Сите свршувачки на тетка Љуба

/, Литература, Блесок бр. 35/Сите свршувачки на тетка Љуба

Сите свршувачки на тетка Љуба

И така, таа престана да изегува. Престана дури и да тагува по Југ. Седеше и ги плетеше волнените џемпери и не забележувајќи колку брзо минуваат неделите, годините.
Само откри, сосем случајно, речиси и самата изненадена од ова откритие, дека одамна изминале оние денови кога ќе се фатеше себеси обземена од мислите по некој младич, случајно сретнат на улица или пак на корзо. Откри, значи, оти многу повеќе ја интересираат спомените одошто животот и веднаш знаеше дека тоа е сепак знак што треба да ја загрижи.
Ова сознание кое без сомнение ѝ помогна пореално да ја оцени положбата во која се наоѓаше, беше можеби една од причините тетка Љуба да го прифати настојувањето на татка си идниот свој животен сопатник да го побара меѓу луѓето од нашата улица. Всушност, и сега таа не беше најсигурна како дојде до тоа оваа мисла да ја овладее неа. Точно е оти само татко ѝ, уште во првиот момент, мошне итро и далекосежно успеа да ја замеша во сите нејзини дилеми и својата лична судба. Без престан ја оплакуваше својата осаменост, но притоа не ја забораваше и нејзината зла среќа што претставуваше нова капка жолч во неговата горчлива чаша.
А почна некако оддалеку. Почна од неделите, од богослужбите, од тоа како неговите врсници, кога ќе излегле од црква, можеле патем, додека да втасаат дома, по три, по четири куќи да посетат. Можеле, значи, да им направат визити на ќерките, на синовите, можеле и на внучињата симити и лижавки да им занесат. „А јас, што судбина доживеав јас?“ ја редеше тој својата тажаленка. „Анастасија, сестра ти, струмичко фати. Брат ти скопско остана. Галаба Ново Село се омажи. А каде да одам јас ако и ти фатиш дујна? Ќе треба веднаш да се преселам кај мајка ти. Под крстовите на Света Петка.“
Всушност, уште пред да ѝ ги соопшти поконкретно своите намери, татко ѝ беше го повикал кај нив Кољо Никодиновски. Беше го замолил машината божем да ја разгледа и, по можност, да даде свое мислење за една мошне разлабавена завртка од рачката на машината.
Тие денови Кољо Никодиновски беше се вратил од Скопје. Посетувал некаков машински курс, и сега, пред испитите, беше се вратил дома, сиот испрчен и наконтен, измазнет дури под кожата, и мошне зборлест. Се извини, се разбира, дека не ги понел алатките. (О, ќе имал тој и такви алатки, но за овој случај не можел и да си претпостави што и колку ќе треба да помогне. Па сепак, можел да го посоветува дедо Моне, да му се обрати лично на претставникот на фирмата. Тој смета дека ќе може лесно да го снабди со неговата адреса. „Тие, фирмите, внимаваат на своето реноме. За нив ваквата услуга е најисплатлива препорака!“ Сето ова Кољо Никодиновски го говореше мошне авторитетно и стручно.).
„Го виде? Наконтено шрафцигерче“, го оцени студено тетка Љуба кога си замина, но притоа можеше да се забележи опориот призвук на завист во нејзините зборови.
„Тој е како и ти: своеглав, непомирлив. Веднаш намирисува што треба да приграби“, го правдаше татко ѝ својот избраник, но истовремено ѝ завидуваше на остроумноста со која толку брзо ги оценуваше луѓето.
„Кутрата јас“, се накостреши тетка Љуба. „Не терај ме да плачам, те молам. За сè е потребно да се пронајде вистинската мера. А за да го спроведеш она што го имаш наумено, потребно е и малце такт!”
„Вчера тој беше никој и ништо, а утре…“
„За утре е рано да се зборува, а на она што бил вчера, за жал сè уште мириса“, го прекина повторно тетка Љуба, мислејќи на сите оние тепсии со бурек што Кољо секидневно ги разнесуваше по касарните. „Тој е сепак само мал наконтен шебек. И јас не верувам дека кога и да е ќе успее да стори нешто повеќе од она што до сега го сторил.“
„Моите две кај него секогаш ќе станат четири“, не попушташе татко ѝ.
„Твоите сметки не се за на пазар. Од нив под лажичкава ме пече. Шило. Ете што е тој. Шило за крпење обувки.“
Господи, ова го рече тетка Љуба само три неполни недели пред свршувачката. Всушност, во моментот на свршувачката со Кољо, ѝ се чинеше дека во нејзината соба сè уште одзиваат тешките набрекнати од потсмев зборови, и дека сè уште не поминале доволно часови и доволно денови реченото да замре и да се престори барем само спомен и ништо друго што со благ потсмев, само ако посакаме, ќе можеме да го оттурнеме од себе.
Свршувачката на тетка Љуба мина сосем незабележано. Впрочем, и не беше свеченост од таков вид што треба да остане во сеќавањето како посебно значаен настан. Беше тоа само договор што требаше да ги утврди основните услови за брачната среќа на тетка Љуба и Кољо Никодиновски.
На свршувачката Кољо Никодиновски дојде директно од Скопје, со возот што пристига во 15 часот и 15 минути. Рече оти доаѓа од возот. А дома свратил само за да го види Стариот. (Не можев да го земам со себе и да го доведам. Верувам оти ќе ме разберете, сосем е снеможен. Мислам дека е најстрашно кога животот ќе почне најнапред да ве цеди откај нозете. Одземањето може да ве фрли во страшна немоќ. Му реков: Бори се, старо коско! Не давај се! Со прстите, со ноктите, ако треба, бори се. А тој само молчи. Се издишува).
Кога седна, Кољо извлече од внатрешниот џеб некакво сино плико и внимателно го кладе на маса. Тропкајќи со прстот по него, поднасмевнат и со некоја необјаснива сигурност во гласот, наеднаш објави оти никогаш веќе нема да ги влече по приградските улици, и околу оградените со бодликав тел касарни, мрсните тепсии со бурек. Тој бил веќе возач. Со положен испит. Требало само да купи автомобил. А носел и некои проспекти со себе. Ги оставил дома.
Тетка Љуба престана да плете, се сврте кон него и внимателно го погледна. Нејзиниот врат дојде уште потанок и подолг. Погледот на тетка Љуба запре токму врз очите на Кољо.
„А како мислиш да го оствариш тоа?“ праша тетка Љуба.
„Не учев за да правам бурек и натаму“, го издржа нејзиниот поглед Кољо. Притоа покажа кон синото плико. „Не туку така се мачев за парчево хартија.“
„Ти се посака одеднаш да се промешаш меѓу вистинските луѓе, а?“ се насмеа тетка Љуба. „Го слушна, Моне?“ Таа секогаш му се обраќаше на татка си по име. „На Кољо му се посакало да ги остави тепсиите со бурек. А како мислиш да го оствариш тоа?“ продолжуваше тетка Љуба со своите мошне прецизно потпрашување.
„Мислев оти можеме заедно да позборуваме за сето тоа“, рече Кољо.
„Сака да позборуваме, гледаш?“ се сврти таа кон татка си и почна да се извлекува од под машината. Само Кољо Никодиновски сè уште не знаеше колку долго можеше да потрае тоа нејзино бавно извлекување од под диплите на џемперот што во набори паѓаа преку нејзините колена.
„Не треба ништо да објаснуваш“, рече таа и се оддалечи кон мусандрата. Чашите и шишињата ѕвонеа додека таа ги редеше на пониклениот тас. „Сè е јасно. А колку ти недостига за да ја купиш колата?“ прашуваше таа без да се свртува кон него.
„Малце“, потскокна Кољо. „Но тоа ќе ни се исплати само за една година. Јас пресметав. Само за една година вложеното може да се поврати“, решителноста повторно ги полнеше неговите очи со сјај.
„А зар не би можел да почнеш со пајтон? Во секој занает се почнува одоздола“, се вмеша во разговорот татка ѝ. Тој или вистински се плашеше дека тетка Љуба ќе го прифати барањето на Кољо, или пак само сакаше да се огради од евентуалното пребрзо решение на ќерка си.
„А кој луд да крши глава по белосветските школи за да вози потоа пајтон? И што работа може да се сврши со пајтон? Не се вози веќе нашиот трговец на дрвени тркала. А и каква ти е таа фирма што со пајтон се вози? Го размислив убаво сето тоа додека учев. Такво нешето не доаѓа предвид.“
Господи, колку логично расудуваше тој проклет дибек! Толку точно, што никој немаше сили да му се спротивстави. Дури ни тетка Љуба ништо не рече додека го послужуваше.
Се чукнаа и наздравија. Комовата беше навистина јака. Дури сетне ги палеше дамарите.
А утредента дојдоа мајтори. Почнаа да го уриваат ѕидот и да градат огромна порта. Никој не се досетуваше зошто ќе служи таа. Сè додека едно утро Кољо не се зададе по низдолништето со црн форд, четвртест и толку излаштен, што сета улица можеше да се огледа во него.
Приквечерината тетка Љуба се појави под лозницата во долг виолетов фустан, прилепен во струкот и богато набран над лакуваните чевли. Таа се качи на предното седиште, ја намести шапката, Кољо ја тресна вратата, го запали моторот и со силни трескотници излегоа на улицата, а потоа се спуштија кон реката и кон бавчите. А до вечерта веста за свршувачката на тетка Љуба и Кољо Никодиновски не беше веќе тајна за ниту еден жител од улицата „23. пешачки полк“.
Заскитана во спомените, тетка Љуба и не забележа кога слезе од катот Марија. Но наеднаш го виде ординарецот што го држеше коњот за уздата додека капетанот Бодо се сместуваше во седлото. Потоа господин капетанот ја поднамести шапката што ја зеде од розовото раче на Марија, ја зеде и уздата, и сега сосем сигурно седеше врз немирните плеќи на белецот. Со десната дланка го мазнеше неговиот долг снежен врат. Коњот престана да потскокнува, рамномерно почна да поигрува по калдрмата; а капетанот високо ја држеше главата, дури и не погледнуваше кон Марија, сиот беше внесен во разиграноста на снагата, на машкоста, сиот беше престорен желба и напор да ја зајази таа разиграност, да ја потчини. И само со едно делче од слухот го ловеше топотот на коњот од ординарецот што го следеше додека слегуваа кон касарната.
Марија се врати под натрешникот. Посака да скине едно зрно пупулига, што годинава штедро беше се истурила по лозницата, но се премисли иседна на снискиот троножец стегајќи ги тупаниците меѓу колената, побелени од свивање. Неколку моменти внимателно беше вслушана во рамномерниот звук на машината за плетење, можеше и да си замисли како челичните запци го водат конецот од котелец до котелец и како незабележливо расте полата на џемперот. За момент ја осети на својата подлактица муцката на Софија, а веднаш потоа го виде и нејзиниот јазик што ја лижеше белата дамка под вратот. Марија дозволи мачката да ѝ се протегне во скутот, а потоа помина со прстите низ нејзиното меко крзно.
„Еееј!“ викаше од тремот татко ѝ на тетка Љуба. Тетка Љуба само што го крена погледот, го виде. Навистина беше го заборавила него. Или пак и премногу беше занесена по Марија. Марија на балконот. Марија на скалите. Марија стисната до белецот. Сега веќе беше речиси сигурна дека таа умее добро да се милува. Имаше всушност, забележано како секогаш кога го испраќаше господин Бодо, својата розова дланка ја држеше врз набрекнатите жили на белецот, под седлото, кај слабините. А белецот, осетувајќи го тој благ допир, само поигруваше со ушите како со ножици.
Тетка Љуба не можеше навистина да си објасни како татко ѝ наеднаш бувна во тремот со истиот оној сор што преѓеска го остреше. Како секирче да носи в рака. А сорот беше, всушност, и секирче, зашто со него тој само со еден удар ги сечеше украсените со пискул пилешки глави. „Еееј!“, повторно викна татко ѝ. „Сакав да набереме малку грозје.“
„Остави го сорот.“ викна тетка Љуба. „Остави го барем додека сновиш низ куќа!“
„Зошто да го оставам? И зошто мислиш дека треба да ми наредуваш?“ пламна одеднаш тој. „Сметаш оти треба да им угодувам на секој чекор на оние што јас сум ги одгледал, што јас сум ги кренал на нозе?“
Тетка Љуба излезе од под машината и дојде на прагот. Беше во синиот долг фустан со сигури многу слични на рипки, рипки во некоја неопределена светлосива нијанса, најблиска до темно сребро.
„А зошто ми кажуваш оти треба да одиш?“ праша сосем смирено тетка Љуба.
„Реков, заедно да одиме, ако е можно.“
„Утре е петок, ќе дојдат еден куп селани по џемперите“.
„Да“, се согласи татко ѝ и одеднаш спласна. „Сосем заборавив оти утре е пазарен ден.“
„Многумина одат на лозје сами. А и ти, кога почна да се двоиш од другите?“ рече тетка Љуба.
Марија ја остави мачката на плочите, како кога оставаме преполн бокал па внимаваме да не се истури, а потоа стана потпирајќи се на колковите. Кога втаса кај настрешникот на летната кујна, зграби шушелки од штицата, но долго пребаруваше по нив пред да касне. Требаше најнапред убаво да се навлажнат, па дури тогаш да се насети на непцето вкусот на кајсиите.
Марија си спомни како се јазеше по гранките на дрвото кога ја береа кајсијата во лозјето кај Сујтлакот.
„Ќе си ја нагрдиш кожата“, ѝ викаше тетка Љуба седната на меѓата.
Марија се смееше и се напрегаше да ги дофати зрелите плодови. Не, тоа не значи дека таа и премногу се трудеше. Во сиот тој напор и во тоа јазење погранките, многу поприсутна беше желбата за игра и за одушевувања одошто потребата да се збираат плодовите.
Гледајќи како ги јаде сушените плодови, и тетка Љуба си спомна за бербата на кајсиите. Има во нејзиното однесување многу божемна наивност, се сети како расудуваше тогаш. И, за жал, сега веќе знаеше дека не се излажала во својата оценка. Таа е и премногу мила за да не би била и пожелна заклучи тетка Љуба токму во моментот кога Марија влезе во тремот.
„Поведи ме и мене, одамна не сум била на лозјето“, го замоли таа дедо Моне. Дедо Моне ја гледаше долго, но којзне зошто ништо не ѝ вети кога замина кон горни крај.
Кога дојде Кољо, не ја внесе колата. Ја остави на улица. Потоа објасни дека морал да направи две тури до станицата. Толку народ довлекол возот. Зборуваше и сновеше горе-долу од портата до тремот. Посака да влезе кај тетка Љуба, но се врати под лозницата при Марија и втренчено гледаше во нејзиното како лак свиено тело. Марија повторно беше седната на триножникот и крадешкум погледнуваше кон прозорецот во тремот. Во еден момент посака да избега од ова место зграпчено од погледот на Кољо, но веднаш знаеше оти нема сили да го стори тоа, па само чувствуваше како се оддалечува од тремот, од лозава, од дворов, од улицана. Имаше впечаток дека очите на Кољо ја носат таму каде што ќе посакаат. Нејзините прсти трепереа од допирот со мекото крзно на Софија. Не можеше воопшто да си објасни како Софија повторно се најде во нејзиниот скут. Ако беше темнина, така си замислуваше, под прстите сигурно ќе ѝ шетаа ситни искри.
Чудно, но повторно ги осеќаваше по сето тело неговите прсти од вчеравечер. Како жарчиња да ѝ шетаа по снагата. Утринава веруваше оти ќе има сили да му се спротивстави на ова чувство. Дека таа ќе го оттурне од себе, нека повели само да ѝ се приближи. Толку многу си веруваше утринава, а еве, сега, со уште поголема сигурност знаеше дека ништо не го истоштува толку многу човека колку напорот да го прикрие она што го чувствува.
Слезе татко ѝ на тетка Љуба од горни крај, со едно кошниче во левата рака. Десната ја мавташе со сорот.
„Еееј, ќе сакаш ли да нè занесеш до лозјето?“ се радуваше како дете кога виде дека Кољо се вратил.
Кољо ги тргна очите од Марија, но таа беше сигурна дека тој и нејзе ја понесе во својот поглед. Стана и речиси се залепи до неговото раме. За момент сиот напор исчезна. Некаква леснина ја овладеа. Иако беше и стариов со нив, воопшто не беше свесна каде одат.
Тетка Љуба слушна кога тргна црниот форд. Си ги апеше усните, но тие воопшто не ја болеа. Болката се огласуваше негде однатре, како од длабок бунар. Го скина внимателно од плетката црвениот конец и врза црн. Потоа продолжи да плете.

2018-08-21T17:21:38+00:00 април 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 35|