Извадок од романот „Се викам Дамјан“ од Сузана Тратник

/, Литература, Блесок бр. 128/Извадок од романот „Се викам Дамјан“ од Сузана Тратник

Извадок од романот „Се викам Дамјан“ од Сузана Тратник

TERRA ROSSA

Зошто Дамјан тепа филозофи и гледа црвени стравови. И Роки веќе го има плеснато, онака, за секој случај. – Како ѝ го кажа на Нела вистинското име, а никој да не му го штити грбот. – Освен тоа, секое писмо има почеток и крај. – Како препозна вештерка и научи лекција по географија. – Клошари и господа од раѓање. – Запоставени деца има повеќе одошто крошни од дрвја. – Што значи да се има цврсти факти и резерва во период на романтика. – И зошто лотаријата е подобра од училиштето.

Во групата сè уште сите се справуваат со мене, сè на мене им се чини чудно и цело време сакаат да ме фатат на нешто. Постојано мислат дека има нешто во заднина, во она што не си им го раскажал, како да не го чуле она што си им го раскажал. А јас секогаш го кажувам она што го кажувам и кој верува – верува, а кој мисли дека лажам нека мисли така. Последниот пат директно го прашав Владо уште колку време ќе седам тука. А тој се насмеа и ми рече дека тоа зависи од мене, а не од моите дома или од некој друг. Па не сум глупав; добро знам кој ме пикна во ова срање: моите. Потоа ми рече и дека колку што повеќе прашувам уште колку долго ќе бидам тука, толку подолго ќе седам во групава. Колку љубезно од негова страна. Никој ли не може да ми каже отворено што правам овде и што да направам за да му дојде крајот на тоа?

Никогаш не сум бил од оние што филозофираат; и во друштво секогаш ми пречеше кога некој ќе почнеше да филозофира и да се прави паметен. Секој нека каже отворено што мисли и готово. Се сеќавам дека еднаш во една кафеана еден мој другар кој беше пијан ме удри. Да, тоа беше Брине, веќе го имам споменато. Ме удри тукутака, ја испружи раката преку маса и ме влепи без причина. Знаев дека не е само пијан туку и дека нешто во главата му се има сериозно мрднато. Затоа не ми ни падна на памет да му вратам, можеше и да ме убие. Ми беше јасно дека ќе му биде жал кога ќе се отрезни, ама кај мене доби голем минус. Потоа никогаш веќе не седнав на иста маса со него. Тешко му беше, ама му немаше помош, јас не простувам такви работи. Добро, сега тоа не е ни важно. Сакав само да кажам дека полесно поднесувам некој да ме удри одошто да ми филозофира на маса и да ми сере врз глава. Па јас излегувам за да се опуштам и меѓу народ да заборавам на проблемите, а не некој да ми се прави паметен, па да ми ја расипе вечерта и да ми ги продлабочи проблемите или да ме заморува со едни исти приказни. И Роки знаеше да ме изнервира, особено кога ќе го фатеше некоја повисока животна цел или смисла или што знам што, тогаш навистина беше жив ужас. Толку изучено брбореше, обично тогаш кога сакаше да им остави впечаток на нови познајници или кога беше заљубен. Или надуван. Во тие моменти би му ја скршил муцката. Се клештеше како лудак на секој збор што ќе го изустев. Самиот тврдеше дека не може поинаку зашто сè му се чини смешно, ама не можев да се ослободам од чувството дека по малку ми се сити и ми се потсмева. Немој да ми се потсмеваш, само тоа не смееш да го правиш, секогаш му велев. Ама Роки не беше секогаш доволно паметен. Очигледно дека одвреме-навреме мораше малку да наебе. И од мене има добиено ќотек.

Тоа се случи во диското. Таа ноќ не беше добра. Не бев во форма, најдобро ќе беше да си останев дома и да спиев. Не ни знаев што да правам во таа маса луѓе – баш таа ноќ имаше многу народ, а ни јас им одговарав ним ни тие мене. Всушност, јас на никого веќе не му одговарав, дури ни себеси. Знам зошто беше така; премногу пиев, сакам да кажам пиев веќе неколку дена по ред, пет или шест и веќе бев ептен начукан. Тогаш почнаа да ме обземаат стравови. Воопшто не знам од што ми е страв во такви мигови, но стравовите се толку страшни што воопшто не можеш да ги исплакнеш со пијачка; клукаат ли клукаат во главата. На Роки му реков дека ми се лоши, дека не можам повеќе да стојам на нозе, дека ми светка пред очи и дека гледам сè црвено пред себе. Ме фати подрака и ме тргна до ѕидот.

АвторСузана Тратник
ПреводЗорица Теофилова
2019-10-21T12:37:25+00:00 октомври 1st, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 128|