Разговор со Спиноза

/, Литература, Блесок бр. 37/Разговор со Спиноза

Разговор со Спиноза

– извадок –

Човекот кој тоа утро влезе во синагогата Бет Јаков, носејќи го на раце својот син роден пред осум дена, се викаше Михаел Спиноза. Дошол на свет четириесет и пет години пред тоа како Мигел Деспиноса, во Видигере, Португалија, каде што неговиот татко Исак се доселил од Лисабон, со надеж дека во малечок град ќе може да се придржува до законите проповедани од Мојсеј без страв од Инквизицијата; дошол на овој свет во 1587 година, токму четириесет години од основањето на инквизиторскиот суд во кралството, чија основна цел била присилно конвертирање на Евреите, и спречување на конвертираните Евреи да ѝ се вратат на првичната вероисповед. Од детството помнеше само еден настан – една топла летна ноќ, кога тој, тогаш деветгодишен, сонувал како по небото летаат огромни риби од чии усти капе крв, и во сонот слушнал како од оваа страна на стварноста го повикува гласот на неговата мајка, Мор Алварес. Кога ги отворил очите ги видел мајка си и татко си како ги прибираат најнужните нешта, две погачи леб, три заграби сол, еден нож, неколку лажици, игла и конец, малку облека. А додека заедно со мајка си, брата си и сестра си го пречекорувал куќниот праг за последен пат, се свртел и видел како татко му Исак се наведнува во собата, откорнува една штица од подот, вади неколку книги оттаму и ги става под мишката. Подоцна, кога се сеќавал на ова бегство, често пати посегнувал по една од тие книги, по „Тората“, и одново и одново го препрочитувал „Егзодусот“. Во тие мигови пак и пак му се враќале во сеќавањето плачните очи на Мор Алварес, свртени кон нивната куќарка која засекогаш се оддалечувала од нив, се смалувала во нивните очи, а тие, качени на колата во која биле спрегнати два коња, ни самите не знаеле каде одат. Уште долго потоа Мор Алварес, од секој град во кој се засолнувале, им праќала писма на своите браќа кои претходно му ги диктирала на Исак, не знаејќи дали и нив некој ги известил дека се наклеветени кај Инквизицијата за исповедање на еврејската религија. Писмата ги праќале истиот ден кога заминувале за некој нов град, за да не бидат фатени од инквизиторите, а во нив бил впишуван само градот кој го напуштаат, еден дел од градот, еден датум и еден гест. Мор Алварес верувала дека нејзините браќа ќе ја сфатат пораката; доколку во писмото пишувало: „Понте де Лима, пазарот до судницата, 14 август, чепкање на десната ноздра со малиот прст од левата рака,“ тоа значело тие на 14 август таа година да се појават на плоштадот до судницата во градот Понте де Лима, и да бараат човек кој би си ја чепкал десната ноздра со малиот прст од левата рака, а во исто време да го прават и тие истото. Во секој од градовите во кои застанувале по неколку месеци Мор Алварес и Исак наоѓале по некој Евреин на кој му кажувале кој би бил знакот на распознавање, му го кажувале и датумот на кој требало да се појави на одреденото место, а му го откривале и градот кон кој се упатувале, за да можат браќата да ја најдат својата сестра. Во градовите низ кои минувале Исак и Мор Алварес оставале луѓе да скокаат на една нога на плоштади, да клекнуваат и стануваат на пристаништа, да плескаат со раце пред катедрали, но браќата на Мор Алварес не се појавувале. Соништата на Мор Алварес ги исполнувал еден голем лист хартија по кој минувале рацете на нејзините браќа, испишувајќи нешто, а таа, неписмена, се мачела да ги сфати нејасните знаци, или барем да ги запомни, за да ги растолкува нејзиниот сопруг по будењето. Заради тие соништа научила да чита и да пишува, во секој град во кој застанувале учела по три букви, а кога ги научила сите, успеала да прочита во сонот: „Сè има свое време, и секоја работа под небото има свое време; време кога ќе се родиш, и време кога ќе умреш; време кога садиш, и време кога го корнеш насаденото; време кога се убива и време кога се лекува; време кога се урива и време кога се гради; време кога се плаче и време кога се смее; време кога се тагува и време кога се игра; време кога се расфрлуваат камења, и време кога се собираат камења; време кога се прегрнуваш и време кога се одбегнуваат прегратки; време кога се добива и време кога се губи, време кога се чува и време кога се растура; време кога се раскинува и време кога се сошива; време кога се молчи и време кога се зборува; време кога се сака и време кога се мрази; време за војна и време за мир.“ Кога се разбудила, Мор Алварес му кажала на нејзиниот маж што сонувала, но бидејќи веќе била заборавна, она што го запаметила изгледало како мртво тело кое веќе им било храна на мршојадци: „Сè има свое време, време кога ќе умреш, време кога го корнеш насаденото; време кога се убива; време кога се урива; време кога се плаче; време кога се тагува; време кога се расфрлуваат камења; време кога се одбегнуваат прегратки; време кога се губи, време кога се растура; време кога се раскинува; време кога се молчи; време кога се мрази; време за војна.“ Зборовите му зазвучеле познато на Исак, но тој не можел да се сети каде ги чул или прочитал. Оттогаш Мор Алварес веќе не сонувала, и престанала да праќа писма, се надевала само на тоа еден ден да се најде топол дом за нив – за децата Фернандо, Мигел, Марија Клара, за маж ѝ Исак и за неа. А одговорот на сите нејзини писма стигнал еден месец по нејзината смрт во Нант, Франција, во 1616 година. Одговорот се викал Сара и била ќерка на нејзиниот брат Габриел. Додека Сара му објаснувала дека татко ѝ и двајцата други браќа на Мор Алварес биле по тешки мачења убиени од инквизиторскиот суд, Мигел Деспиноса, тогаш тукушто преименуван во Мишел Д’Спиноса, гледал во отсуството на прстите на десната рака на неговата братучетка. Забележувајќи ја неговата збунетост, Сара ја подигнала обеспрстената рака во висина на неговите очи и рекла: „Ги отсекоа за да не можам да ги вртам страниците на ‘Талмудот’ што го најдоа под мојата перница“. Неколку дена подоцна, засекогаш заминувајќи од Нант, Мишел Д’Спиноса долго гледал од бродот кон пристаништето, сè додека не ја изгубил од вид обеспрстената рака на Сара како му мафта за збогум. Во Ротердам тој по трет пат добил име, Михаел Спиноза, кое го носеше до смртта, и во тој град имал претчувство дека Холандската Република ќе биде негово престојувалиште сè додека е на земјата. Еден ноемвриски ден 1622 година се преселил во Амстердам, и се оженил со Рахела, ќерка на неговиот чичко Авраам. На крајот од следната година им умрело првото дете пред да наполни осум дена, а во пролетта 1624 и второто при самото раѓање. Рахела потоа тешко се разболела и станувала се послаба и послаба, па наскоро, кога седнувала пред вратата од куќата, морала да става камења во џебовите за да не ја одвее ветрот. Умрела едно февруарско утро во 1627 година, а луѓето кои го капеле нејзиното мртво тело раскажуваа дека било полесно од крило на галеб. Михаел уште со самото доаѓање во Амстердам започнал да се занимава со трговија потпомогнат од неговиот чичко Авраам Спиноза. Една година по смртта на Рахела, Михаел Спиноза се оженил со Хана Девора Сењор, ќерка на Барух Сењор и Мариа Нуњес. Во 1629 година им се родила ќерката Мирјам, една година подоцна синот Исак, а на дваесет и четврти ноември 1632 година уште еден син.
Човекот кој ова декемвриско утро 1632 влегува во синагогата Бет Јаков е Михаел Спиноза, а осум дена старото дете кое го носи во храмот за да биде обрежано и да му биде дадено име сум јас. Во синагогата ќе ме запишат како Бенто Спиноза, така ќе ме викаат и дома и под тоа име ќе бидам трговец, како Барух ќе бидам запишан во училиштето Талмуд Тора, и на тоа име ќе му биде издаден херемот со кој ќе биде прогласено моето екскомуницирање од еврејската заедница, по херемот луѓето ќе ме викаат Бенедиктус, а сите имаат исто значење – благословен – првото на португалски, второто на хебрејски, третото на латински.
Животот, или она што се нарекува живот, а е почеток на умирањето, за мене започна од една точка. И пред тоа постоев, но не живеев, бидејќи животот започнува со првиот знак на смртта, а тој знак за мене беше таа точка. Пред неа, пред тој знак на смртта, постоеја мириси и вкусови, постоеја звуци, постоеја допири и форми и бои, но сето тоа не беше поврзано, сето тоа беше едно извивање, сето тоа беше еден круг кој навестуваше бескрајно траење, а не отсечка со свој почеток и свој крај.
Пред да почне таа отсечка, додека сè уште постоев во кругот, се случуваа и нешта за кои други сведочат, и на кои јас не се сеќавам. Дојдов на овој свет на 24 ноември 1632 година; осум дена по раѓањето го добив името Бенто, а подоцна ме викаа и Барух и Бенедиктус, а сите три имиња имаа исто значење – благословен, иако за мојот живот можеби посоодветно би било моето презиме, кое доаѓаше од португалскиот збор espinosa – трн. Да се биде благословен трн, или благословен меѓу трњето, да се благословуваат трњето или пак благословениот да се фрли во трње.

2018-08-21T17:21:37+00:00 јули 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 37|