Солзите на вулканот

/, Литература, Блесок бр. 92/Солзите на вулканот

Солзите на вулканот

За него дознав по еден необичен настан за кој прочитав во весниците минатата година. Големиот град што се наоѓа близу местото каде живеам е сместен на вулкански падини. Вулканот со векови, ако не и со милениуми, беше мртов. Речиси сè што потсетуваше на жив вулкан беше препокриено со помлади карпи, земја, а по некаде и вегетација. Само ретки остатоци сведочеа за постоењето на вжарена лава пред повеќе стотици години, а еден од овие остатоци беше кратерот, сега на места обраснат со треви. Неколку недели пред необичниот настан, и градот на падините на вулканот и сите околни села беа загрижени оти од кратерот почна да се шири мирис на сулфур, карпите сè почесто се затресуваа, мирисот стануваше сè посилен, а последните неколку дена и црн чад се виеше кон облаците токму од центарот на кратерот. Научници од многу земји дојдоа да го видат и да го истражат чудото, оти ова веќе не се сметаше за вулкан ами за планина, и ете сега – од планината пак вулкан стана. Се планираше евакуација, но со бавно темпо зашто никој не веруваше дека лавата би можела да ги пробие камењата, земјата и карпите наталожувани толку долго време по смртта на вулканот. И одеднаш, пред дури и да отпочне евакуација, се случи она за што утредента прочитав во весниците и по што ја почнав својата истрага.
Целиот вулкан клокотеше толку силно што куќите и зградите се нишаа лево-десно секој миг подготвени да се урнат стрмоглаво удолу по падините, воздухот се вжешти, мирисот на елементите што пробиваа од земјиното јадро стана не само неподнослив, ами и отровен. Врелата лава шикна низ отворот и тргна да ги преплави ширините околу себе од врвот на вулканот кон неговото подножје, но по пат, уште речиси на самиот почеток, кога сè уште беше близу до врвот, лавата се престори во вода и во оваа форма продолжи да тече надолу. Тоа беше неверојатна глетка – знам, оти видов снимки на телевизија. Чудо невидено во историјата на светот. Тресењето се смири, мирисите исчезнаа, водата многу бргу секна. Она што стигна од неа во градот го допираа прво најсмелите, а кога се откри дека е обична солена вода, многумина зедоа шишиња и ги полнеа со неа, со верување дека има лековити моќи. Кога пристигнатите научници прибраа примероци и ги испитаа подетално открија дека водата, всушност, нема никакви волшебни моќи, но има една друга карактеристика: сепак, не беше обична солена вода, ами имаше и елементи што укажуваа дека течноста од вулканот има ист состав како човечките солзи.
Секој од граѓаните имаше свое толкување од каде и како тоа настанало. Научниците, пак, беа целосно збунети оти, навистина, тешко можеше да се најде објаснување, но истражуваа и понудија теории што би можеле да се сметаат веродостојни. Едната од нив звучеше малку неверојатно, но некако чувствував дека е најблиску до она што се случило. Затоа, ја зедов како појдовна точка и почнав да се распрашувам за да ја задоволам својата љубопитност. Така, дојдов до откритија за него.
Во младоста бил вљубен во поети и прозаисти, читал непрестајно затворен во својот дом и знаел да не излезе од собата со денови. Собата му била преполна најмногу со тетратки, а потоа и со книги, оти книгите не биле негови, ами зајмени од сите библиотеки што ги имало во неговиот град, па морал да ги враќа. Затоа во тетратки препишувал песни, раскази, дури и епови и романи за да ги има постојано крај себе. Кога пораснал, брат му го испратил во поголемиот град, оној што се наоѓа на падините од вулканот, да му заврши една практична работа. Дури ја завршил, морал да седи во сопче под кирија, во темница за да штеди струја, без радио или телевизија за да не им прави бучава на соседите, и пак со многу книги, оти се запишал во библиотеките во градот на вулканот. Бидејќи имало повеќе книги и повеќе тетратки решил овде да си ја побара среќата. Работел напорно и дење и ноќе и успеал да заработи за малку поголем стан, каде не морал да седи во темница, а си купил и радио и телевизија. Но не ги користел. По книгите, најголемо задоволство му било да гледа во високата планина низ својот прозорец, и така, со поглед кон планината, работата му се чинела полесна и поедноставно извршлива, а и времето побрзо му течело.
При толку книги и познавање на толку јазици му станало најголема желба да преведува. Посакал најсилно да стане витез на посегнувањето по ѕвездите-книги што се обидувал да ги пренесе од едно небо на друго, од небото на нивниот оригинален јазик на небото на неговиот, второстепениот, јазик. Се обидувал така со години. Но не успевал. Кога и да го погледнел својот превод откако ќе завршел со пишувањето, тој увидувал дека неговиот превод не му е верен на оригиналот. Преводот, место да го имитира својот извор и верно да го пренесува, станувал ново дело, станувал такво дело што и самиот оригинал би можел да му позавиди. Преведувачот не знаел дали да се гордее со својот нов оригинал или, пак, да очајува што не успеал да го пренесе изворното дело на својот јазик. По својот карактер бил понаклонет кон второво, оти таков бил – се обидувал да ја победи суетата, а да ја истакне смерноста кај себе. Затоа не се гордеел, ами секогаш се обидувал да ги преправи своите преводи за да бидат второстепена копија на книгите што толку многу ги сакал. Но, залудно. Сериозноста, во делата на авторите што бескрајно ги љубел, кај него станувала посвечена, хумористичните ситуации многу посмешни, виното кај него имало попознат вкус, боцкањето во оригиналот станувало завист во преводот, длабоката восхитеност се престорувала во здивени луњи. Она што во изворниот текст можело да се случи кај него било кадро да се случи, устата станувала челуст, болката – чемер, а медот се удвоил во мед и млеко. Кралиците во преводот имале подостоинствен од, бунтовниците биле посјајни и повивнати, мајките – почовечни, ветриштата – со посилен здив. И секогаш кога ќе погледнел во својот текст ќе видел: текст што наликува на преведуваниот, а сепак не е тој, не е истиот; и секогаш кога ќе се обидел да го приближи го оддалечувал уште повеќе од оригиналниот и го правел поинаков, посвој, посамостоен од кој било превод што постоел до тогаш. И она што не знаел – го правел повдахнат, позвучен, посмел.
Но, оти не го знаел ова, очајувал над своите неуспешни преведувачки обиди. Додека очајувал, планината што ја гледал низ својот прозорец се смалувала пред неговите очи, се стуткувала, станувала сè поситна и не можела да му причини задоволство како порано бидејќи бил обесхрабрен од своите неуспешни обиди. Не знаел дека мртвите автори на песни, епови, драми и романи ги читале неговите имитации и го преправале своето творештво за да се совпадне со значењето што тој му го давал. Нивните дела се менувале, го преиначувале својот облик, зборовите во нив исчезнувале и се појавувале нови, речениците се преобразувале во нови низи гласови и од нив избликнувале сè нови и нови значења.
Еден ден неуспешниот преведувач наишол на книга што особено му се допаднала. Ја прочитал, спиел со неа, јадел со неа, работел со неа – постојано му била во мислите. Бил решен – од ова дело ќе направам превод сосема верен на оригиналот за да не се изгуби ни најмало делче од неговото возвишено значење, не смеам да не успеам оти ќе биде штета моите сограѓани да не добијат шанса да го прочитаат ова дело во својата најверна копија. А во делото станувало збор за животите на неколку лица што живееле во град во чија непосредна близина се наоѓал згаснат вулкан кој се заканувал да оживее. Работел напорно неколку недели, и ден и ноќ, за да го оживее во својот превод, во својата имитација на оригиналот, згаснатиот вулкан. И успеал: на хартијата почнал да се шири мирис на сулфур, карпите сè почесто се затресувале, и црн чад се виел кон облаците токму од центарот на кратерот. Но неподносливиот мирис во оригиналот станал поснажен во преводот, карпите толку се треселе што исфрлале камења од своето тело, а црниот чад во преводот се распространувал побрзо и позаканувачки отколку во оригиналот. Лавата била пожешка, повжарена и поисполнета со растопени метали од јадрото на светот. Кога погледнал кон својот превод, имал што да види: напишал сосема ново дело кое и самиот оригинал би посакал да го имитира. Сосема безнадежен, тој ја наведнал главата на рацете и заплакал над својот неуспешен обид. Неколку солзи капнале на зборот лава.

2018-08-21T17:20:47+00:00 ноември 3rd, 2013|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 92|