Супа

Супа


Мајка ми ми ѕвони на телефон. Знам дека ќе сака да дојде кај мене и повторно да ме тормози со глупости. Секојпат кога доаѓа се обидува некако да ме орасположи – демек, да ми ги тргне мислите од тоа што ми се случува, па ми зборува нешто за нејзините другарки, за внуците од брат ми, а некогаш дури почнува да ми зборува и за политика. Сето тоа страшно ме нервира. Сепак го кревам телефонот и прифаќам да дојде кај мене. Можеби конечно ќе сфати дека не сакам да ја гледам ниту неа, ниту кој било друг.

Доаѓа приквечер. Ја познавам по чекорите во влезот. Оди како војник. Нејзиниот чекор би можел да го разбуди човек од најдлабокиот сон, но не и од смртта. Дури и на погребот така чекореше, војнички, дури и тогаш немаше чувство за тоа како треба да се однесува. Ѕвони на вратата неколкупати, со тоа сигнализирајќи ми дека е таа. Ѕвони кратко, испрекинато, нападно. Решавам да не станам веднаш од каучот. Ја оставам малку да стои пред врата, па така да сфати дека можеби и не сакам да доаѓа. Пак заѕвонува и за да не ме нервира и понатаму, станувам да ѝ отворам.

„Многу мириса овде на цигари“, вели само што влегува и почнува да ми ги отвора прозорците и балконската врата.
„Остави“, ѝ велам, иако знам дека тоа нема да има никаков ефект. Секојпат кога доаѓа почнува да се однесува како тоа да е нејзин дом, па ми преместува работи, ми средува, отвора врати и прозорци.

„Мораш малку да намалиш со цигарите“, се врти накај мене откако сè испоотворила. Низ станот почнуваат да се разлеваат портокаловите зраци од сонцето што се спрема да зајде. Внатре влегува мирис на липи. И природата продолжува да си живее, си мислам налутено, иако Свето е в гроб.
„Ништо не морам“, ѝ велам и палам нова цигара.

Седнува до мене и воздивнува.

Почнува да ми раскажува за пријателка ѝ Мира, како се однесувал шефот со неа. Како дури и кога синот имал свадба не сметал за одмор или нешто така. Не ја слушам, како и секогаш. Се концентрирам на брчките на нејзините усни. Долги години пушеше и ѝ се направија бразди од шумкањето на цигарите. Тие посебно се гледаат на горната усна, кога ќе ја собере за да ги каже гласовите „о“ и „у“. Во браздите ѝ се напикал портокаловиот кармин кој ужасно ѝ стои и ѝ го истакнува жолтеникавиот тен. Кога ја отвора устата пошироко за да ги изговори гласовите „е“ и „а“, ѝ го гледам старечкиот јазик, напластен со бело, како да е болна, како устата страшно да ѝ мириса, иако не ѝ мириса, а би требало. Гледам како во горната вилица ѝ се поткршила тројката. Другите заби што ѝ се вистински ѝ пожолтеле, а тие што ѝ се коронки ѝ потемнеле кај непцата што почнале да ѝ се повлекуваат. И непцата ѝ изгледаат болно и старо.

„Мораш да одиш на забар“, ја прекинувам.

Мајка ми си погледнува во скутот каде што ги има склопено рацете на кои веќе има старечки дамки. Молчи.
„И кармин нов да си купиш, некој поквалитетен. Овој ти се пика меѓу брчките. Знаеш ли како ти изгледа устата вака“, ѝ велам. Осеќам дека сум безмилосна, ама ми е гајле што ме родила.

Мајка ми продолжува да гледа во нејзините прерано остарени раце. Гледам дека ставила и креон на очите и дека и тој ѝ се напикал во брчките. Сакам и тоа да ѝ го кажам.
„Од каде толку пари сега за тоа, мама“, ми вели и го крева погледот. Ми се чини дека очите ѝ се солзливи. Од каде ѝ па нејзе право да плаче, си мислам и погледнувам пак во рацете. Забележувам дека на ракавот има дупче и дека блузата ѝ е изветвена. Молчам и палам нова цигара.

„Јадеше ли денес нешто, мама“, ми зборува со мек глас како што никогаш порано не ми зборувала, пред да го стават Свето в гроб.

Одмавнувам со раката.

„Да ти зготвам нешто? Да излезам нешто да ти купам? Мораш да јадеш нешто, мама“, ми вели и ме фаќа за коленото. Се ежам кога ќе ме допре. Ми се гади од неа и од тагата што треба да ја чувствувам бидејќи сум безмилосна.

„Марија ми донесе супа“.
„Јадеше ли?“

„Не. Ако сакаш ти, јади ја. Јас не сакам“.

Мајка ми станува и оди во кујната. Од дневната можам да ѝ го видам грбот. Гледам како тенџерето што ми го донесе Марија завиткано во некаков идиотски завој за да не се отвори капакот го става на рингла и го пали шпоретот. Потоа со двете раце се потпира на плотната и ја крева главата нагоре, како да си го тегне вратот. Слушам едно придушено шмркање. Потоа главата ја спушта надолу. Оди лесно, претпоставувам во тоалет, каде што се задржува некое време, а јас седам на каучот и пушам.
Мајка ми се враќа во кујната и слушам тропање на чинии и прибор за јадење. Нешто става на масата. Отвора креденци. Ги затвора со тропање, затоа што никогаш не била нежна. Кога бев мала и ми ја сушеше косата, секогаш ме кубеше и ме гребеше со ноктите.

2018-12-13T11:50:05+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 111|