Сопствена соба: субверзија и заведување

/, Блесок бр. 06, Литература/Сопствена соба: субверзија и заведување

Сопствена соба: субверзија и заведување

5. Андрогин

Кон крајот на ХIХ век, по Џејн Остин, Џорџ Елиот, сестрите Бронте, јуначкото доба на женското пишување е веќе одминато. Отворајќи го романот Авантурата на животот на извесна Мери Кармајкл која пишува и објавува во 1928-та, нараторот воспоставува нови културни релации: помеѓу жената како писател и жената како субјект, и внатре во рамките на фикцијата, помеѓу жените како пријатели4F. Мери Кармајкл, заклучува нараторот по читањето на романот, и покрај своите литерарни слабости, под услов конечно да ја добие својата соба и петте стотини фунти годишно, по сто години ќе го оствари она што не го оствариле нејзините мајки или прерано изгубената Џудит Шекспир: социјалната, сексуалната и текстуалната автономија.
Меѓутоа, споменатата конститутивна моќ на полот во текстуалноста, на примерот на литературата создавана од мажи делува негативно. Во последната глава нараторот го чита романот на господинот А. (повторно декапитација?) во чиј текст она што најпрвин паѓа во очи е наметливото присуство на буквата „I“ (На англиски „јас“): фаличката кула на „јас“ сосема ја засенува реалноста и му пречи на нараторот. Тоа е истата сенка на патријархалниот Гуливер, сенка која паѓа од Милтон, преку колеричниот универзитетски служител, па сè до хомосексуалниот и мизогин професор Оскар Браунинг. Оскар Браунинг има име само затоа што тој ќе биде жртвениот јарец во текстот на Вулф. Сликите на професорот којшто нараторот симболички го разрешува од агресивното фаличко „јас“ се изоморфни на сликата на мачката (без опаш!) од островот Ман видена во Оксбриџ. Вулф јасно ја поставува монолитноста на традиционалистичките „фалички“ дискурси наспроти на полиморфноста и полифонијата на женската колективна нарација остварена во текстот со создавањето на композитна женска фигура која располага со мултилатерални лингвистички оружја. Опасноста авторот да западне во сексуални предрасуди со тоа што му го одзема гласот на „машкиот текст“ е отстранета само со еден бравурозен потег: машкиот читател влегува во текстот кој не смее да биде контаминиран со мизогинија само на еден начин: преку Вилијам Шекспир. Шекспир, вели Вулф, како и секој генијален ум, е андрогин бидејќи во духот ги интегрирал и двата пола.
Текстуалните стратегии на Сопствена соба, мотивирани со потребата за субверзија на патријархалните јазици на културата, исцртуваат воедно и план на една естетичка теорија со која авторот ја надминува смртоносната игра на бинарни полови опозиции. Така, укажувајќи на конститутиваната улога на полот во текстуалноста, Вулф истовремено ја деконструира идејата за фиксниот полов идентитет, што е еден од клучните парадокси во есејот. Ако тоа не се гледа од логиката на аргументацијата која Вулф ја изложува, тогаш самата текстуална практика на Сопствена соба го илустрира досегањето на андрогинскиот плурализам на неограничените можности.
Конечно, брилјантноста на есејот Сопствена соба не може да се бара само во неговата субверзивно-феминистичка (по однос на патријархалните симболички системи) димензија, ниту во неговата востановувачка (по однос на текстуализираната женска имагинација) димензија, туку, и особено во заводливата игра на дијалог/(триолог? полилог?) помеѓу жената-писател, нараторот, публиката и самиот читател – сите заедно присутни во совршената полнотија на текстот.

#b
4. C.R. Stimpson, 135.

АвторМаја Бојаџиевска
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Критика, Блесок бр. 06, Литература|