Сто мајки и сто татковци

/, Литература, Блесок бр. 85/Сто мајки и сто татковци

Сто мајки и сто татковци

Дете сум. Гледам со свои очи и сметам на нив. Кога не разбирам – прашувам. Моите прашања често не добиваат одговор… Тогаш ѕирнувам овде-онде, си го пикам носот, како што се изразуваат големите. Ама кога не одговараат? Како да си објасниш зошто на едни семејни фотографии младоженците се маж и жена, а на други две прегрнати жени… Јас не прашувам зошто јадеме на масата, понекогаш право в кревет, ама ова молам да не се шири! Прашувам зошто луѓето се земаат кога се еднакви. Жена со жена и маж со маж. Моите мајка и татко се разведени. Живеам со мама. Татко ми се јавува на телефон и ме зема секоја сабота и недела. Се снабдил, така вели мама налутено, со нова сопруга. Се чудев како да ја викам сè додека таа не ми помогна: „Викај ме – Еј, девојче!“ Ми се виде долго нејзиното име, но се засмеав. Да не си ги расипуваме односите уште на почетокот. А и таа ми беше подготвила подарок за средбата – комплет шминка со кукла која можам да ја шминкам. Можам да се учам на неа пред да почнам да се шарам. Убаво е да си дете во разделено семејство. Се грижат за тебе двојно повеќе! Се натпреваруваат да ме прашаат што сакам за роденден, за Нова година. За распуст одам на планина и на море. И мама ми купува костими за капење, и тато. Се натпреваруваат да ме сакаат! Се плашат да не се пожалам од едните на другите. Ќеф!
Според дедо, баба се изразила грубо, дека ме „тинтрале и каде ли ќе му бил крајот“. Не знам зошто треба да се зборува за крај. Но, како што книгите и филмовите имаат крај, значи и моето тинтрање ќе заврши. Дотогаш, ништо не одбивам. Ако прашаат – не ќутам, а им спремам список. Не им давам време да прават нови деца и да ме напуштат.
Чичко ми тресна еден друг збор што скоро го чул неколку пати. Манимулација. „Таа ги манипулира, иако едвај знае што е тоа, сепак е свесна за нејзиното влијание“ се изрази чичо Бојко.
Мари од нашето одделение ми се пожали дека е најголемата од децата дома и дека откако станале три девојчиња, за неа, речиси, немаат време. Дури ѝ измислиле задолжение – да си ја чува сестричката, седуммесечно бебе, по половина час на ден…
Друго мислев да ви кажам. За Алена. Таа е со две мајки. Двете живеат со неа. Правилно ме разбравте. Тие се од новиот тип семејства – либерални… или нешто слично. Не се фаќајте за зборот.
Си играме со Алена и не ми е пријатно да ја прашам како е да се живее заедно со две мајки и како им вика: мамо еден и мамо два, или русата мајка и црвенокосата мајка. И дали не ѝ доаѓа понекогаш да си одгледа татко… Барем за разнообразие.
Многу ми е убаво татко ми да ме фати за рака. Некако специјално е… Мама велеше дека тато бил силен маж. Сигурно е тоа – кога ќе ме фати – чувствувам дека е силен.
* * *
Кај нас доаѓаат само, или претежно, жени. Пред да тргнам на училиште, си замислував дека светот се состои само од жени. После видов дека не е баш така. Има разни луѓе. Ги открив и мажите.
Си имам две мајки. Мама Маја и мама Моник. Децата ми завидуваат затоа што кога ќе викнам „Мамо“, и двете се свртуваат. Обично и двете трчаат кон мене. Не е секогаш така. Сигурно се договараат која денес повеќе да се грижи за мене и која повеќе утре.
Ги гледам како си ги допираат рацете и како се прегрнуваат. Изгледаат убави.
Еднаш, втурнувајќи се од тераса во соба, ги фатив како се бакнуваат. Не знам зошто мама Маја се вцрве, а мама Моник стана и ме праша дали сум гладна или сакам вода. Не разбрав дали сум направила некаква беља… Тие не ми кажаа. Тие ми покажаа дека нешто згрешив. Не прашав. Чекав да ми објаснат. А можеби не го забележаа моето стаписување. Веќе имав гледано на телевизија дека се галат и бакнуваат маж и жена…
Прекрасно! Изгледа се бакнува кој со кого си сака! Сега до тебе е жена – се бакнуваш со неа. Има маж – со него. Нема правила. Не знам дали можам да се бакнувам со Дорис, која секој ден ми подарува чоколадна бонбона, или, со Марио, кој што ме пушта преку ред на лизгалката… Сигурно може и со двајцата. Бакнеж за бонбона. Бакнеж за лизгалка.
По филмот со мажот и жената што се соблекуваа и бакнуваа, посакав да го видам продолжението на вечерта на моите мајки низ клучалката. Немам дозвола да одам кај нив во спалната. Само во краен случај, и тоа прво да тропнам.
Броев од еден до сто и се прашував да одам ли да ги ѕиркам, или не… Си помислив дека ќе видам многу бакнежи, но ако видам чудни работи… Ќе се исплашам и ќе ја отворам вратата без да чукнам.
Сакам да сум добро девојче. Решив да не ѕиркам. Барем не оваа вечер и оваа недела. Затоа мама Маја и мама Моник ми повторуваат дека јас сум нивното паметно детенце.
Тргнав на училиште и втората година едно од поголемите машки ме бутна накај оградата и викна: „Еве ја оваа! Со двете мајки! Некои си немаат ни една, а таа со две!“ Другите се исклештија и ме одминаа. Заплакав. Учителката дојде од некаде и ги собра машките.
– Каде ви е толеранцијата? Нели зборуваме да се почитуваме и да бидеме внимателни. Ние сме различни.
– Луѓето се различни по боја – се бранеше оној што ме бутна.
– А бе, во нашето училиште повеќето сме бели…
– Различни се според националност… Според религија… – слушнав уште гласови, но не и кој зборуваше затоа што погледот ми се вцепи во моите црвени кондури со црни врвки.
– Е, веќе знаете дека и членовите на семејствата се составени на разни начини – заврши учителката. Барем сакаше да заврши. Ја одмерив оти си го погледна телефонот.
– Зошто јас имам татко и мајка, а таа нема татко? Место него – пак мајка? – се однесуваше безобразно мојот безобразник.
– А бе… татковците се потрошиле – кикотот доаѓаше одзади. Повторно ми дојде да заплачам. Само што бев престанала и сметав дека сè се заврши и ќе одам до тоалетот.

– Кој го рече тоа? – учителката заличи на една од вештерките нацртани во книгата за магии што ми ја подарија пријателките на мама Маја. – Кој беше? Зошто се крие? Нели разговараме… нема да ставам забелешки…
Најодзади се појави Ахмед. Тој е само со мајка. И четири браќа. И сестри, ама не знам колку се… Мајка му е вдовица.
– Јас го реков тоа, учителке. Тешко ми е без татко ми. А мама нема многу време за нас… па си помислив како ич не би било лошо да си имам две мајки! – престана за миг и се прашуваше дали да каже уште една реченица. Најпосле зеде храброст и во еден здив рече: – Не ја даваат ли барем едната мајка на заем за неколку дена… Моите братчиња се помали од мене и мајка ми не стасува до мене. Ме тера да изигрувам татко…

* * *

Мајка ми се мурти и наутро и навечер. На ручек не се гледаме. Инаку и на ручек ќе добивав порција муртење. А со тато не е така.
Тој, изгледа, не ми обрнува внимание, но за мене тоа е добредојдено.
– Тато, купи ми…
– Ќе ти купам!
– Ме пушташ ли вечерва да…
– Може.
До бескрај. Начинот на кој зборува со мене е истиот. Што и да го прашам – ми е дозволено.
– Сон!
– Да, се чини сон! Еднашка, на шега, прашав: „Татичко, може ли да ја оставам кадата да прелее и да направам море по дома…“ Тој веднаш одговори со „Да“. Не ме слуша. Гледа дека ја отворам устата и тонот ми е прашален и брза да каже нешто од типот: „Може!“ Супер е, но кога сум со него, тој не е со мене… Може да е со секој друг. Ама нели сум му единствената ќерка!
– Ех, подобро е отколку постојано да ти велат „не“ и казните да те чекаат со нетрпение.
– Татко ми е како лента! Лентата се врти и повторува „Да“, „Важи“, „Дозволувам“ и понекогаш „Те сакам!“
* * *
– Зошто плачеш Алена?
– Моите мајки ќе се остават…
– Не се ли мајките поодговорни? Нели те имаат тебе; зошто не мислат како нивното дете ќе страда…
– Заради друга жена е!
– Не ја ли користат мажите оваа причина за развод?
– Не знам. Живеам со мајки. Немам претстава…
– Ама и тие ќе се остават?
– Да мама Моник е вљубена.
– Тие уште се вљубуваат?
– Зошто се чудиш?
– Тие колку години имаат?
– Мама Моник наполни 35 во март.
– Толку е стара и се вљубува?!
– Се расправаа на вечера и само тоа го чув. Ја скршив чинијата, тие молкнаа.
Продолжија, но тивко.
– Јас си мислев дека еднаш се вљубуваш, најмногу двапати… Но да се вљубиш на 35? А дали е вљубена?
– …
– Дали е вљубена во маж?
– Не, пак во жена. Тие се женско општество. Мажи не примаат…
– Не се секирај! Ќе си добиеш нова мајка… И таа ќе пробува да те придобие со внимание…
– Тие прво ќе се разведат, а после дали и кога ќе дојде новата мајка…
– Ти си среќница!
– И во што ми е среќата?
– Брои! Откако ќе се разведат твоите сегашни мајки и повторно се оженат – ќе имаш четири мајки!
– Стоногалка ли ќе се правам? Како што тргнало – четири мајки, осум мајки…
– На крајот сто! Ајде не плачи! Ќе си имаш мајка во секој дел од светот!

Превод од бугарски јазик: Дарин Ангеловски

АвторХристина Панџаридис
2018-08-21T17:20:53+00:00 септември 2nd, 2012|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 85|