџата, храната истурена и поцрнета. Од вецето се слушаше твоето врескање. Влегов внатре“, тука мајка ми ја стегна лажицата со раката, „и те видов тебе како стоиш со рачето под млаз ладна вода и плачеш гласно. Брат ти, таков малечок како грашоче, ти ја имаше гушнато ногата. Лицето му беше црвено како никогаш дотогаш. Брат ти се удри од машината и ушите погласно списка. Ти викна кога ме виде и почна да скокаш в место и да викаш боли, боли, боли, и тогаш ти го видов рачето подуено од што си се изгорела. Сакав да умрам, дете мое“, ми вели мајка ми и ја спушта главата. Со старечката рака си ги прекрива очите.

Ми се замаглува погледот и гледам како нешто капнува во чинијата со супа пред мене. Потоа ја земам лажицата в рака и почнувам да јадам.

2018-12-13T11:50:05+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 111|