Сртот

Сеќавањата ми се проглотидни, како на тенија, но за разлика од неа тие немаат глава, скитаат низ лавиринт и секоја точка може да биде почеток или крај на патувањето. Морам да ги чекам да дојдат според својот ритам, следејќи ја сопствената логика. Така е тоа кога има магла. Кога е сончево нештата можеш да ги видиш од подалеку и можеш свесно да ги менуваш насоките за да дојдеш до нешто посебно. Во маглата нешто или некој ви се приближува, но не знаете што или кој сè додека не дојде поблиску.
Но, кога размислувам за мојот живот во Ораторио можам да видам сè, како на филм. Нема повеќе проглотидно, туку еден логички редослед…
Животот ми се промени на 11-годишна возраст, со моето евакуирање во Солара, во 1943 година. Во градот бев меланхолично момче кое со другарите од училиште играше неколку часови дневно. Останатиот дел од времето се дружев со книгите. Во Солара, каде што можев сам да одам до градското училиште и да трчкам низ полињата и лозјата, бев слободен и пред мене се отвораше широко пространство. И имав многу пријатели со кои скитав наоколу.
Кога сојузниците го бомбардираа градот, од нашите прозорци во Солара можевме да ги видиме далечните експлозии, да го слушаме татнежот како грмотевици. Војната нè направи фаталисти, бомбардирањето беше како бура. Ние, децата, продолживме мирно да играме во вторник навечер, среда, четврток и петок. Но, дали навистина бевме мирни? Дали не стануваме забележливи по загриженоста, по зашеметувачката и ослободена меланхолија што го зафаќа секого кој поминува жив низ поле распослано со трупови?
Во Ораторио, каде што ги поминувавме попладнињата после училиште, во суштина бевме слободни, а се собиравме само во шест часот, за катехизам и благословување. На страна од тоа, правевме што сакаме. Имаше една рудиментирана вртелешка, неколку лулашки и мал театар, каде што настапив за првпат во „Малата девојка од Париз“. Во Ораторио доаѓаа и постари момчиња, а дури и млади мажи, премногу возрасни за нас, кои играа пинг-понг или карти, но не за пари. Добриот човек Дон Коњасо, управителот на Ораторио, од нив не бараше да ја изразуваат верата. Доволно беше што доаѓаа таму, наместо во група со велосипеди да одат кон градот, дури и по цена на тоа да бидат зафатени со бомбардирањето во обид да се искачат кон Каса Роса, бордел познат ширум провинцијата.
Токму во Ораторио, по 8 септември 1943 година, првпат слушнав за партизаните. Извесно време тоа беа само момци кои што се обидуваа да ги избегнат новите регрутации на Социјалистичката република или нацистичкиот режим, што значеше испраќање на работа во Германија. Подоцна луѓето почнаа да ги нарекуваат бунтовници, бидејќи така се именуваа во официјалните коминикеа. Во оној момент кога откривме дека десетмина од нив биле егзекутирани, вклучувајќи и еден од Солара, и кога од Радио Лондон слушнавме дека кон нив се упатуваа посебни пораки, почнавме да ги нарекуваме партизани или патриоти, како што сакаа и тие.
Во Солара луѓето се подготвуваа за партизаните, бидејќи момчињата израснаа во овие делови и, кога доаѓаа, и покрај тоа што сега беа познати по прекари, Ежот, Феручо, Молња, Синобрадиот, им се обраќаа со името што го знаеја од претходно. Многумина од нив беа млади што сум ги видел во Ораторио, кои играа карти во излитени јакни, а сега се појавија повторно, носејќи опшиени беретки, појаси со куршуми преку рамена, полуавтоматски пушки, појаси со две прикачени гранати, па дури и пиштоли во футроли. Тие носеа црвени кошули или јакни од англиската армија или, пак, панталони и гамаши од кралските офицери. Беа прекрасни.
До 1944 година партизаните се појавуваа во Солара, брзо напаѓајќи кога таму се наоѓаа фашистичките Црни бригади. Дури и меѓу партизаните имаше групации. Во една прилика се симнаа Бадолјаните, со сини марами околу врат. Луѓето велеа дека тие ја поддржувале монархијата и сè уште биеја битки, извикувајќи “Savoy!”. Понекогаш тоа беа Гарибалдинците, со црвени марами околу врат, пеејќи песни против Кралот и неговата десна рака, Бадолјо. Бадолјаните беа подобро вооружени, се велеше дека Англичаните им праќале помош ним, но не и на другите партизани, од кои сите беа комунисти. Гарибалдинците имаат полуавтоматски пушки, како Црните бригади, запленти во повремени битки или при изненаден напад на складови за оружје, а Бадолјаните имаа последен модел на англиските пушки Стен. Еден од припадниците на Бадолјаните еднаш ми дозволи да испукам цела низа куршуми. Поголемиот дел од времето тие пукаа за да вежбаат или за да ги импресионираат девојките.
Грањола. Тој често навраќаше во Ораторио. Инсистираше неговото име да се изговара Грáњола, но сите го нарекуваа Грањôла, збор кој што потсетуваше на бран пукотници. Тој одговараше дека е мирен човек, а неговите пријатели возвраќаа „Дај бегај, знаеме ние…“. Се шепотеше дека има врски со бригадите на Гарибалдини, горе во планините. Некој велеше дека тој дури бил и голем водач и ризикувал повеќе со тоа што живеел во град наместо да се крие, бидејќи доколку неговите акции некогаш се откриеле ќе бил застрелан во дел од секунда.
Грањола глумеше со мене во „Малата девојка од Париз“ и после тоа ме засака. Ме учеше како со карти да играм трезет. Се чинеше дека не се чувствува толку пријатно со другите повозрасни луѓе во Ораторио и поминуваше долги часови разговарајќи со мене. Веројатно беше свесен дека работите ги кажува толку грубо што доколку го слушнеа другите ќе го сметаа за антихрист и затоа можеше да му верува само на дете.
Ми ги покажа тајните сабји што кружеа наоколу. Никогаш не ми дозволуваше да ги земам бидејќи, како што велеше, секој кој што ќе биде фатен со нив ќе го застрелаат. Така јас дознав за масакрот во Ардеатинските пештери во Рим. „Нашите другари остануваат во ридиштата“, ми велеше Грањола, „па овие нешта нема повеќе да се случуваат. Германците, тие се оние кои треба да бидат ликвидирани!“.
Не знаев дека Грањола бил учител во трговски училишта, одејќи на работа секое утро со велосипед и враќајќи се дома напладне. Потоа морал да прекине, некои велат дека со срце и душа им се посветил на партизаните, други мрмореа дека тоа се случило бидејќи бил болен од туберкулоза. Навистина, Грањола имаше туберкулозен изглед, бледо лице со две болно розови јаготки, вдлабнати образи, постојана кашлица. Имаше лоши заби, беше млитав и подгрбавен, со издадени коски на рамената, а јаката на жакетот му беше одвоена од вратот, па се чинеше дека неговите алишта висат како вреќа. На сцена секогаш мораше да глуми лош младич или осакатен одржувач на мистериозна вила.
Како што велеа сите, тој бил извор на научно знаење и честопати бил покануван да предава на универзитетот, но одбивал поради приврзаност кон неговите студенти. „Лајна“, ми рече подоцна. „Јамбо, предавав само во училиштето на сиромашните деца и само како замена, бидејќи поради оваа глупава војна не ни завршив колеџ. Кога имав 20 години ме испратија да ја уништувам Грција, бев ранет во коленото, а и не е важно тоа за што едвај можеш да зборуваш. Но, некаде таму, во таа кал, закачив гнасна болест и од тогаш плукам крв. Доколку некогаш во раце ми падне Големата глава“ – ова беше негово име за Мусолини – „не би го убил бидејќи сум, за жал, кукавица, но ќе му го удирам задникот сè додека не може повеќе да го користи во она малку живот што, се надевам, му остана на овој Јуда“.

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 55|