Приказни за другоста, идентитетот и домувањето

/, Литература, Блесок бр. 64/Приказни за другоста, идентитетот и домувањето

Приказни за другоста, идентитетот и домувањето

(постколонијално читање на романот Министерството на болката од Дубравка Угрешиќ)

Во тој миг, сите приказни беа мои.
Дубравка Угрешиќ: Министерството на болката

#1 Конституирајќи се најпрвин како преиспитување и критичко согледување на академскиот дискурс, т.е. на оние методолошки правци што претендираат на заокруженост, довршеност и систем, постколонијалниот пристап во литературата со текот на времето ќе се занимава со цела низа категории како што се: другоста, идентитетот, домот и домувањето, текстуализацијата на знаењето, меѓукултурните врски итн. Категоријата Другост е една од клучните категории со кои оперира постколонијалната критика.
Во својата студија Замислувајќи го Балканот, бугарската историчарка Марија Тодорова укажува дека востановувањето на оваа категорија е во врска со процесот на типификација; процес што постои уште во стара Грција – оние што зборуваат на неразбирлив јазик, старите Грци ги означуваат како варвари, како „други“. Типификацијата се базира врз чисто практични причини – таа е условена од нашата длабока внатрешна потреба за воспоставување значење и ред во светот. Настаните и феномените во светот се означуваат со категории што вршат групирање на истите тие настани и феномени. Се работи, како што наведува Марија Тодорова, за „именувачка активност“, која во себе ги содржи сознајноста и предвидливоста, но и редукционизмот.
Оттука, категориите Јас-Другиот се резултат на тој процес на типификација. Притоа, означителот Друг, во зависност од контекстот во кој се употребува, може да има различни означени. Тој Друг може да биде Балканот, но може да биде и Ориентот. Дека се работи поправо за еден процес на редукција и упростување, укажува Едвард Саид во своето култно дело Ориентализам: „Може ли некој да ја раздели човековата стварност, како што впрочем се чини дека навистина е поделена, на јасно одредени различни култури, истории, традиции, општество, дури и на раси, и последиците од тоа човечки да ги преживее?“1F
Во нешто поинаков контекст, пишувајќи за идеалот на паланката кон т.н. органска култура, Радомир Константиновиќ во студијата Филозофија на паланката, забележува: „Значи, туѓинското, е зло: 1) со самото тоа што е туѓинско (неорганско), и 2) тоа е зло бидејќи злото е секогаш туѓинско…“2F
Актуелната неоколонијалистичка поделба на Европа и Западен Балкан, на Ние и Тие, на цивилизирани и варвари е максимално тематизирана во романот Министерството на болката од Дубравка Угрешиќ. Раскажувачката (Тања Луциќ) во романот, со посредство на својата пријателка Инес, ќе успее да се вработи како професор по југославистика во Амстердам; нејзини ученици се емигранти, бегалци од поранешна Југославија, на возраст помеѓу 20 и 30 години. Раскажувачката ја употребува, низ целиот роман, присвојната заменска придавка „наши(те)“; со неа ја означува категоријата Другост. Еве како на почетокот од романот, раскажувачката ја фокализира категоријата Другост:
Нашите одеа наоколу со невидлива шлаканица на лицето. Го имаа оној посебен поглед откосо, „зајачки“, оној посебен вид напнатост во телата, онаа животинска замреност, која го душка воздухот околу себе небаре ќе определи од која страна доаѓа опасноста.3F
Студентите на Тања Луциќ, емигранти од Балканот, сосема се свесни дека, од перспектива на Холанѓаните, се обележани како Други:
Тука, во Холандија, се чувствуваа обележани како „странци“, „бегалци“ или „политички азиланти“, како „Балканци“, „примитивци“, како „деца на посткомунизмот“.4F
Развивајќи се во директна врска со имагологијата, една од компаративистичките дисциплини што се занимава со самиот процес на креирање слики, постколонијалниот пристап особено се занимава со таквите „миражи“, т.е. деформирани, екстремни претстави за еден регион, народ, или култура… 5F Една од наративните стратегии во романот на Дубравка Угрешиќ е токму таквото „поигрување“, „рециклирање“ на тие слики – како во однос на себе така и во однос на другите. Особено ползуван е методот на креирање автослики – слики што една група ги има за себе. Цело едно поглавје во романот е креирано како автослика што Балканците ја имаат за себе:
Ние сме варвари. Луѓето од нашето племе го носат на челата невидливиот жиг на Колумбовата заблуда. Ние патуваме западно и секогаш стигнуваме источно и, што позападно сме завлегле, тоа поисточно сме стигнале, нашето племе е проклето.6F
Раскажувачката известува дека, во новиот историски контекст, дури и хетеротопиите, т.е. исклучените/другите простори (лудница, затвор и сл.) станале прифатливи места за, каква-таква, егзистенција; го раскажува притоа случајот со една Босанка, која, соочена со можното депортирање назад во Босна, ќе побара да ѝ напишат лажен упат за психијатриска болница, па извесен период ќе живее таму.
Пишувајќи за базичните вредности на секоја човечка егзистенција, во својот есеј „Вредности, психологија и човечко постоење“, Ерих Фром укажува дека една од тие вредности е идентитетот: „Човекот, кој е оттргнат од природата, кому му е даден дарот на разумот и имагинацијата, има потреба да обликува идеја за себеси, има потреба да рече и почувствува: јас сум јас“.7F
Критикувајќи го традиционалното сфаќање на идентитетот, одредувајќи го како племенско, Амин Малуф ја застапува тезата за идентитетот како низа елементи, па во таа смисла зборува за „композитен идентитет“: идентитетот е збир на елементи и помеѓу тие елементи постои хиерархија. Во еден миг се наметнува еден елемент како доминантен, но во некој друг историски контекст, доминантен може да стане некој друг елемент. Притоа, Малуф го одредува идентитетот како динамичен процес, таков што е подложен на промени и не е статичен. Може, условно, да се зборува за хоризонтален и вертикален идентитет. Вертикалниот идентитет го сочинуваат оние елементи што потекнуваат од самата традиција, од религиската и националната припадност. Хоризонталниот идентитет, наспроти тоа, ги подразбира оние елементи што ги поседува индивидуата, а кои се во врска со современоста: начин на облекување, музички вкус, начин на живеење и сл. Ликовите во романот на Угрешиќ го имаат следниов вертикален идентитет:

Лик Вертикален идентитет
ДАРКО Хрват
ЛАКИ Хрват
МЕЛИХА Босанка
АНТЕ Хрват
БОБАН Хрват
СЕЛИМ Босанец
АНА Србинка
УРОШ Србин
ИГОР Србин
ЗОЛЕ Србин

#b
1. Edward W. Said, “Orientalism”, New York, Pantheon, 1978, p.45
2. Радомир Константиновиќ, „Филозофија на паланката“, Лист, Скопје, 2000, стр. 175
3. Дубравка Угрешиќ, „Министерството на болката“, Сигмапрес, Скопје 2005, стр. 19
4. Угрешиќ, стр. 54
5. Елизабета Шелева, „Културолошки есеи“, Магор, Скопје, 2000, стр. 90
6. Угрешиќ, стр. 213
7. Фром, стр. 326

2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 64|