Смртта на готвачот

/, Литература, Блесок бр. 105/Смртта на готвачот

Смртта на готвачот

Смртта на готвачот

А. беше готвач. Иако неговата професија се потпираше исклучиво на бастун од бројки и букви, а слободното време му се тркалаше на чувства, она што вистински го движеше како неповторлив човечки вкус во светот,.. беше готвењето. А. од дете мечтаеше да отвори ресторан и колку што мечтата му се измолкнуваше пред годините, толку вкусот на неговите јадења стануваше сѐ понеодолив. Дури магичен. Вистинскиот живот на А. се крчкаше токму на средната решетка во рерната на животот: одгоре беше професијата, оддолу беа чувствата. Одгоре буквите и бројките, оддолу болките.

Уште како момче, А. најмногу ги прејадуваше оние кои најмногу ги сакаше. Додека мајка му месеше – тој гледаше, а кога ќе останеше сам – го поправаше она што таа пропушташе да го стори. На пример, лепчињата ги месеше подолго и поенергично, зашто мајка му не правеше секогаш така и потоа се чудеше зошто некогаш при печењето ѝ пукаат, а некогаш не. Навиваше саат колку да стасуваат прв пат, колку да надојдат втор пат пред да ги стави на печење. На точно определена температура, се разбира. До степен. Еднаш во потпржениот праз за во зелник стави ким и оттогаш неговата кујна замириса на другост и некако помамно и плотно, движечки повтежно, се отсели од семејната кујна. А. не беше роден за кујната сред која беше израснал, зашто во неа на гладта се гледаше само како на празна тава што треба да се наполни со што и да е… Тој на гладта гледаше како на копнеж. По него, се разбира. Копнеж на кој мораше да се одговори, да се возврати достоинствено и повеќекратно. Со страст.

На неговата прва љубов, која патем речено беше помлада од него и ненаситна, ѝ приготвуваше два појадока, еден в кревет, друг на работната плоча в кујна, ручек на трпезариската маса, вечера на малото масиче покрај телевизорот во дневната и две ужини,.. каде било низ станот… На кревет, на под… А. речиси деноноќно готвеше и готвеше, од пржени половинки банана на путер сѐ до најобични старовремски макала со суви пиперки попарени со врел зејтин. Немаше нешто што А. ќе зготвеше, а таа да не ги изедеше до крај. И јадењето… и него. Година за година, тава по тава, цветчиња од шеќер во прав и ванила со вкус на портокал нарасени во чинијата покрај разни домашни колачиња, крофни и крофнички нанижани на стапчиња за раженчиња и полеани со темна чоколада со над 70% какао, грчки мусаки, далматински компири со блитва, лахмаџуни и фалафи, чорби од црвена леќа со коријандер и лук , од тиква со куркума, шафран и ситно сечкана црвена пиперка, или од што и да е зелено во светот и… неговата љубов почна да се раскрупнува и дуе, та ништо повеќе не ја збираше. Трудна од стрвост и ненасит, таа можеше да раѓа само нови и нови рецепти, комбинации, преливи… Никогаш ништо друго… На почетокот од бракот со А. почнаа да не ја собираат панталоните, па кошулите, чевлите,.. потоа не ја собираше трпезариската маса, па троседот во дневната, а најстрашно беше кога почна да не ја собира заедничкиот кревет кој ја притискаше и гушеше до неиздржливост. Тоа, сепак, можеше некако да се реши со храна и немаше никакво суштинско влијае на готвењето на А. Но, кога и целата куќа стана премала за неа, првата љубов му пукна, истече и се доисцеди од домот како водоводна поплава. Од сета таа хаварија, се крена само душата на А., исто како што се крева паркет од премногу влага.

Втората љубов на А., врсничка, заврши со слично кревање на неговата паркет-душа. Таа не се здебели, ама, затоа, пак, повраќаше на секое негово кујнско ремек-дело. Менито беше поинакво, тестенини со домашни сосови, пропржено лукче на маслинов зејтин, свеж босилек од тераса или домашно песто со ореви наместо пињоли, парче пармезан што мора да се ренда непосредно пред јадењето, тенки фурнаринки од црно брашно тип 900 со семки и нане ставени во нив уште во тестото, измислена „цезар“ салата со кашкавал исечен на стапчиња, полнети лепчиња со сѐ и сешто, шпанска пита со зеленчук и пченкарно брашно, циганска со лиснати кори… Заедничкото за сите приготвени јадења овојпат беше чудната, правопропорционална закономерност: колку беа повкусни – толку таа повеќе повраќаше. Едно време толку ослабна што А. почна да приготвува лава-колач за двајца со само едно јајце. А потоа – ни тоа! Втората љубов едноставно му исчезна во воздухот како силен мирис на пржена риба в кујна по долго луфтирање.

Години подоцна, извесна Б. се вљуби во А. Беше постара од него, но тој не ја заслужуваше ниту нејзината некогашна младост, а не, пак, сегашната постарост. Ниту ја заслужуваше, ниту можеше да ја додржи толкавата џиновска љубов со своите големи и долги, а сепак некако кревки раце со две бурми: едната, на домалиот прст на десната рака – дебела, предебела од жолто злато; и другата, на домалиот прст на левата рака – тенка, претенка од бело злато. „Екстра ќе беше и за мене да се разбирав во љубовта, барем толку колку во готвењето“, си мислеше А. „Да умеев совршено да ги лупам емоциите, а не зеленчуците… Да сакав само кога ме сакаат… Екстра ќе беше да ја сакам Б., ама не ја сакам.“ Врската си траеше, огнот на Б. го грееше и А., измина есента, надојде зима и А. набрзо се ушушка и задрема во топлината на Б. како подло, разгалено милениче. Кога се подосвести од зашеметеноста на уживањето на нејзината љубов ко да ја заслужил, веќе требаше да мисли на трета бурма за која, реално, немаше ни слободен прст. Но, немаше ни што да се мисли и премислува, нему Б. не му значеше ништо! Едноставно – ја остави. А и зошто да не ја остави кога за сето време додека беа заедно, тој не ѝ направи дури ни кафе, не ѝ испржи ни јајца, не ѝ ни стопли ништо во микропечката, не ѝ намачка лепче со паштета, со ајвар, со маргарин… Дури еднаш кога Б. го праша дали знае нешто да зготви, тој отсечно ѝ рече „Не!“, не сакајќи дури ни да ѝ возврати со вообичаеното, куртоазно и рутинско контрапрашање „А ти?“. Токму тоа мошне скоро му се удри од глава.

Б. не беше жена која се вљубува често и кратко. Повредена и скршена како чкорче во погрешен џеб, таа сепак не можеше да се откаже од него. Почна да се преправа дека му е пријателка само за да го има како-така покрај себе. Сопственото достоинство напати го простре пред неговите нозе како чергиче, дури трипати плачеше како девојче за него и тоа пред него,.. а тој забележа само еднаш и не му беше гајле, се разбира… Набрзо, Б. почна да го кани на ручеци и вечери и А., како секој обичен маж, а не врвен готвач, се насука на нејзината преплитка кујна. Беше фасциниран од вкусот на нејзините јадења… Еднаш, јадејќи нестварен свински бифтек со путер и магдонос, ѝ рече дека обрнува преголемо значење на гладта, а таа му одговори:
– Гладта е копнеж на кој мора да се одговори, да се возврати достоинствено и повеќекратно, со страст…
Наредниот пат во потпржениот праз за во зелник беше ставила ким и тогаш А. некако помамно и плотно, движечки повтежно, се всели во нејзината кујна. Таа почна да му пржи банани на путер, му ставаше раскошен чоколаден мус во лузничките од варичела на челото и потоа со сласт и страст ги лижеше. Му правеше крофни и крофнички нанижани на стапчиња , грчки мусаки, далматински компири со блитва, лахмаџуни и фалафи, чорби од црвена леќа со коријандер и лук , од тиква со куркума, шафран и ситно сечкана црвена пиперка,.. тестенини со домашни сосови, пропржено лукче на маслинов зејтин, босилек и пармезан, фурнаринки со семки и нане, шпанска пита, циганска пита,.. а А. ниту се дебелееше, ниту слабееше, едноставно само ја грицкаше и грицкаше туѓата љубов, завалувајќи ја својата рамнодушност во најубавата и единствената фотелја во животот на Б.

Ноќта спроти Нова година, Б. приготви сарма, руска салата, кифлички, Васина торта, баклава… и обична пилешка супа со домашни кнедли за првото ново утро.
Додека лампионите трепереа на елката, сијаличките рамномерно се палеа и гасеа, а однадвор се слушаше продорен пукот на петарди, Б. го праша својот грешен љубен што сака да јаде.
– Од супата – ѝ рече, не погледнувајќи ја. – Па, после ќе видиме.
– Повели, – му рече таа со глас кој гушка и бакнува, принесувајќи му чинија врела супа која тој свирепо ја тргна од себе за да се оладела. Гестот ѝ ја изгоре душата. Подоцна, дури премногу доцна, кога супата сосем беше оладена, А. ја изеде без никакво внимание. Ја исрка како животно, небаре гладта и љубовта се празни тави што треба да се наполнат со што и да е…

Тоа му беше последната супа во животот. Сѐ што е врело е љубов, сѐ што е сосила изладено е омраза. Едното лекува – другото труе. А. самиот се отру себеси, зашто не ѝ готвеше единствено нејзе, а таа најмногу го сакаше. Зашто ја стави на погрешна решетка во рерната на животот.

2015

2018-08-21T17:20:39+00:00 јануари 17th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 105|