Кратки раскази

Кратки раскази

„Месечева песна“
„Последната вечера“
„Мирис на рози“


„Мирис на рози“

Шолјата на Деби стоеше на ноќната масичка негибната. Да не ја разбуди, Хенри на врв од прстите излезе од спалната соба во млечно сивата светлина. Го вклучи чајникот, нејзиниот омилен син чајник почна да врие, потпирајќи се многу блиску до радијаторот да си ги стопли коските. Чајот го сакаше изгор врел; таа го оставаше долго да стои. Некогаш тоа го тревожеше. Таа ќе се насмевнеше и како облак ќе поминеше покрај него.

„Секој по свое, Хенри. Живеј и остави да живеат, драги.“

Го испи чајот, ги свлече валканите тренерки како змија кожата и рипна во тушот. Облекувањето му одзеде повеќе време од обично. Рацете му се тресеа додека ја запетлуваше кошулата. Благ тремор; ништо страшно, се контролира. Потоа, стоеше пред огледалото во претсобјето цели пет минути годејќи го работниот израз на лицето, изразот „Спремен сум за светот“.

Чајот на Деби се олади, се фати танка кафеава скрама како набрчкана кожа. Доаѓаше во искушение да ја викне по име, да покаже на шолјата, да проговори неколку добро одбрани зборови на својата жена. Зеде здив и дозволи да му помине поривот. На покривот тивко паѓаше снег. Радијаторот воздивна.

Секој по свое, Хенри. Живеј и остави да живеат, драги

Го запетла патентот на џакетот, зачекори во крцкавата снежна покривка и внимателно ја затвори вратата зад себе.

На состанокот на персоналот луѓето му се обраќаа со тивок глас, третирајќи го како кршлива Минг вазна или Едо сервис за чај во музејска збирка. Лили му донесе кафе на неговата работна маса. Џулијан кружеше околу неговиот стол за време на ручекот, правејќи несмасни обиди да изнајде прави зборови и да ги поврзе во комплетни реченици. Сите, почнувајќи од госпоѓа Пирс, напернатата директорка која на состаноците од височина му се обраќаше, до Пит, момчето кое ја распределуваше поштата кое постојано беше со затки во ушите, сите кои работеа со него или се разминуваа во ходниците послани со теписи, го прашуваа како се чувствува.

На секој што ќе го прашаше му одговараше дека е добро. Добро се чувствуваше. Одвај чекаше да се врати дома да ѝ каже на Деби како сите тие се грижат за него, го стивнуваат гласот, кимаат со глава, чекорат на прсти, небаре тој е богот на болката.

Вечерата беше кога тој ќе ѝ кажеше каков му е денот. Таа секогаш имаше спремна приказна да ја сподели со него за нејзините часови по пијано – учениците ја јадосуваа, ја растажуваа, ја правеа да биде многу горда. Им ги знаеше имињата. Знаеше кој најдобро го свири Шопен и на кого Моцарт му задава мака. Се колнеше дека нема омилени меѓу нив. Знаеше дека тоа не е вистина.

Не остануваа долго навечер. Не беа ноќни птици. Околу 11, Деби ќе се вовреше во светлоцрвената ноќница, свиткана под јорганот, го чекаше да ѝ се придружи. Миризба на ноќна крема, миризба на рози лебдат во спокојот, чекаат да го поздрават како пријателски дух кога тој ќе влезе.

Превод: Катица Гароска Ацевска

АвторВенита Мокил
2020-12-23T17:43:01+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 133 - 135|