Слово горко, слово жалосно

/, Литература, Блесок бр. 67-68/Слово горко, слово жалосно

Слово горко, слово жалосно

• награда „Живко Чинго“ 2009 •

Ете, конечно ја најдовте кутивката со ова мое слово во гробот на мојата единствена ќерка Џола.
Сега читајте; вака се случи тоа:
Стариот охридски свештеник, Апостол Мизо, ја отвори црквата „Свети Климент“ за да влезат охридските првенци Нејко Челеби, Станче беј, Бујар Лигдо и Малечко беј. Тогаш, во времето на архиепископот Арсениј, тие беа богати ќуркчии, па поголем дел од годината поминуваа во Цариград. Сите се залагаа да го протераат Арсениј од Охрид, а само првите двајца беа шпиони на везирот.
Додека палеа свеќи пред иконата на Богородица Троеручица измислија подла итрина; набавија фалсифукувани пари и закопаа дел од нив во дворот на архиепископијата, а остатокот го растурија низ градот. По неколку дена сами ја известија власта дека во чаршијата се трошат некакви лажни пари на патријархот. Власта го пребара домот на Арсениј и ги најде парите закопани во дворот.
Сега читајте, вака се случи тоа:
Иако Арсениј не беше тргнат веднаш, неговиот крај веќе беше близу. Само, Нејко Челеби, Станче беј, Бујар Лигдо и Малечко беј сакаа тоа да се случи веднаш. И затоа се послужија со нова итрина. Управник на градот беше Селим Ери паша, кој владееше со зулум и со рушвет. За да го спасат народот од него, истите првенци што го направија она со лажните пари, испратија молба до султанот да го тргне пашата од Охрид. Се разбира, молбата беше само злобна измама: таа не беше против пашата туку против патријархот.
Сега читајте, вака се случи тоа:
Молбата против Арсениј беше напишана на турски, а охриѓани не го знаеја тој јазик па беа прелажани. Веднаш по барањето да се смени пашата, стигна заповед да се тргне Арсениј, па оттука беше јасно каква молба од охриѓани стигна во Цариград. Патем, Нејко Челеби, Станче беј, Бујар Лигдо и Малечко беј си ја завршија работата како што треба. Оној Челеби и оној Станче – за пари, а оној Лигдо и оној Малечко – за ќеиф. Но, да се разбереме, тоа што не знаела што праќа за Цариград, не ја оправдува рајата за подлоста што му ја направија на својот патријарх Арсениј. Стариот беше многу изненаден; се противеше на таквата заповед, но на крајот мораше да замине. Значи, сакам да кажам, внимавајте какви молби праќаат во ваше име оние што можат да ве продадат со измама.
Сега читајте, вака се случи тоа:
Пред да тргне за Цариград, летото 1767 година, Арсениј служеше во црквата „Свети Климент“ пред многу народ, а ниту тој, ниту народот не знаеше дека служи на предавници. Последниот охридски патријарх јавно ги проколна само Нејко Челеби, Станче беј и Бујар Лигдо, а потоа, по две недели, кога цариградските пратеници со патријархот и неговиот внук Георги Беласчев, стигнале кај Топ-капи, гавазите веднаш ги опколиле на мостот пред портата и со еден ќумурџиски кораб ги испратиле на Света Гора.
Десет години подоцна, старец од Зографскиот манастир ми раскажа малку поинаква вистина, покажувајќи ја ќелијата каде што умрел Арсениј. Потоа, под една смоква, најтивко што може ми кажа дека патријархот бил многу тажен, разочаран од укинувањето на архиепископија, и затоа со својот внук Георги сам тргнал за Цариград за да ги заштити своите права и да го спаси својот народ од пропаста за која не е свесен. Кој народ? Оној што го предаде, а не знаеше дека го предал? Со себе носел разни хрисовули и цел товар други ракописи. Одејќи кон Цариград, скршнал за кратко на Света Гора, за да се помоли, и таму бил задржан неколку месеци, чекајќи да го повикаат од Цариград. Еднаш стигнал некаков ќумурџиски кораб, но тој не заминал со него. Коработ дошол само да провери дали Арсениј уште е жив. Неколку дена подоцна, патријархот почина во ќелијата во Зограф; истата ќелија што ми ја покажа старецот, иако јас добро ја знаев пред тоа. Сега знаев дека тргнал во Цариград за да се бори, да ја спаси Охридската архиепископија, ако може, но, ете, никогаш не стигна кај султанот; беше заточен до смрт во манастирот Зограф на Света Гора.
Сега читајте, вака се случи тоа:
Кога се вратив во Охрид, веќе пееја песна за него. Во неа патријархот плаче пред народот во дворот на црквата „Свети Климент“ а по брадата му течат жешки солзи. И народот, значи, плачел; тој ги гушкал сите, еден по еден, тие му бакнувале рака а од раката како од извор се лееле солзи. Тоа траело неколку часа, а потоа Арсениј ги склопил рацете, погледнал во небото и ги проколнал Стамче беј, Бујар Лигдо и Нејко Челеби. Истиот миг плачот на народот го распарал небото, а Арсениј го јавнал својот коњ и заминал засекогаш од Охрид. А потоа, како што вели песната, одеднаш, како да не биле, исчезнале семејствата на проколнатите; во нивните куќи пајаците ткаеле пајажина а по стреите пееле утки. И, да не должам, зашто вие бездруго забележавте, во песната се спомнуваат само тројца од трговците што го предадоа Арсениј. Зошто не се спомнува четвртиот?

2018-08-21T17:21:05+00:00 октомври 12th, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 67-68|