Стариот е пак пијан

/, Литература, Блесок бр. 50/Стариот е пак пијан

Стариот е пак пијан

– извадок од романот –

Жужемберк ме дочека со неброени светла. Буквално. Мислам, никој не ги броеше и сето тоа, ама не може да ми се забележи зашто стварно ги имаше еден куп, неброено, ајде, посебно таму околу стариот градски град. Од далеку ме поздравуваше таа руина и, јасно, ме повикуваше на нејзините ѕидини да испијам некое румче со егзотик. Ама, да го ебам, немав време за тие ствари. За сентименталност, за сеќавања и вродени љубови кои со тек на време се претвораат во навики. Немав време. Паркирав пред зградата која единствено ја познавав, направив една црта, онака, за сила и храброст, и тргнав по скалите кон третиот кат. Не бев уверен дека некого ќе најдам во станот, но морам да признаам дека ми беше сосем сеедно. Мислам, попрво ќе видев дека нема никого отколку таму на вратата да наидам на лента со натпис ПОЛИЦИЈА и печат на бравата или во гајбата да се сите оние инспектори, детективи, Холмсови и Поарои кои со лупа би пребарувале по можните траги од убијците. Тоа сепак го немаше. Ни печат на вратата, ни инспектори. Веројатно имале доволно време сè да претресат и пак да сфатат дека тапкаат во мрак, дека немаат ни најмал траг, освен… Да го ебам, затоа и се наоѓав пред вратата на таа гајба.
Заѕвонив. Тропав и ѕвонев.
Ѕрн ѕрн. Чук чук и пак ѕрн ѕрн. Слушав движење од другата страна на вратата и во шпионката, како што ја вика Д., здогледав око кое ме набљудува. Потоа чкрипна клучот и на вратата се појави, кој друг ако не таа.
„Те очекував“, рече. „Влези!“.
Се тргна од вратата и со брз поглед низ ходникот се увери дека никој не нè видел. Ме вовлече во станот и брзо заклучи зад мене.
„Седни“, рече и ми покажа на кујнската маса каде што еднаш веќе седев.
Збунет, не само од дрогите, седев и гледав. Го извадив пиштолот и го ставив на масата.
„Дојдов да те убијам!“, реков.
„Знам, те очекував!“.
Мислам, стварно беше спичкана. Се гледавме во очи и кимавме. Стоеше таму спроти мене, облечена во ноќница и ја чекаше смртта. Такво нешто, дружиња, и за мене беше премногу. Бидејќи некое време ништо не се случи, таа рече:
„Ќе сварам кафе, може?“.
Кимнав.
„Или, може сакаш нешто жестоко, а? Имам некоја домашна ракија“, рече.
Пак кимнав. Навистина бев изненаден од нејзината мирнотија. Отиде и од кујната чув како таму некаде во другата соба ја отвора чкрипавата врата на некој орман. Урокан каков што бев, си помислив, пази го ова, дека треба да се подмачка. Вратата. Мислам, еј. Наскоро се врати со шише безбојна течност. Го отвори и од лавабото извади чаши. Ми наточи.
„Повели“, ми рече.
Кимнав и ја зедов чашата. Ја натегнав. Добра беше ракијата. Ја испив на екс и ја ставив чашата на масата, а таа повторно ми наточи. Помислив дека сака да ме опие. Ми беше сеедно. Пак ја натегнав и ексав. Пак ми наточи и седна спроти мене. Запалив цигара.
„Смеам“, ме праша и покажа на мојата кутија цигари.
Кимнав. Зеде цигара, ја стави в уста и ја запали. Тоа изгледаше убаво. Знаеше и убаво да пуши. И уште поубаво беше како при вовлекувањето ѝ се креваат оние нејзини огромни цицки, така што нешто силно ме стисна таму долу.
„Полицијата беше овде неколку дена“, почна. „Претураа низ целиот стан и страшно ме сослушуваа. На ништо не се сетив“, рече и при последната реченица значајно ми намигна. „Реков дека сум имала напад и дека на ништо не се сеќавам!“.
Ме гледаше право в очи, јас го свртував погледот. Не е згодно, дружиња мои, да гледаш некого в очи пред да го убиеш, верувајте ми.
„Ти ја видов сликата на телевизија, она кога го рани синот на политичарот. И во весници… насекаде те имаше, Душане. Отидов во библиотека по твојата книга. На комодата ми е, стварно. Ми се допаѓа! Ми се допаѓа она кога… Кога одиш низ Тиволи со вреќиче таблети и витамини и налетуваш женска која има епилептичен напад и ѝ нудиш витамини, ха, ха. Тоа е добро, да“, дрдореше, „како да си пишувал за мене“.
Сè уште го свртував погледот и се обидував да се сетам од која книга е тоа. Не се сеќавам дека кога било нешто слично сум напишал.
„И како си ѝ ја кренал главата иако си бил многу…“
„Океј, океј“, ја прекинав. „Дојдов да те убијам!“.
„Знам“, рече пак. „Те очекував!“. Ебате, стварно беше спичкана. „А, тоа не би можело малку да почека?“.
Ја гледав. Сега веќе не го свртував погледот. Сакав да втерам малку страв во нејзините добро обложени коски. Пушеше и нејзините цицки се креваа и се спуштаа по пола метар, еј. Ми се допаѓаше. Се насмевнав.
„Може да причека“, реков и пак ја натегнав чашата.

2022-11-06T12:05:45+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 50|