Романот „Разум“ од Рудолф Слобода на српски јазик

/, Литература, Блесок бр. 74/Романот „Разум“ од Рудолф Слобода на српски јазик

Романот „Разум“ од Рудолф Слобода на српски јазик

(Рудолф Слобода: Разум. Зрењанин: Агора, 2007)

#1 Преводите од словачката литература на српски и на хрватски јазик бележат исклучителен дефицит. Прозападната ориентација на поранешните југословенски литератури и пред 1989 година придонесе за тоа редица автори од тие простори да бидат омилени, преведувани и примани во словачката книжевна средина. Српските, хрватските, но и словенечките, босанските, црногорските и македонските автори беа кај нас сметани за прозорец кон светот, за писатели со силно закотвена интелектуална сувереност, која тешко подлегнува на општествените нарачки односно на хоризонтите на општествените очекувања. За поранешниот југословенски контекст, тогашната чехословачка литература беше интересна само во поглед на дисидентството и на манифестирањето слобода на изразот, така што не е изненадувачки тоа што во најголем обем беа преведувани и изведувани автори какви што се Кундера, Хавел, од Словаците помалку – на пример дел од творештвото на Мњачко. Од осумдесеттите години на минатиот век во јужнословенските простори нарасна и интересот за словачките поети.
Независно од тоа што денес во словачката средина се српската и хрватската литература присутни и живо застапени, сразмерноста почнува полека да се придвижува и во прилог на словачката литература. Голема заслуга за тоа има Литературно-информацискиот центар од Братислава кој програмски ги поддржува издавањето и афирмацијата на делата од словачките автори во просторите на поранешна Југославија. На тој начин, големиот зналец на словачката и на јужнословенските литератури – Михал Харпањ (книжевен научник од редот на војводинските Словаци и универзитетски професор во Нови Сад и во Банска Бистрица) ги преведе на српски јазик најзначајните романи на Павел Виликовски (Коњот на кат, Слепeцот во Врабље; Суровиот машинист и Последниот коњ на Помпеја). Може да се каже дека на исклучителниот преведувачки труд на Харпањ се надоврзува неговата поранешна новосадска студентка Зденка Валентова – Беличова, која заедно со својот сопруг Братислав Белич го преведе најпрво романот на Хрушовски – Човекот со протеза, а најново и романот на Рудолф Слобода – Разум (преводот излезе во 2007 година во издавачката куќа „Агора“ од Зрењанин со поддршка од братиславскиот Литературно-информациски центар и од Министерството за образование и култура на Војводина со седиште во Нови Сад).
Преведувачите и издавачот во поговорот му даваат до знаење на српскиот читател дека станува збор за култен и контроверзен роман што се појави во сложените околности на осумдесеттите години на минатиот век, а на патот до неговото издавање во Словачка (1982), мораше да помине низ бројни тешкотии. Зденка и Братислав Белич истакнуваат дека се работи за време, кое не им беше многу наклонето на егзистенцијалистичките теми, ниту пак на делото кое „ја открива личната потрага по смисла среде навидум непроменливото секојдневие“. Во својата најнова книжевно-научна анализа, Вилијам Марчок го вбројува овој роман на Слобода во контекст на она што се нарекува „постепена регенерација на смелоста за алтернативен поглед“ во сооднос со дисидентската проза и со дефинитивниот настап на постмодерната. Марчок го апострофира и тоа дека станува збор за дело во кое доминира „драмата на човекот, кој упорно војува за правото на свој поглед на животот (разум), но во окружувањето со неразбраните луѓе не успева да ја одбрани вистината за своето искуство, па затоа и се отуѓува од него и го предава натпреварот“. Финалето на романот – предавањето на натпреварот – може при интерпретацијата да се протолкува и послободно, на што и предупреди Петер Зајац уште во 1983 година: „Затоа не би рекол дека во случајот со неговиот јунак се работи за пропаст или за пораз, попрво станува збор само за едно полувреме од натпреварот во кое успехот не е достигнат. Зборовите „убиен човек“ (zabitý človek) на крајот од романот не значат физичка смрт, туку факт дека на јунакот во тој момент не му успева да биде човек“.
Во констелација со ова тврдење на Зајац, многу еднозначно прозвучува крајот на романот во неговиот српски превод, каде што преведувачите – за синтагмата убиен човек ја употребиле фразата мртов човек (mŕtvy človek), која (без оглед на тоа што разгранетоста на значенската интерференција меѓу ознаките убиен и мртов) не припушта доволно простор за т. н. интерпретациска не-еднозначност, доловена од страна на Петер Зајац.
Претставувањето на Слобода во српскиот културен контекст е значаен издавачки чин. Да се надеваме дека восхитот што е евидентен кај сопружниците Белич нема да спласне и дека заедно со останатите активности на Михал Харпањ ќе донесе и нови проникнувања на словачката литература во поранешниот југословенски простор.

Превод од словачки: Звонко Танески

АвторМихал Бабјак
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 74|