Кратки раскази

Кратки раскази

„Месечева песна“
„Последната вечера“
„Мирис на рози“


„Последната вечера“

Надим ја вдишува миризбата од вечерата на неговата мајка – роган џош[1] како крв црвена боја врие на шпоретот, лебот, постепено добива кафена боја на печката во боја на килибар.

Есента се чувствува во воздухот: небото е сјајно, лисјата на чинарот добиваат златна боја, килим од лисја под нозете. Војниците кои логоруваат надвор во овоштарниците палат огнови да се стоплат по зајдисонце. Сјајни пламени, цела ноќ, низ Кашмир.

Ами му ја полни чинијата на Надим, не зборува многу. На четириесет и три години, косата ѝ е побелена. На челото сплет од брчки, секоја … тага.

„Шукрија“ вели тој, изненадувајќи ја со прегратка. Мрази близок контакт, но тој ѝ должи една последна прегратка.

Ами се свива како погодена од куршум. Ништо не вели. Зборовите небаре ја напуштиле.

Јадат молкум. Потоа, Ами вари кафе за обајцата. Кафето е горчливослатко, бадемите што таа ги реже со хируршка прецизност, како облаци се вијат на дното од неговата шолја. Шолјата е напукната исто како и лонецот и котелот во кујната. Војниците пукаат во сè – во лонци и тави, во птиците рибарчиња што ниско летаат над езерата, во лососот што плива спротиводно, во децата што играат фудбал на полјаните. Првиот пат се втурнаа во куќата, Аба го измолкнаа надвор. Следниот пат, дојдоа по брат му Џавид, најумниот, локалниот миленик. Каде ги одведоа? Кога ќе се вратат? Дојдоа две лета, две зими заминаа. Желни за вести, Ами и Надим беа небаре скаменети. Надим ги свиткува ракавите додека го шмрка кафето, погледнува на часовникот, одбегнувајќи го погледот на Ами. Поминаа два часа. Луѓето ќе го пресретнат на полноќ, ќе го прокриумчарат преку опасните планински премини, ќе се уверат дека жив ја минал границата. Од другата страна, го чека судбината: пушка, должност, одмазда. За Ами, за Аба и за Џавид, со прстот на чкрапалото, праведно или не.


[1] Роган џош: јадење со јагнешко или јарешко месо, типично за регионот на  Кашмир (заб. на превед.)

АвторВенита Мокил
2020-12-23T17:43:01+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 133 - 135|