СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

/, Литература, Блесок бр. 118/СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА -ДРУГА ПРИКАЗНА


Бојан Бабиќ со објавата Жирафи во катакомби е третиот странски автор објавен во едицијата Друга приказна. Неговите шеснаесет куси прози го насочуваат вниманието на читателот кон поединецот и неговото доживување на светот прикажано преку гласот на нараторот како своевидна анализа на најразновидни ситуации или идеи. Со сосема поинаква книжевна постапка каква што е хипнографијата се служи Румена Бужаровска при обликувањето на кусите раскази поместени во нејзината збирка Спиј. Играјќи си со сонот како потенцијално читателско духовно искуство според координатите на меморираните доживувања, стекнатото искуство и содржините на индивидуалното и на колективното несвесно, овие прози ја оставаат отворена можноста да се испитува естетизацијата на сонот во сферата на книжевниот израз како и статусот на хипнографскиот книжевен испис во подрачјето на кусиот расказ. Со уште поспецифичен пристап се одликува експерименталната објава на Владимир Лукаш. Неговите Радишански прелудиуми кои, како што самиот вели, не се раскажуваат на зборлив јазик, претставуваат нотни записи од девет композиции: Грбоболски валцер, Приспивна за Ели, Валцер за баба ми, Сонот на желката Фелдман, Музика за мрзливи звуци, Виц, Бесните глисти на црното маче, Мала дождовна прошетка, Прелудиум за сонливата дактилографка. Она со што овој концепт за книга го привлекува вниманието е трагањето по сплотеноста на литературата со музиката, а како теориска подлога во проучувањето на оваа релација може да послужи истражувањето на Софија Грандаковска во кое авторката ја истражува репрезентацијата на книжевната приказна како визуелен наратив (Грандаковска, 2007). Изнесените постулати околу кои се согледува расказното со визуелното во случајот со објавата на Лукаш ја сугерираат можноста книжевниот феномен (во случајов кусиот расказ) да го промени медиумот на неговото претставување и со тоа да се објави постоењето на новото уметничко дело низ формите на другата уметност (музиката). Со тоа се отвора прашањето од областа на специјализираните семиотики каква што е семиотиката на музиката, кое храбро прашува дали кусиот расказ престанува да биде книжевна форма доколку стане музика, т.е. Расказ – музика, а од друга страна го наметнува прашањето дали и колку т.н. Расказ – музика ја повредува семантиката на категоријата расказ во неговиот познат и потврден книжевно – теориски контекст. Во низата други приказни внимание привлекуваат и кусите прози поместени во збирките Будно пратим од Ирена Ристиќ и Велалучка колиба, под Водно од Огнен Чемерски. Иако овие писанија првично се објавени како фејсбук записи, нивното преземање и објавување во едицијата ја отвора можноста да се преиспитуваат реторичките конвенции на колоквијалниот и паракнижевниот дискурс толку својствен на совремието во кое живееме. При обидот да се легитимираат овие прози според степенот на артикулација на поетичкиот принцип што го содржат, тие го потврдуваат сфаќањето за кусиот расказ како книжевен дискурс со кој најслободно се искажува критичкиот однос спрема стварноста и центрите на моќ. Во насока на оваа критички изострена линија може да се согледува и Текстилна поема од Пандалф Вулкански, но и патописните дневнички записи на Лидија Димковска насловени како Отаде Л. Овие прози кои настануваат во текот на книжевната турнеја на авторката низ Американскиот континент (од Њујорк, Балтимор и Вашингтон преку Ешвил, Ајова, Чикаго, Минеаполис, Сиетл, Окланд/Сан Фанциско сè до Лос Анџелес) ја согледуваат појавноста во нејзините најскриени нијанси и најситните факти што го сочинуваат секојдневието. Случајно или не, записите на Димковска како да се придржуваат до Сартровите упатства за водење дневник. Тоа особено се однесува на умешното избегнување на опасностите при водењето на дневник што се притаени во претерувањето, во демнењето на самиот себе или во презасилувањето на вистинитоста (Сартр, 1966: 9). Прегледот на кусите приказни од македонски автори застапени во едицијата Друга приказна го заокружуваме со триесеттината кратки раскази на Влада Урошевиќ објавени под насловот Барокна подмоница. Сфатени како своевиден гест на толкувачко разоткривање на стварноста, овие минијатури го наоѓаат обединувачкиот елемент во проникливото доведување на навидум неспоивите нешта од секојдневието во сосема хармонична меѓусебна врска. Токму ваквото чувство на задоволство од изненадувањето на најдобар начин ја опишува енергијата на едицијата Друга приказна која продолжувајќи ја традицијата на кусиот расказ кај нас во сосема нови правци едновремено претставува и сериозен поттик за нови теориски промислувања на востановените книжевни и културни идентитети.


Литература:
Албахари, Давид. 2016. Стар сум во Скопје. Едиција Друга приказна. Скопје.
Бабиќ, Бојан. 2016. Жирафи во катакомби. Едиција Друга приказна. Скопје.
Бужаровска, Румена. 2016. Спиј. Едиција Друга приказна. Скопје.
Грандаковска, Софија. 2007. „Визуелната семиотика на расказот: расказ и расказ.“
Македонскиот расказ
Зборник на трудови од научниот симпозиум одржан во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на 13 – 14 мај 2005 година. (ур. Александар Прокопиев и др.). Институт за македонска литература. Скопје.
Димковска, Лидија. 2017. Отаде Л. Американски дневник (5.10 – 23.10.2016). Едиција Друга приказна. Скопје.
Дејвис, Лидија. 2016. Седам на сонце со својата мала пријателка на скалите пред влезот: јас читам една книга од Бланшо, а таа си ја лиже својата нога. Едиција Друга приказна. Скопје.
Вулкански, Пандалф. 2016. Текстилна поема. Едиција Друга приказна. Скопје.
Лукаш, Владимир. Радишански прелудиуми. Едиција Друга приказна. Скопје.
Мартиновски, Владимир. 2016. Мачка во магла и други хаибуни за бубалки, птици и животни. Едиција Друга приказна. Скопје.
Прокопиев, Александар. 2017. „За неповторливата волшебност на животот.“ Нова Македонија.. Пристапено на 5.6.2017 год.
Огњановиќ, Мирјана. 2014. „Читај полека, мисли полека“. Окно.. Посетено на 20.5.2016
Пантиќ, Михајло. (приредил) 2001. Мала кутија 100 најкратки српски раскази на 20 век.
Македонски Пен Центар. Сигмапрес. Скопје.
Ристиќ, Ирена. 2016. Будно пратим. Едиција Друга приказна. Скопје.
Сартр, Жан-Пол. 1966. Тегобност. Култура. Скопје.
Тоциновски, Васил. 2015. „Современиот македонски расказ“, во: Лов на елени. Zajednica Makedonaca u Republici Hrvatskoj, Zagreb. MKD Ilinden Rijeka.
Ќорвезироска, Оливера. 2016. Новелички без шеќер. Едиција Друга приказна. Скопје.
Ќулавкова, Катица. 2007. „Светот на кусиот расказ“. Во: Македонскиот расказ Зборник на трудови од научен симпозиум. ИМЛ. Скопје. Стр. 63-66.
Ќулавкова Ката (приредила). 2007. Поимник на книжевната теорија. Македонска Aкадемија на науките и уметностите. Скопје.
Урошевиќ, Влада. 2017. Барокна подморница. Едиција Друга приказна. Скопје.
Урошевиќ, Влада. (составил и превел) 1994. Шуми под море. Антологија на кратката прозна форма во француската литература. Сигмапрес. Скопје.
Чемерски, Огнен. 2017. Велалучка колиба, под Водно. Едиција Друга приказна. Скопје.
Шелева, Елизабета. 1986. „Фрагментот како уметничко дело“. Современост. Бр. 1-2, стр.53-57.
Шопов, Иван. 2016. 091 – Антиразгледници од Скопје. Едиција Друга приказна. Скопје.
Ђурић Пауновић, Ивана. 2014. „Мање је много, много више: Кратке прозе Лидије Дејвис“.Летопис Матице Српске. Књига 494. Нови Сад. Стр. 862 – 868 Пристапено 14.10.2017 год.

АвторДарин Ангеловски
ПреводМилан Дамјаноски
2018-11-26T11:39:23+00:00 март 27th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 118|