Раковиот напоредник

/, Литература, Блесок бр. 61-62/Раковиот напоредник

Раковиот напоредник

* * *

Каква врска има сето ова со тебе, Молдорф? Зборот во твојата уста е анархија. Изречи го, Молдорф, јас го чекам. Никој не знае, кога се ракуваме, за реките кои потекуваат низ нашата пот. Додека ти ги обликуваш своите зборови, со полуотворени усни, додека плунката ти гргори во образите, јас веќе сум скокнал преку половина Азија. Ако го земам твојот бастун, просечен каков што е, и дупнам мала дупка во твојот бок, би можел да соберам доволно материјал за да го исполнам Британскиот музеј. Ние застануваме а пет минути и голтаме векови. Ти си сито низ кое се просејува мојата анархија, претопувајќи се во зборови. Зад зборот има хаос. Секој збор е лента, прачка, но никогаш нема да има доволно прачки за да се направи мрежа.
Закачиле завеси додека сум бил отсутен. Личат на тиролски чаршафи за маса, натопени со лизол. Собата искри. Седнувам на креветот, замаен, мислејќи на човекот пред неговото раѓање. Одненадеж почнуваат да бијат ѕвона, чудна, неземна музика, божем сум префрлен во степите на централна Азија. Некои ѕвонат со долг бавен ѕвон, други избувнуваат пијано, плачно. И сега пак е тивко, освен последната нота која едвај ја нарушува тишината на ноќта – само слаб, висок гонг кој гасне како пламен.
Склучив тивок договор со себе да не менувам ни ред од она кое ќе го напишам. Не ме интересира усовршувањето на моите мисли, ниту на моите постапки. Зад совршенството на Тургенев го ставам совршенството на Достоевски. (Има ли нешто посовршено од Вечниот маж?) Овде, сепак, во еден ист медиум, имаме два вида совршенство. Но во писмата на Ван Гог има совршенство кое и двете ги надминува. Тоа е триумф на поединецот над уметноста.

Има само една работа која сега суштински ме интересира, а тоа е снимањето на сè она кое е испуштено во книгите. Никој, колку што можам да видам, не ги користи оние елементи во воздухот кои му даваат насока и поттик на нашиот живот. Се чини дека само убијците од животот вадат некоја задоволителна мерка од она што во животот го внесуваат. Времето бара насилство, но добиваме само јалови експлозии. Револуциите се сотрени во корен, или пак прерано успеваат. Страста бргу се исцрпува. Луѓето им се враќаат на идеите, comme d’habitude. Ништо што е предложено не може да трае повеќе од дваесет и четири часа. Живееме милион животи за време на една генерација. Во изучувањето на ентомологијата, или животот во длабоките мориња, или активноста на клетките, наоѓаме повеќе…
Телефонот ја прекинува оваа мисла која никогаш не ќе можев да ја завршам. Некој доаѓа да го најми станот…
Се чини дека е завршува, мојот живот во вилата Боргезе. Добро, ќе ги земам овие страници и ќе се преселам. Нештата ќе се случуваат на друго место. Нештата секогаш се случуваат. Се чини дека има драма каде и да одам. Луѓето се како вошки – ти се пикаат под кожата и таму се вкопуваат. Се чешаш и се чешаш додека не потече крв, но не можеш засекогаш да се ослободиш од вошките. Каде и да одам, луѓето прават збрка од своите животи. Секој има своја лична трагедија. Сега тоа е во крвта – неволја, апатија, тага, самоубиство. Атмосферата е заситена со несреќи, разочарување, јаловост. Чешај и чешај – сè додека не останеш без кожа. Сепак, ова врз мене делува возбудливо. Наместо да се обесхрабрам, или станам потиштен, јас уживам. Пекам по нови и нови несреќи, поголеми неволји, подлабоки неуспеси. Сакам целиот свет да биде исфрлен од колосек, сакам секој да се исчеша до смрт.

Сега сум принуден да живеам толку брзо и жестоко што едвај имам време да ги запишам дури и овие расцепкани белешки. После телефонскиот повик, дојдоа еден господин и неговата жена. Се качив горе за да прилегнам за време на трансакцијата. Лежев таму и се прашував кој ќе ми биде следниот чекор. Секако нема да се вратам во креветот на педерот и да се превртувам цела ноќ додека со ножните прсти ги расчистувам трошките од леб. Тоа блуткаво копиленце! Ако има нешто полошо од тоа да се биде педер, тоа е да се биде скржавец. Страшлив, треперлив шупак кој живее во постојан страв дека еден ден ќе остане без ебена банка – можеби на 18 март, или точно на 25 мај. Кафе без млеко или шеќер. Леб без путер. Месо без сос, или без воопшто месо. Без ова и без она! Мало смрдливо скржле! Еден ден ја отворив фиоката во бирото и најдов пари скриени во чорап. Преку две илјади франци – и чекови кои воопшто не ги реализирал. Дури ни тоа немаше толку да ми пречи ако секогаш не наоѓав ронки од кафе во својата беретка и ѓубре на подот, да не ги спомнувам теглите со крем и мрсните пешкири и секогаш затнатиот одвод. Ви велам, тоа копиле гадно смрдеше – освен кога ќе се натопеше со колонска вода. Ушите му беа валкани, очите му беа валкани, газот му беше валкан. Целиот беше исчашен, астматичен, вошлив, ситен, морбиден. А ќе можев сè да му простам ако само ми дадеше пристоен појадок! Но човекот кој има две илјади франци скриени во смрдлив чорап и кој одбива да облече чиста кошула или да намачка малку путер врз својот леб, таков човек не е педер, не е дури ни скржавец – тоа е имбецил!
Но, ова за педерот не е баш точно. Наслушнувам што се случува долу. Тоа се г-дин Врен и неговата жена, тие се јавија да го погледнат станот. Разговараат околу тоа. Само разговараат, фала богу. Г-ѓа Врен се смее слободно – ќе има компликации. Сега зборува господин Врен. Гласот му е зарипнат, рапав, бучен, тешко тапо оружје кое се пробива низ месо, коска и ткиво.
Борис ме вика долу за да ме претстави. Ги трие рацете, како некаков брокер. Зборуваат за расказот кој го напишал г-дин Врен, приказна за коњ со болна нога.
„А јас мислев дека г-дин Врен е сликар?“
„Секако“, вели Борис со сјај во окото, „но зиме пишува. А пишува добро… исклучително добро“.
Се обидувам да го наведам г-дин Врен да зборува, да каже нешто, што било, да зборува за повредениот коњ, ако треба. Но г-дин Врен е речиси неартикулиран. Кога се обидува да зборува за оние макотрпни месеци поминати со пенкалото, станува речиси неразбирлив. Месеци и месеци тој минува пред да стави еден збор на хартија. (А зимата има само три месеци!) За што ли размислува сите тие зимски месеци и месеци? Жими бога, не можам да го замислам како писател. А сепак г-ѓа Врен вели дека кога ќе седне да пишува, од него само лие.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторХенри Милер
2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 61-62|